МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(26 – 31 јули: Рекреација и разонода)

„Ќе ми го покажеш патот на животот, во Твоето присуство има полнота на радоста, десно од Тебе – вечно блаженство.“ (Псалм 16:11; Библија)

Предимство и должност за секој христијанин е со рекреација да го освежува својот дух и да го јакне своето тело, со цел своите физички и умни сили да ги употреби на слава на Бога. Нашата рекреација не треба да ја претставуваат глетките на будалесто смеење и суетна веселба којашто поприма вид на бесмисленост. Часовите за одмор и рекреација можеме да ги поминеме на таков начин, така што тоа, и нас, и другите, со коишто се дружиме ќе нѐ воздигне и ќе нѐ направи поуспешни во вршењето на должностите коишто ги имаме како христијани. Христовата вера со своето влијание ги воздигнува и облагородува луѓето. Таа е над сето она што личи на луда шега или задиркување, суета и лекомислено разговарање. Рекреацијата и одморот секогаш можеме да ги искористиме така што сила, освежување и енергија ќе црпиме од божествениот извор, за поуспешно да ги развиваме во својот живот доблестите на чистота, вистинска побожност и светост.

Има луѓе со болна фантазија за коишто религијата претставува тиранин којшто со железна палка владее над нив. Таквите постојано тагуваат за својата сопствена изопаченост и воздивнуваат поради божемното зло. Во нивното срце нема љубов, а лицето им е постојано намуртено. На секоја невина насмевка од страна на младите, или на било кој друг, тие реагираат со студенило на лицата. Сметаат дека секоја рекреација и разонода претставува грев, и дека духот мора да биде секогаш сериозен и на одредена висина. Тоа е крајност.

Други пак мислат дека духот, во настојувањата да се зачува и обнови здравјето, мора постојано да биде во потрага по нови видови на забава и разонода. Тие се навикнуваат постојано да зависат од возбудувања и не можат без тоа. Таквите не се вистински христијани. Тие одат во друга крајност.

Вистинските начела на христијанството пред сите отвораат извор на вистинска среќа, чијашто длабочина, ширина и должина не можат да се измерат.

Pin It on Pinterest