(продолжува од претходниот ден) Зборовите на Спасителот: „Блазе на оној кој не ќе се соблазни од мене“ биле благ прекор упатен до Јована. Тоа за него не било напразно. Сфаќајќи ја појасно природата на Христовата мисија, му се потчинил на Бога за живот или за смрт, за најдобро да му послужи на делото што го сакал.

Кога весниците си заминале, Исус на народот му зборувал за Јована. Сочувствителното срце на Спасителот се свртило кон верниот сведок, сега затворен во Иродовата темница. Тој не сакал да дозволи народот да заклучи дека Бог го напуштил Јована и дека неговата вера се поколебала во часот на искушението. „Што излеговте да видите во пустината?“ рекол Исус. „Трска ли, што ветрот ја лулее?“

Високата трска што растела покрај Јордан, повивајќи се на секое ветерче, била верна слика за рабините што стоеле како критичари и судии на задачата на Крстителот. Нив и во еден и во друг правец ги колебале ветриштата на омиленото народно мислење. Не сакале да се понизат и да ја прифатат веста на Крстителот што ги испитува срцата, а сепак, плашејќи се од народот, не се осмелиле отворено да ѝ се противат на неговата работа. Меѓутоа, Божјиот весник не бил толку плашлив. Мноштвото што се собирало околу Христа било сведок за работата на Јована. Ги чуле неговите бестрашни укори упатени против гревот. На самоправедните фарисеи, на садукеите, на царот Ирод и на неговиот двор, на кнезовите и војниците, на цариниците и селаните, Јован им зборувал со еднаква отвореност. Не бил трска што се лулее, повивајќи се на ветриштата на човечкото величење или предрасуди. Во затворот покажал иста верност кон Бога и ревност за правдата како и тогаш кога ја проповедал Божјата вест во пустината. Во својата верност кон начелото бил цврст како карпа.

Исус продолжил: „Што излеговте да видите? Човек облечен во мека облека? Ете, луѓето кои носат сјајна облека и живеат раскошно, се во царски дворци.“ Јован бил повикан да ги укори гревовите и неумереноста на своето време, и неговата едноставна облека и живот полн со самооткажување биле сообразени со карактерот на неговата задача. Богатата облека и раскошот на овој живот не се дел на Божјите слуги, туку на оние што живеат „во царски дворци“, на владетелите на овој свет на кои им припаѓа неговата сила и богатство. Исус сакал вниманието да го насочи кон спротивноста меѓу облеката на Јована и онаа што ја носеле свештениците и поглаварите. Овие големци се облекувале во богата облека со скапоцени украси. Сакале да се расфрлаат, со што се надевале дека ќе го засенчат народот и со тоа ќе изнудат поголемо уважување. Тие повеќе се труделе да предизвикаат восхит кај луѓето отколку да постигнат чистота на срцето што ќе ја одобри Бог. Со тоа покажале дека нивната верност не му припаѓа на Бога туку на царството на овој свет.

„Па тогаш што излеговте да видите?“, прашал Исус. „Пророк ли? Да, ви велам, повеќе и од пророк! Тој е оној за кого е пишано: ‘Еве, го праќам мојот гласник пред твоето лице, кој ќе го подготви твојот пат пред тебе!’ Ви велам: меѓу родените од жена нема поголем од Јована.“ Кога му го објавил Јовановото раѓање на Захарија, ангелот изјавил: „Ќе биде голем пред Господа“ (Лука 1,15). Според небесната оценка, што е тоа што ја сочинува големината? Не она што го смета светот за големина; не богатството или положбата, или благородното потекло или интелектуалните дарби сами по себе. Ако умната големина, сама по себе, без повисоките вредности, е достојна за почит, тогаш нашето признание треба да му припадне на сатаната, чијашто умна сила никогаш не ја допрел ниту еден човек. Меѓутоа, колку дарот е поголем, и колку повеќе се злоупотребува за задоволување себеси, тој станува поголемо проклетство. Моралната вредност е она што го цени Бог. Љубовта и чистотата се особини што Тој најмногу ги вреднува. Во Господовите очи Јован бил голем кога пред пратениците на Синедрионот, пред народот и пред своите ученици не побарал почести за себе и кога укажал на тоа дека Исус е Ветениот. Неговата несебична радост во Христовата служба претставува највозвишена благородност што кога и да било е откриена кај еден човек.

Оние што го чуле неговото сведоштво за Исуса, по неговата смрт посведочиле за него: „Јован не направи ниедно чудо, но сè што кажа Јован за овој човек е вистина“ (Јован 10,41). На Јована не му било дадено да повика оган од небото или да подигнува мртви, како што правел Илија, ниту вешто да ракува со силниот Мојсеев стап во Божје име. Бил пратен да ја огласи појавата на Спасителот и да го повика народот да се приготви за неговото доаѓање. Толку верно ја исполнил својата задача, што народот, кога си спомнал како ги учел за Исуса, можел да каже: „Сè што кажа Јован за овој човек е вистина.“ Такво сведоштво за Христа е повикан да даде секој негов ученик. (продолжува)

Pin It on Pinterest