МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(11 – 17 октомври: Бог во мојот живот)

„А Господ е вистински Бог, Тој е жив Бог и вечен Цар. Тој ја создаде земјата со Својата сила, со својата мудрост ја утврди вселената.“ (Еремија 10:10.12; Библија)

„Моето присуство ќе биде со тебе“, гласеше едно од Божјите ветувања што му беа дадени на Мојсеј во текот на патувањето низ пустината. Ова сигурно Божје ветување, пропратено со чудесно покажување на карактерот на Бога, го оспособило Мојсеја уверливо да им зборува на Израелците за Божјата добрина, давајќи им така исцрпни упатства за својствата на нивниот невидлив Цар.

До самиот крај на својот живот исполнет со стрпливо залагање за Израелевите синови, Мојсеј не престанал да ги бодри и опоменува, насочувајќи го нивниот поглед на нивниот божествен Водач. Со колкава доверба Мојсеј ги уверувал Израелците дека главните особини на Бога се милоста и добрината? Колку само пати, во текот на мачното задржување во пустината, се залагал пред Бога за припадниците на својот народ што грешел, и Господ им ја продолжувал својата милост.

Во своите молитви, овој пророк се повикувал на чудесното Божјо провидение и на Неговите ветувања дадени во корист на избраниот народ. А потоа, како на најсилниот од сите аргументи, се повикувал на Божјата љубов кон паднатиот човек. „Те молам, прости го беззаконието на овој народ според сета своја милост, како што му простуваше на овој народ од Египет па сѐ до сега.“

Господ милостиво одговорил: „Простувам заради твојот збор.“ (Броеви 14:19.20; Библија) А потоа на Мојсеј во облик на пророштво му било дадено сознанието за Божјата намера во поглед на конечниот триумф на Неговиот избран народ. „Како што навистина живеам“, рекол Тој, „целата земја ќе се исполни со славата на Господа.“ Божјата слава, Неговиот карактер, Неговата добрина, милоста и љубовта – сето она на коешто се повикувал Мојсеј залагајќи се за Израелскиот народ – треба да му се открие на целиот човечки род. Ова ветување на Бога било двојно загарантирано, било потврдено и со заклетва. Како што е сигурно дека Бог живее и владее со висините, така е сигурно и дека Неговата слава ќе биде објавена меѓу сите народи во светот.

Pin It on Pinterest