МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(27 – 31 декември: Сè ќе ни биде разјаснето)

„Зашто, сега гледаме како во огледало – нејасно; но тогаш: лице в лице.“ (1 Коринтјаните 13:12; Библија)     

Тогаш, кога конечно ќе биде тргната завесата која сега ни го замрачува видикот, кога нашите очи ќе можат да го гледаат светот на убавината, во кој сега само делумно можеме да ѕирнеме како низ микроскоп, кога ќе ја гледаме небесната слава, која сега само оддалеку ја набљудуваме преку телескоп, кога ќе биде тргнато злобното влијание на гревот, кога целата земја ќе се појави „во убавината на Господа, нашиот Бог“ (Псалм 90:17; Библија), какво ли подрачје за истражување ќе се појави пред нас! Тогаш, истражувачот, желен за знаење, ќе може да го чита извештајот за создавањето, а да не открие ништо што би го потсетило на законот на злото. Ќе може да ја слуша прекрасната хармонија на гласовите на природата, а да не открие ниту една нота на жалење, ниту еден призвук на тага. Во сѐ што е создадено ќе може да види само еден ракопис, во бескрајната вселена да го гледа Божјото име испишано со големи букви, а ниту на земјата, ниту во морето, ниту на небото нема да види ниту една заостана трага на злото.     

Таму на истражувачот ќе му се отворат неограничени видици и неискажани богатства на историјата. Овде, со помош на Божјото слово истражувачот ќе може да го фрли својот поглед во пространите подрачја на историјата, и да стекне извесни знаења за начелата кои управуваат со развојот на земските случувања. Меѓутоа, дури кога ќе биде осветлен со светлината на вечноста, сè ќе му биде разјаснето.     

Завесата која што постои помеѓу видливиот и невидливиот свет ќе биде тргната, и ќе бидат откриени чудесните тајни.     

Тогаш сите што несебично се залагале, ќе ги гледаат плодовите на својата работа. Ќе се види исходот на секое вистинско начело и на секоја благородна постапка. Колку малку резултати од својата работа во овој живот гледа оној што го извршува најблагородното дело на светот! Родителите и учениците одат на својата последна починка, а сè што работеле во животот изгледа напразно; тие не знаат дека нивната верност ги отпечатила изворите на благослови кои никогаш нема да престанат да течат, и дека нивното влијание ќе се зголеми илјадакратно. Во вечноста, не само што ќе се види секое дело, туку и возвратното делување на сè што ќе биде направено.

Pin It on Pinterest