МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(12 – 18 јули: Дружељубивост во семејството)

„Тој ќе ги обрне срцата на татковците кон синовите, а срцата на синовите кон татковците.“ (Малахија 4:6; Библија)

Враќајќи се од секојдневната работа, таткото не треба проблемите и тешкотиите коишто често го збунуваат да ги внесува во своето семејство. Домот и семејството за него треба да бидат премногу свети за да ги оптоварува со такви несреќни чувства. Кога излегува од куќата, тој не треба да го напушта својот Спасител и својата вера, кои секогаш треба да бидат негови нераздвојни сопатници. Слаткото влијание на домот, молитвата на неговата сопруга и љубовта на неговите деца можат да го олеснат неговото животно бреме, и тој тогаш се враќа расположен и со смирено срце, со охрабрителни зборови, и за сопругата, и за децата, кои радосно и со добредојде го очекуваат неговото доаѓање.

Таткото треба да наоѓа задоволство и пријатна промена во тоа што некое време ќе биде со своите деца. Тој тогаш може да ги одведе во градината и да им ги покажува пупките како се отвараат во разновидни и разнобојни цветови. Тоа е можност во нивните мисли да им го втисне фактот дека Бог, Кој толку прекрасно се грижи за дрвјата и цвеќето, далеку поголемо внимание и грижа им поклонува на човечките суштества создадени според Неговото обличје. Така може да ги наведе од малечки да ја сфатат Божјата намера, децата да бидат милни, но не поради вештачките украси, туку поради убавината на карактерот, добрината и љубовта, што нивните срца ќе ги исполни со радост и среќа.

Доколку своите умови ги задржат на она што е вистинито, срцето нема да може а да не почувствува стравопочит кон Творецот и тогаш тие ќе Го слават.

Ако сакате своите деца да ги привлечете кон Христа, не смеете во куќата да влегувате лути и со намуртено чело. Ако од работа доаѓате уморни и исцрпени, молете Му се на Бога за Неговата милост и спокојството на Неговиот Дух за да ви го омекне срцето со нежност, а устата да ви ја исполни со зборови на љубезност и утеха. Приврзете ги своите деца кон своето срце. Препорачајте им ја својата вера со нејзината привлечност и убавина.

Pin It on Pinterest