МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(15 – 21 ноември: Оние што ќе победат)

„Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Имате неволја во светот; но бидете храбри – Јас го победив светот.“ (Јован 16:33; Библија)

Кога требало да ги превземе последните чекори на Своето понижување, кога Неговата душа ја обземала најдлабока тага, Христос им рекол на Своите ученици: „Доаѓа кнезот на овој свет, тој нема ништо во Мене.” (Јован 14:30; Библија) Со пророчко око Христос ги согледал призорите коишто ќе се случуваат во последниот голем судир. Знаел дека, кога ќе извика: „Се сврши“, целото небо ќе триумфира. До Неговото уво како веќе да допирала далечна музика и победнички извици од небесните дворови. Знаел дека на сатанското владеење ќе му одѕвони посмртното ѕвоно, а името Христос ќе се слави и ќе се воздига од свет до свет низ целиот универзум.

Христос се радувал што за Своите следбеници може да направи повеќе од она што тие можат да побараат, па дури и што можеле да си замислат. Зборувал со цврста самодоверба, знаејќи дека одлуката на Семоќниот била донесена уште пред да биде создаден светот. Знаел дека вистината, наоружана со силата на Светиот Дух, ќе победи во борбата против злото и дека испрсканото со крв знаме триумфално ќе се развее над главите на Неговите следбеници. Знаел дека животот на Неговите верни ученици, слично на Неговиот живот, ќе биде низа од постојани победи, коишто овде нема да бидат сметани како такви, но кои како такви ќе бидат признаени во големата иднина.

„Во светот ќе имате неволји“, нагласил Исус, „но бидете храбри – Јас го победив светот.“ (Јован 16:33; Библија) Христос не бил победен ниту пак изгубил храброст, затоа и Неговите следбеници треба да покажуваат исто таква вера. Какви и сѐ привидни невозможности да се испречат на нивниот пат, тие треба да одат напред со Неговата милост. Тие треба да имаат сила да му се спротивстават на злото, сила којашто нема да ја совлада ни земјата, ни смртта, ниту гревот, сила којашто ќе ги оспособи да победат како што победил Христос.

Сатаната се плаши и бега и од најслабата душа којашто ќе побара прибежиште во моќното име Христово.

Pin It on Pinterest