(продолжува од претходниот ден) На почетокот на оваа голема борба сатаната изјавил дека Божјиот закон не може да се држи, дека правдата не е во согласност со милоста и дека грешникот, во случај да го прекрши Божјиот закон, не ќе може да добие проштавање. Секој грев мора да биде казнет, истакнувал сатаната, па ако Бог ја проштава казната поради гревот, тој не е Бог на вистината и правдата. Додека луѓето го кршеле Божјиот закон и ја сквернавеле неговата волја, сатаната се радувал. Изјавил дека е докажано оти законот не може да се почитува и дека на човекот не може да му се прости. Поради тоа што по својот бунт е протеран од небото, сатаната тврдел дека човечкиот род засекогаш мора да биде лишен од Божјата наклоност. Тврдел дека Бог не може да му укаже милост на грешникот и да биде праведен.

Иако бил грешник, човекот се наоѓал во поинаква положба од положбата на сатаната. Луцифер згрешил на небото во светлината на Божјата слава. Нему, како на ниедно друго создадено суштество, му била откриена Божјата љубов. Сфаќајќи го Божјиот карактер и познавајќи ја неговата доброта, сатаната се определил да ја следи својата себична, независна волја. Овој избор бил конечен. Не постоело ништо повеќе што би можел Бог да стори за да го спаси. Меѓутоа, човекот е измамен, а неговиот ум затемнет со сатанските лукавства. Немал можност да ја запознае вистината и длабината на Божјата љубов. Само во познавањето на Божјата љубов за него имало надеж. Кај Бога би можел да се врати ако го набљудува неговиот карактер.

Божјата љубов им се објавила на луѓето преку Исуса, но милоста не ја укинала правдата. Законот ги открива особините на Божјиот карактер и ниедна цртичка или титла од него не може да се промени за да се прилагоди кон човекот во неговата падната состојба. Бог не го променил својот закон, туку заради човековиот откуп се жртвувал себеси во Христа. „Бог го миреше светот со себе во Христа“ (2. Коринќаните 5,19).

Законот бара праведност ­ праведен живот, совршен карактер, а ова човекот не може да го исполни. Тој не може да ги исполни барањата на Божјиот свет закон. Но Христос, доаѓајќи на земјата како човек, живеел свет живот и развил совршен карактер. Тој ова како бесплатен дар им го нуди на сите што сакаат да го прифатат. Неговиот живот е замена за човечкиот живот. На тој начин луѓето со Божјето трпение добиваат проштавање за минатите гревови. Повеќе од тоа, Христос ги исполнува луѓето со Божји особини. Тој го изградува човечкиот карактер според примерот на божествениот карактер, усогласувајќи ја духовната сила и убавина. Така во оној што верува во Христа се исполнува правдата на законот. Бог може да биде „праведен и да го оправдува оној што верува во Исуса“ (Римјаните 3,26).

Божјата љубов се покажува во неговата правда исто толку колку и во неговата милост. Правдата е основа на неговиот престол и плод на неговата љубов. Сатаната сакал да ја одвои милоста од вистината и правдата. Сакал да докаже дека правичноста на Божјиот закон е непријател на мирот. Меѓутоа, Христос покажал дека тие во Божјиот план се неразделно поврзани и дека едното не може да постои без другото. „Љубовта и верноста во пресрет ќе си појдат, правдата и мирот ќе се бакнат“ (Псалм 85,10).

Со својот живот и со својата смрт, Христос покажал дека Божјата правда не ја уништува неговата милост, дека гревот може да се прости, дека законот е праведен и дека во целост може да се држи. Така биле отфрлени сатанските обвинувања. Бог на човекот му дал необорлив доказ за својата љубов.

Почнала да се шири една друга измама. Сатаната изјавил дека милоста ја уништила правдата, дека Христовата смрт го укинала законот на Отецот. Кога би било можно да се промени или да се укине законот, Христос не би морал да умре. Меѓутоа, укинувањето на законот би значело овековечување на престапот, а светот да се стави под сатанска власт. Христос бил подигнат на крст само затоа што законот е непроменлив, затоа што човекот може да се спаси само со послушноста на неговите одредби. Тие средства, со чија помош Христос го воспоставил законот, сатаната ги прикажал како средства што го поништуваат. На тоа подрачје ќе се води последната голема борба меѓу Христа и сатаната. (продолжува)

Pin It on Pinterest