МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(25 – 31 јануари: Семејното богослужение во мојот живот)

„Сите Господови синови ќе ти бидат ученици, и голема ќе биде среќата на твоите деца.“ (Исаија 54:13; Библија)

Вашиот дом всушност е мал свет за себе. Вие сте единствените што одлучувате по кој пат ќе тргнат вашите деца – дали ќе Му служат на Бога или на мамона, дали ќе изберат вечен живот или вечна смрт.

Слично на патријарсите од старите времиња, оние коишто тврдат дека Го љубат Бога треба да Му подигнат и олтар секаде онаму каде што ќе ги постават своите шатори. Таткото, како свештеник на семејството, треба секое утро и секоја вечер на семејниот олтар да го води семејното богослужение, додека пак жената и децата треба да му се придружат во молитвата и во оддавање на благодарност. Во таквиот дом Христос со задоволство престојува.

Од секој христијански дом треба да блескаат свети зраци на божествена светлина. Во секоја постапка треба да се манифестира љубовта. Таа треба да се излива во секој меѓусебен однос на членовите, во внимателно постапување, во љубезност, благородност и несебична учтивост. Има домови во коишто се почитува ова начело – среќни домови во коишто семејното богослужение се одржува редовно и во коишто владее вистинска љубов. Од таквите домови се воздигаат утрински и вечерни молитви кон Бога како најпријатни мириси, а Неговата милост и благослови се спуштаат на молителите како утринска роса.

Да го подигнеме својот поглед кон отворената врата на небесното светилиште, каде што светлина на Божјата слава блеска од лицето на Исуса Христа, Кој „може наполно да ги спасува оние, кои преку Него доаѓаат при Бога“. (Евреите 7:25; Библија)

На крилјата на молитвата нашите души можат секогаш да се воздигаат кон небото. Жителите на небото и на непаднатите светови Го величаат и Го слават Бога со песна и со музички инструменти, а кога и ние на своите богослуженија Му оддаваме искрена благодарност, тогаш и нашата служба станува слична на службата на небесните чети. „Мене Ме почитува оној“, вели Господ, „кој ми принесува благодарност на жртва”.

„Вистински Ме почитува оној што принесува благодарни жртви и на оној кој врви по прави патеки, нему ќе му го покажам Моето спасение.“ (Псалм 50:23; Библија)

Затоа да излегуваме пред нашиот Творец со стравопочит и со радост, со благодарност и пеење.

Pin It on Pinterest