МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(9 – 15 август: Одете по Христовиот пат)

„И ги испрати да го проповедаат Божјото Царство и да исцелуваат болни.“ (Лука 9:2; Библија)

Својата пренослива болница Христос често ја отварал на зелените падинки на галилејските брегови и на секое слично место каде болните и напатените можеле да Му пријдат или да бидат донесени пред Него. Во секој град, во секое маало и во секое село низ коешто ќе поминел, Тој со татковска нежност и сочувство ги ставал Своите раце на болните и ги исцелувал. Тоа исто дело, Христос како задача, ѝ го оставил и на Својата Црква.

И кога, пред крајот на Својата овоземска мисија, на Своите ученици им го оставил свечениот налог: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието“, Тој нагласил дека нивната служба ќе биде потврдена и со исцелување на многу болни. „Ќе полагате раце на болни“, рекол Тој, „и тие ќе оздравуваат.“ (Марко 16:15.18; Библија) Исцелувајќи ги луѓето од телесни болести во Негово име, тие сведочеле за Неговата сила којашто може да ја исцели и душата.

Налогот на Спасителот даден на учениците се однесува на сите верници до свршетокот на векот. На светот никогаш не му било толку потребно поучување и исцелување како што е денес. Светот е преполн со такви на кои им е потребна помош, такви коишто се чувствуваат слаби, беспомошни, неупатени и понижени.

Припадниците на Божјиот народ треба да бидат вистински здравствени мисионери. Тие мора да се научат да служат на потребите на телото и душата. Тие треба да ја познаваат правилната примена на едноставните природни средства со кои во голема мера можат да се ублажат болките и да се спречат болестите. Тие мора да бидат добро запознати со начелата на здравствената реформа, за да можат и на другите да им покажат, како со добрите навики во јадењето, пиењето и облекувањето, може да се спречи болеста и да се обнови здравјето. Големиот лекар ќе го благослови секој оној што искрено и со вера ќе тргне напред, тежнеејќи вистината за ова време да им ја пренесе и на  другите. Исцелувањето од болестите е во една посебна смисла наша задача.

Pin It on Pinterest