МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(12 – 18 јули: Дружељубивост во семејството)

„Да се навестува Твојата љубов наутро и Твојата верност ноќе.“ (Псалм 92:2; Библија)

Христовата вера нѐ наведува да му правиме добро на секому, на големите и на малите, на богатите и на сиромашните, на среќните и несреќните. Но, таа нѐ учи, пред сѐ, да покажуваме љубезност и добрина во сопственото семејство. Вистинската вера се огледува во постапките на учтивост и љубов кон таткото, мајката, сопругот, сопругата и децата. Ние треба да гледаме на Исуса, да бидеме проникнати со Неговиот Дух, да живееме во светлината на Неговата љубов и добрина, и Неговата слава да им ја прикажуваме на другите.

Оние коишто се поврзани со природни врски на сродство, имаат право најмногу да очекуваат едни од други. Во своите меѓусебни односи тие треба да покажуваат најнежна љубов.

Благородните манири, пријатните разговори и љубезните постапки ќе ги поврзат срцата на децата со нивните родители и ќе го направат домот попривлечен од најскапоцените орнаменти. Взаемната љубезност и обостраното попуштање го претвораат домот во рај на земјата и ги привлекуваат ангелите во семјниот круг, но ангелите бегаат од куќата во којашто се слушаат непријатни зборови и кавги.

Најсигурни правила за меѓусебно општење, и во семејството, и во општеството, треба да ги бараме во Светите Списи – Библијата. Беседата на нашиот Спасител на Гората содржи упатства од непроценлива вредност, и за старите, и за младите. Тие поглавја од Евангелието треба често да се читаат во семејниот круг, и да се применуваат во секојдневниот живот како најдрагоцени поуки. Златното правило: „Сѐ што сакате да ви го прават луѓето, правете им го и вие ним“, треба да биде закон во семејството. Оние коишто негуваат Христов дух, секогаш ќе бидат учтиви и примерни во семејството. Тие секогаш ќе тежнеат сите околу себе да ги направат среќни. Во својата љубезност кон другите, тие потполно забораваат на себе. Христијанската учтивост е златна алка којашто членовите на семејството ги соединува во љубов, така што тие секојдневно стануваат сѐ поблиски и сѐ појаки.

Pin It on Pinterest