МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(12 – 18 јули: Дружељубивост во семејството)

„Туку кога даваш гозба, повикај ги бедните, сакатите, хромите и слепите.“ (Лука 14:13; Библија)

Бог не е задоволен од себичното интересирање кое толку често се покажува само за себе и за своето семејство. Оние коишто себично се затвараат во себе, коишто не се волни на другите да им укажат гостопримство, на тој начин се лишуваат од многу благослови.

Мнозина има такви за коишто нашиот дом би можел да претставува вистински благослов. Кога сакаме некого пријателски да го угостиме не треба да се раководиме според обичаите на овој свет, туку според Христовиот Дух и според учењето на Неговата Реч. Израелците за своите годишни празници ги повикувале сиромасите, дојденците и левитите, коишто им помагале на свештениците во светата служба, и делувале меѓу народот како учители и мисионери. Таквите, народот ги сметал за свои гости кои секогаш со задоволство биле примани. Таквите и денес би требало да наидат на топло добредојде во нашиот дом. О, колку таквото внимание би можело да развесели и охрабри некоја пожртвувана негувателка којашто работи како мисионер или учител, некоја мајка оптоварена со грижи и тешка работа, или некоја изнемоштена старица, коишто често се без покрив над главата, и коишто мораат да се борат со сиромаштијата и многу непријатности што ја обесхрабруваат душата.

Топлите зборови на добредојде и радосниот дочек, едно место покрај вашето огниште и покрај вашата трпеза, предимството со вас да учествуваат во благословите на молитвените часови, за мнозина такви би било како да гледаат директно во небото.

Нашето сочувство треба да се разлие преку границите коишто ги подигнала себичноста и тесниот круг на семејните ѕидови. Драгоцени можности им се укажуваат на оние коишто својот дом сакаат да го претворат во благослов и за другите. Општественото влијание претставува чудесна моќ, со која сите ние можеме да се користиме во настојувањето да им помогнеме на другите.

Времето коешто ни е дадено во овој живот е многу кратко. Преку овој свет можеме само еднаш да поминеме; затоа да настојуваме во животот сѐ да направиме најдобро што можеме.

Pin It on Pinterest