МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(27 – 31 декември: Сè ќе ни биде разјаснето)

„Браќа, јас уште не мислам дека го достигнав! Но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта: за наградата на горното призвание од Бога во Христа Исуса.“ (Филипјаните 3:13.14; Библија)     

Денес се завршува уште една година од твојот живот. Со какви чувства можеш да се осврнеш на својот живот во изминатава година? Дали напредуваше во вистинската побожност и духовните достигнувања? Дали имаше успех во совладување и распнување на своето „јас“, на своите телесни склоности и страсти? Дали беше повеќе заинтересиран од порано за проучување на Божјото слово? Дали добиваше одлучни победи над своите емоции и над склоноста тајно да ја спроведуваш само својата волја? О, каков ли е извештајот за твојот живот во годината којашто сега си заминува во вечноста и во неповрат?     

Навлегувајќи во новата година, најсесрдно одлучи дека во својот иден духовен живот ќе одиш само напред и само нагоре. Нека твојот живот биде повозвишен и поблагороден отколку што беше до сега. Постави си себеси за цел дека од сега па понатаму нема да бараш задоволства и лични интереси, туку дека ќе го  потпомагаш напредокот на Христовото дело. Немој да остануваш во ситуација постојано да мора да ти се помага, и да мораат другите да те чуваат за да се одржиш на тесниот пат. Мораш да бидеш цврст за да можеш да имаш спасоносно влијание над другите. Нека во твојата душа се разбуди благородно интересирање да им правиш добро на другите, да ги тешиш неволните, да ги крепиш слабите и да сведочиш за Христа секогаш кога за тоа ќе ти се укаже можност. Нека животна цел ти биде во сѐ, секогаш и на секое место да Го прославиш Бога. Користи ја својата вера во сето она со кое што ќе се зафатиш.      

Припремај се за вечноста многу поревносно отколку било кога до сега. Учи се да ја сакаш Библијата, молитвените состаноци и побожните размислувања, а повеќе од сѐ друго, миговите за разговор на душата со Бога. Размислувај само за она што е небесно ако сакаш да се соединиш со небесниот хор во горните дворови.    

Ангелот записничар сврте нова страна во книгата на твојот живот. Нека извештаите, кои ќе бидат верно внесени, бидат такви што нема да мораш да се срамиш кога ќе бидат откриени пред ангелите и луѓето.

Pin It on Pinterest