МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(20 – 26 декември: Активности во идниот живот)

„И одеднаш со ангелот се најде множество небесно воинство, кое Го фалеше Бога, велејќи: ‘Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!’“ (Лука 2:13.14; Библија)

Никој од родените на овој свет, колку и да е ценет во Божјите очи, не е дочекан со таква радост со каква што било поздравено Христовото раѓање во Витлеем.     

На скромните пастири, кои таа ноќ ги чувале своите стада на Витлеемските рамнини, одеднаш им се појавил Господов ангел, велејќи им: „Не бојте се, зашто, еве, ви најавувам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи: зашто денес ви се роди Спасител, во Давидовиот град, Кој е Христос Господ. И ова ви е знак: ќе најдете Младенче повиено, како лежи во јасли!“ (Лука 2:10-12; Библија)     

Штотуку нивните очи се привикнале на величественото присуство на еден ангел, ете, целата рамнина била осветлена од чудесната слава на огромното мноштво ангели, кои ги прекриле Витлеемските рамнини, славејќи Го Бога и пеејќи: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!“ (Лука 2:13; Библија)    

Тогаш ушите на смртниците восхитено зачуле небесна мелодија, и штом ја завршиле оваа своја песна, чијашто порака до светот нема никогаш да се заборави, припадниците на ангелскиот хор се вратиле на небото. Величествената светлина исчезнала, но во срцата на пастирите останала неизбришана најблескавата слика што смртното око некогаш ја видело и благословеното ветување за доаѓањето на Спасителот на нашиот свет, што нивните срца ги исполнило со радост, вера и чудесна љубов кон Бога.     

О, кога денес би можела човечката фамилија да ја препознае оваа песна! Изјавата која тогаш била дадена, мелодијата што тогаш се слушнала, ќе одѕвонува за сите времиња и ќе допира до најодалечените краеви на земјата. Кога сонцето на правдата конечно ќе блесне, носејќи здравје со своите зраци, таа песна повторно ќе одекне во гласот на силното мноштво, како глас на многу води, говорејќи: „Алилуја! зашто се зацари нашиот Господ Бог – Сèмоќниот!“ (Откровение 19:6; Библија)

Pin It on Pinterest