МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(3 јануари: Осветување во мојот живот)

„Сине мој, дај ми го своето срце и нека твоите очи внимаваат на моите  патишта.“ (Пословици 23:26; Библија)

На секого од вас поединечно Господ му вели: „Сине мој, дај ми го своето срце.“ Тој го гледа вашиот немир и вашата растроеност. Тој знае дека вашата душа ви е заболена со грев, и сака да ви ги упати овие прекрасни зборови: „Ти се опростуваат гревовите.“ (Лука 5:20; Библија) Големиот лекар има лек против секоја болест. Тој во потполност го разбира вашиот случај. Какви и да се вашите заблуди и грешки, Тој знае каков лек е потребен. Зарем ќе ја испуштите можноста да Му се доверите?

Секоја душа што во потполност ќе Му се посвети на Бога, ќе ја следат Неговите благослови. Кога го бараме Бога со сето срце, ние ќе Го најдеме. Бог сака ова да го сфатиме сериозно и во тоа да одиме до крај. Тој ни го дал целото небо во еден дар, затоа не постои причина за да би се сомневале во Неговата љубов. Погледнете на Голгота…

Бог од вас бара да Му го дадете целото свое срце. Вашите сили, вашите таленти, вашите чувства, сѐ треба да биде посветено Нему, за Тој да може да делува во вас, да сакате и да постапувате според Неговата волја, и да се удостоите со вечен живот.

Кога Христос живее во срцето, душата толку многу ќе биде исполнета со љубов кон Него, и со радост поради непрекинатото одржување на врската со Него, што потполно ќе се прилепи кон Него; и во постојаното размислување за Него, сопственото „јас“ ќе биде потполно заборавено. Љубовта кон Христа ќе биде извор на секоја постапка. Оние коишто чувствуваат дека ги води љубовта кон Христа нема да настојуваат во покорувањето на Божјите барања што помалку да се жртвуваат, ниту ќе бараат мерилото на должноста да се спушти што пониско, туку ќе тежнеат кон совршено покорување на волјата на својот Искупител. Тие со најголема желба ќе Му се доверуваат во сѐ, искажувајќи интересирање сразмерно на важноста и значењето на целта кон која што тежнеат.

Дух на потчинетост, на потполно предавање и подготвеност да се биде поучуван, тоа е она што Бог го бара од човекот. Она што на молитвата ѝ ги дава нејзините вистински одлики е фактот дека таа диши со љубов и покорност на срцето.

Pin It on Pinterest