МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(20 – 26 декември: Активности во идниот живот)

„Тие одат по Јагнето, каде и да оди. Тие се откупени меѓу луѓето, како првенци на Бога и Јагнето.“ (Откровение 14:4; Библија)  

На истражувачкиот ум на искупените, секогаш желен за нови сознанија, ќе му бидат отворени сите богатства на вселената. Ослободени од оковите на смртта, тие со неуморен лет ќе се вивнат во далечните светови, светови кои набљудувајќи ги глетките на човечката несреќа биле длабоко трогнати, а одѕвонувале со песна на радост на секоја вест дека некоја душа е спасена. Со неискажано уживање ќе се запознаваат со радоста на земските деца и со животната мудрост на оние суштества кои никогаш не паднале, делејќи ги богатствата на науката и сознанијата кои овие суштества ги стекнувале со векови, проучувајќи ги Божјите дела. Со сетилата, непоматени од овоземските ограничености, тие ќе ги набљудуваат убавините на создавањето – сонцето, ѕвездите и нивните системи, како сите тие по одредени патеки кружат околу Божјиот престол. На сè што е создадено, од најмалото до најголемото, испишано е името на Творецот, и во сè се огледува богатството на Неговата моќ и сила.     

Годините на вечноста, како што ќе одминуваат, ќе им донесуваат сè побогати и сè повеличествени откритија за Бога и за Христа. Напоредно со стекнатите сознанија, ќе се зголемува и нивната љубов и стравопочит кон Бога, како и нивната среќа. Колку повеќе ќе дознаваат за Бога, толку поголемо ќе биде нивното восхитување за Неговиот карактер. И додека Исус пред нив ги отвара ризниците на новите сознанија за делото на искупувањето и зачудувачките подвизи во големата борба со сатаната, срцата на искупените ќе ги опфаќа сè поголема побожност. Во сè поголемиот занес на радост и среќа, тие ги земаат златните харфи и безбројните илјадници гласови ќе се слеваат во силен хор на благодарност.     

Големата борба е завршена. Грев и грешници нема повеќе. Целата вселена е чиста. Сè што создал Бог, повторно чука во единствен пулс на хармонија и радост. Животот, светлината и среќата, доаѓајќи од Оној Кој создал сè, незадржливо течат во сите делови на Неговото пространо неограничено Царство. Од најситниот атом до најголемиот свет во пространствата на вселената; сè во својата непоматена убавина и совршенство говори дека Бог е љубов.

Pin It on Pinterest