МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(20 – 26 декември: Активности во идниот живот)

„Кај пророците е напишано: ‘Сите ќе бидат научени од Бога.’“ (Јован 6:45; Библија)     

Во Христовото училиште студентите никогаш не престануваат да учат. Тоа еднакво се однесува и на старите и на младите. Оние кои примаат поуки од Божествениот Учител постојано напредуваат во мудроста, усовршувањето и облагородувањето на душата, подготвувајќи се за премин во вишата школа каде учењето ќе се продолжи низ сета вечност.     

Да се живее засекогаш во татковината на благословите, да не се носат во душата, телото и духот никакви траги на проклетството, туку совршениот лик на нашиот Творец, и да се напредува во мудроста, знаењето и светоста низ бескрајните векови, да се истражуваат секогаш нови области, да се изнаоѓаат нови чудеса и нови убавини, и во сето тоа да се наоѓа встинско уживање, знаејќи дека над сето тоа сè уште останува бесконечност – тоа е целта кон која христијанинот ги насочува своите надежи.    

Лично Христос ќе биде Тој што во идниот свет ќе ги води спасените покрај реката на животот, поучувајќи ги со прекрасните вистини, и откривајќи им ги тајните на природата. Дури тогаш ќе сфатат како Творецот со Својата рака ги одржува световите во просторот. Ќе ги набљудуваат умешностите со кои Големиот Уметник го обоил полското цвеќе, и ќе ги сфатат намерите на милостивиот Татко изразени во секој зрак на светлина што ја праќа на овој неблагодарен свет. Заедно со светите ангели, спасените преку песни на благодарност ќе ја возвеличуваат неизмерната Божја љубов, сфаќајќи ја во потполност вистината на Евангелието дека „Бог толку го возљуби светот што го даде Својот единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.“ (Јован 3:16; Библија)     

Христос пред восхитениот ум на спасените ќе ги отвори богатите ризници на неисцрпното знаење, и ќе ги размрси и оние тајни во Божјото провидение кои во овој живот не сме во можност да ги сфатиме.     

Овде мораме да стекнеме воспитување кое ќе нè оспособи да бидеме со Бога низ бескрајните векови. Започнатото воспитување на оваа земја ќе се усовршува на небото, всушност само ќе поминеме на повисок степен на образование.

Pin It on Pinterest