МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 и 2 јануари: Посветен живот)

„Затоа ве молам, браќа, заради Божјата милост, да ги принесете вашите тела во жива, света и угодна жртва на Бога, тоа да биде ваша разумна служба.“ (Римјаните 12:1; Библија)

Бог повикува со сета душа да се посветиме на Неговите патишта. Нашите најдобри сили и способности мораме грижливо да ги негуваме. Тој ни ги позајмил талентите кои ги имаме за да ги користиме правилно, а не да ги изопачуваме со злоупотреба. Со правилната употреба, тие треба да се умножат, за да можат да ја извршат намената што Бог им ја одредил.

Ние треба со сето свое битие да ѝ се посветиме на Божјата служба, трудејќи се таа жртва да ја направиме што е можно посовршена. Бог ќе биде задоволен само тогаш кога ќе му Го дадеме најдоброто што го имаме. Оние што го љубат со сето срце, сакајќи да Му го посветат најдобриот дел од својот живот, постојано ќе се трудат сите сили на своето битие да ги доведат во склад со природните закони, со тоа нивните умни и духовни способности, како и подготвеноста да ја вршат Неговата волја ќе бидат зајакнати.

Потребна е лична посветеност на Бога, а тоа не може да се постигне ако не се развива и не се одгледува светоста во срцето.

Нека секој ден вашата молитва биде: „Господи, направи ме потполно Твој. Сите свои планови ги ставам крај Твоите нозе. Употреби ме денес во Твојата служба. Остани со мене, и сето она што го правам нека биде водено од Тебе.“

Со потчинувањето на сите свои сили, Бог многу ги поедноставува животните проблеми и со тоа сме поштедени од многу судири со страстите на своето непрепородено срце. Верата е како златно јаже со кое, и младите, и старите, се врзуваат за Христа; таа сигурно ги води послушните до Божјиот град низ сите сплетки и нејаснотии што можат да се најдат на патот.

Колку пати ни биле откриени длабоките Божји тајни, и колку треба да бидеме благодарни за тие драгоцени предности! Блескавите зраци на небесната светлина го осветлуваат нашиот пат. Да го прифатиме и да го цениме секој зрак на светлина што ни се праќа од небото, така нашиот пат ќе биде осветлен сѐ повеќе и повеќе, додека не зазори во вистински ден.

Pin It on Pinterest