МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(9 – 15 август: Одете по Христовиот пат)

„Зашто и Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи.“ (Марко 10:45; Библија)

Да се има можност да се посетат местата каде што престојувал Христос додека бил на земјава, да се оди по патот по кој Тој некогаш пешачел, да се набљудува езерото на кое Тој често, со задоволство, проповедал, и бреговите и долините на кои Неговиот поглед така често се одмарал, мнозина тоа го сметаат за посебно голема предност. Меѓутоа, за да одиме по Христовите стапки, не е потребно да се оди во Назарет, Капернаум или Витанија. Неговите стапки можеме да ги најдеме покрај болничката постела, во сиромашните колиби, во пренатрупаните улици на големите градови, и на секое место каде некое човечко срце копнее за утеха.

Милиони човечки души, кои се во окови на незнаење и ги чека вечна пропаст, никогаш не слушнале за Христовата љубов кон нив. Да сме во нивна положба, а тие во наша, што би сакале тие да направат за нас? Наша најсвечена обврска е да направиме за нив сѐ што е во наша моќ. Христовото правило според кое секој од нас ќе може да опстане или да пропадне на судот, гласи: „Сѐ што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие така.“ (Матеј 7:12; Библија) Спасителот го положил Својот драгоцен живот за да основа Црква која ќе може да се грижи за кутрите души изложени на постојани искушенија. Една група на побожни верници, можеби сиромашни, необразовани и неистакнати, може со Христова помош, во семејството, во соседството, па дури и на некое поодалечено место, да изврши такво дело чии последици ќе бидат далекусежни како вечност.

Затоа што оваа задача се занемарува, мнозина од младите ученици во своето христијанско искуство немаат отидено подалеку ниту од своите први букви на азбуката. Залагајќи се за оние на кои помошта толку многу им е потребна, тие, во своето сопствено срце, би ја разгорувале онаа светлина која им заблескала кога Христос им проговорил: „Ти се простуваат твоите гревови.“ (Марко 2:5; Библија) Неуморната сила што за младите толку често претставува извор на опасност, може да се насочи во канали кои се влеваат во реката на благословите. Тогаш во искреното залагање за доброто на другите, сопственото „јас“ би било потполно заборавено.

Pin It on Pinterest