МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(27 – 31 декември: Сè ќе ни биде разјаснето)
„Гледајте да не презрете едно од овие мали; зашто ви велам, дека нивните ангели во небесата, постојано Го гледаат лицето на Мојот Татко, Кој е во небесата.“ (Матеј 18:10; Библија)
Сѐ додека не го видиме Божјото провидение во светлината на вечноста, нема да можеме во потполност да сфатиме што им должиме на Божјите ангели за сета нивна грижа и заштита. Како небесни суштества, тие активно учествувале во случувањата на луѓето. Се појавувале во облека што блескала како молња; доаѓале како луѓе, во лик на патник. Го прифаќале гостопримството во човечките домови, служеле како водачи на патниците коишто ноќта ги затекнала на пат. Ги спречувале намерите на ограбувачите и го одвраќале ударот на уништувачот.
Иако владетелите на овој свет тоа не го знаат, често се случува ангелите да бидат говорници на нивните советувања. Човечките очи ги гледаат. Човечките уши ги слушаат нивните апели. Во собранијата и во судските сали, небесните весници се залагаат за прогонетите и злоставените. Тие ги осудуваат намерите и ги запираат злата коишто би можеле да им нанесат штета и страдања на Божјите деца.
Секој спасен, во царството на славата, ќе дознае за сѐ што направиле ангелите, лично за него во овој живот. Какви ли разговори ќе води секој поединец со ангелот којшто бил негов чувар од самиот момент на неговото раѓање. Со ангелот што будно бдеел над секој негов чекор и ја заштитувал неговата глава во деновите на опасност. Со ангелот што бил со него во долината на смртните сенки, не напуштајќи го ниту во претсмртните маки, којшто го одбележал местото на неговата починка, и којшто ќе биде прв што ќе го сретне и што ќе го поздрави во утрото на воскресението, кога ќе ги дознае сите поединости за Божјото посредување во неговиот личен живот, и за соработката на небото во сето она што е направено за човечкиот род!
Тогаш ќе ни биде објаснето сето она што не збунуваше во текот на овој живот. Таму каде што толку често гледавме само конфузија и разочарување, осуетени планови и неостварени желби, ќе го видиме остварувањето на големите намери на Оној Кој управува со сите настани, и ќе ја видиме божествената складност.