(продолжува од претходниот ден) Проповедањето и учењето на неговата Реч е едно од средствата што ги посветил Бог за пренесување на светлината, а учењето на секој човек мораме да го проверуваме со помош на Светото писмо. Секој што ја проучува Библијата со молитва, со желба да ја дознае вистината за да може да ја послуша, ќе прими божествено просветлување. Тој ќе ги разбере Писмата. „Оној што сака да ја исполнува неговата волја, ќе знае…“ (Јован 7,17).

Последниот ден на празникот, слугите што ги пратиле свештениците и поглаварите да го уапсат Исуса се вратиле без него. Налутено биле прашани: „Зошто не го доведовте?“ Со свечен израз на лицето одговориле: „Никој никогаш не зборувал така како што зборува овој Човек.“

Неговите зборови ги смекнале нивните тврди срца. Додека зборувал во предворјето на храмот, тие биле во близина за да фатат нешто што би можело да се сврти против него. Меѓутоа, додека слушале, ја заборавиле целта заради која биле пратени. Стоеле како занесени. Христос ѝ се открил себеси на нивната душа. Го виделе она што свештениците и поглаварите не сакале да го видат човечката природа преплавена со славата на божествената природа. Тие се вратиле во толкава мера исполнети со оваа мисла, толку трогнати со неговите зборови, што на прашањето: „Зошто не го доведовте?“, можеле само да одговорат: „Никој никогаш не зборувал така како што зборува овој Човек.“

Свештениците и поглаварите се здобиле со исто уверување по својот прв допир со Христа. Нивните срца биле длабоко поттикнати и им се наметнувала мислата: „Никогаш ниеден човек не зборувал како овој Човек.“ Меѓутоа, осведочувањето на Светиот Дух го задушиле. Сега, налутени што дури и орудијата на законот потпаднале под влијание на замразениот Галилеец, извикнале: „Зар и вие сте заблудени?“ Поверува ли во него некој од старешините или од фарисеите? Туку овој џган што не го знае законот проклет е.

Луѓето на кои им се изнесува веста на вистината ретко се прашуваат „Дали е тоа вистина“, туку прашуваат „Кој станува во нејзина одбрана?“ Мнозинството луѓе веста ја ценат според бројот на оние што ја прифаќаат, па сепак, сè уште се поставува прашањето: „Дали поверува во него некој од учените луѓе или од верските водачи?“ И денеска луѓето не се повеќе наклонети кон вистинската побожност отколку што биле во Христово време. Тие во толкава мера се врзани за земните добра, што ги занемаруваат вечните богатства, и не е никаков доказ против вистината тоа што голем број луѓе не се подготвени да ја прифатат или што не ја прифаќаат големите луѓе во светот па дури ни верските водачи.

Повторно свештениците и поглаварите продолжиле да измислуваат начин како да го фатат Исуса. Се истакнувало дека, ако и понатаму биде оставен на слобода, ќе го одврати народот од поставените водачи и дека единствено сигурно решение е веднаш да го замолчат. Кога расправиите достигнале врв, одненадеж биле запрени. Никодим прашал: „Осудува ли нашиот закон некого ако најнапред не го сослуша и не дознае што прави?“ Собирот го прекрила тишина. Зборовите на Никодима допреле до нивната совест. Не можеле да осудат човек без да го сослушаат. Меѓутоа, горделивите поглавари не замолчале само поради оваа причина, без здив гледајќи го оној што се осмелил да зборува во име на правдата. Биле вчудо видени и разочарани што еден од нивната средина бил во толкава мера под влијание на Исусовиот карактер, што проговорил во негова одбрана. Откако се созеле од изненадувањето, со остра зајадливост му се обратиле на Никодима: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк не се појавил од Галилеја.“

Сепак, протестот ја запрел постапката на Советот. Поглаварите не можеле да ја спроведат својата намера и без сослушување да го осудат Исуса. Поразени за извесно време, „секој се врати дома, а Исус отиде на Маслинската гора“.

Од возбудата и од градската врева, од непредвидливото мноштво, од подмолните рабини, Исус се свртил кон тишината на маслиниците каде што можел да биде сам со Бога. Меѓутоа, рано изутрината се вратил во храмот и кога народот се собрал околу него, седнал и го поучувал.

Набргу бил прекинат. Му се приближувала група фарисеи и законици влечејќи со себе исплашена жена која со груб, јаросен глас, ја обвинувале дека ја прекршила седмата заповед. Туркајќи ја пред Исуса, му рекле со лицемерна почит: „Мојсеј во законот ни нареди таквите жени да ги каменуваме, а ти што велиш?“

Нивното претворливо уважување криело грижливо скован заговор за негово уништување. Цврсто решиле да ја искористат оваа прилика за да си обезбедат обвинување против него, сметајќи дека, без оглед на одлуката што ќе ја донесе, ќе пронајдат повод да го обвинат. Ако ја ослободи жената, би можеле да го обвинат дека го презира Мојсеевиот закон. Ако изјави дека заслужува смрт, би можеле да го обвинат пред Римјаните дека си ја присвојува власта што само ним им припаѓа. (продолжува)

Pin It on Pinterest