МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 и 2 јануари: Посветен живот)
„Животот стои врз патеката на правдата, и на нејзиниот пат нема смрт.“ (Пословици 12:28; Библија)
Уште една нова година ги отвара своите чисти и неиспишани страници пред вас. Ангелот записничар стои подготвен да запишува. Од патот по којшто ќе тргнете во иднината, и од вашите секојдневни постапки, зависи што ќе биде запишано. Во деновите коишто се пред вас, својот живот можете да го направите добар или лош; и од вас ќе зависи, дали годината во која штотуку влеговте, за вас ќе биде среќна нова година. До вас е, да ја направите навистина среќна, и за себе, и за оние кои што ве опкружуваат.
Нека трпението, долгото поднесување, добрината и љубовта станат составен дел на вашето битие; тогаш сѐ што правите, и на она на кое денес му се посветувате, ќе биде чисто и убаво, а извештајот за вашето животно искуство ќе биде добар.
Божјите ангели се подготвени да ви го покажат патот што води во живот. Одлучете сега, на почетокот на уште една нова година, дека ќе го изберете патот на правдата, дека ќе бидете сериозни и искрени, и дека животот со вас нема да се покаже како грешка. Одете напред под водството на небесните ангели, бидете храбри, бидете претпазливи, нека свети вашата светлина во добри дела, за да може и за вас да бидат изречени вдахновените зборови: „Ви напишав, млади, зашто сте силни и зашто Божјото слово пребива во вас и зашто го победивте лукавиот.“ (1 Јованово 2:14; Библија)
Ако потполно Му се предадете на Христа, ќе ви бидат укажани сите права и предности во домот на Таткото како на член на Божјото семејство. Сите богатства на Божјата љубов и добрина, и на овој, и на оној свет што ќе дојде, ви се ставени на дофат. Службата и заштитата на Божјите ангели, дарот на Светиот Дух и залагањето на Неговите слуги, сѐ е, и за вас наменето. Светот со сето она што може да го даде во животот, доколку тоа може да ви послужи на добро, е ваше. Дури и непријателството на безбожниците, дисциплинирајќи ве за на небо, на крајот ќе се покаже како благослов. Ако „сте Христови“ „сè е ваше“. (1 Коринтјаните 3:21.23; Библија)