МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(27 – 31 декември: Сè ќе ни биде разјаснето)
„И на сите да им расветлам во што се состои распределбата на тајната, која од вечноста беше скриена во Бога – Создателот на сѐ; та многуразличната Божја мудрост да им се соопшти сега преку Црквата на началствата и на властите во небесните места.“ (Ефесјаните 3:9.10; Библија)
Зошто беше дозволено овој голем судир да трае со векови? Зошто сатаната не бил уништен уште на самиот почеток на својата побуна? – Тоа е дозволено за жителите на целата вселена да се осведочат дека Бог праведно постапил со настанатото зло, и да може гревот да биде засекогаш осуден.
Во планот на искупувањето има такви висини и длабочини кои дури ни во вечноста никогаш нема да бидат потполно истражени, чудесни поединости во кои и самите ангели сакаат да вникнат. (1 Петрово 1:12; Библија) Само искупените од нашата земја, за разлика од сите други живи суштества, стекнале лично искуство во вистинскиот судир со гревот; тие соработувале со Христа дури повеќе и од самите ангели, ја запознале заедницата на Неговите маки.
Тој „нè воскресна со Него и нè седна во небесните места со Него… та, во идните векови да го покаже преголемото богатство на Својата благодат, според Својата добрина кон нас во Христа Исуса.“ (Ефесјаните 2:6.7; Библија)
Кога спасените од сите народи и генерации ќе Го видат својот Спасител и ќе го забележат одблесокот на непоминливата Татковска слава на Неговото лице, кога ќе го гледааат Неговиот престол, којшто е од исконот до вечни времиња, знаејќи дека на Неговото Царство му нема крај, тие во целиот тој занес ќе запеат: „Достојно, достојно е Јагнето…“
Светоста, правдата и силата се спојуваат со милоста, нежноста и со Татковската љубов. Гледајќи го величеството на Неговиот престол, Неговата величина, семоќ и возвишеност во Неговото милостиво постапување, ќе го распознаеме Неговиот вистински карактер и ќе го сфатиме, како никогаш порано, значењето на толку драгото ословување: „Татко наш!“
Исходот на борбата што Спасителот ја води со силите на темнината ќе претставува радост за искупените, радост којашто на слава Божја ќе се продолжи низ бескрајните времиња на вечноста.