МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(4 – 10 јануари: Верата во мојот живот)

„Но да моли со вера, без никакво сомнение; зашто оној кој се сомнева е сличен на морскиот бран кого ветрот го издига и го тера.“ (Јаков 1:6; Библија)

Да се прима светлината од небото е нашата предност, наша должност, за да можеме да го препознаеме лукаството на сатаната, и да добиеме сила да се спротивставиме на неговата моќ. Бог во Своето провидение ни овозможил тесно да се поврземе со Христа и да уживаме постојана заштита од светите ангели. Нашата вера мора да продре позади завесата, каде што Христос влезе за нас.

Мораме со вера цврсто да се фатиме за Божјите сигурни ветувања. Мораме да имаме вера која ништо не може да ја поколеба, вера која се држи за Невидливиот, вера којашто е постојана и непоколеблива. Таквата вера ќе донесе благослов од небото за нашата душа.

Светлината на Божјата слава којашто блеска од Христовото лице може да нѐ осветли и нас, и како одсјај да се огледа на сите останати околу нас, така за нас со право ќе може да се рече: „Вие сте светлината на светот.“ (Матеј 5:14; Библија) Само со таква поврзаност со Христа, душата може да ја пренесува светлината и да биде „светлина на светот“. Без таква поврзаност со Изворот на светлината, земјата би останала во потполен мрак.

Колку е погуста темнината што нѐ опкружува толку поблескава треба да биде нашата светлина на христијанската вера и христијанскиот пример.

Фактот дека преовладува неверувањето и дека беззаконието се умножува насекаде околу нас не треба да ја ослабне нашата вера, ниту да ја поколеба нашата храброст. Ако Го бараме Бога со целото срце, работејќи со иста таква ревност и непоколеблива вера како некогаш Енох, небесната светлина ќе нѐ осветлува и нас, исто како и него некогаш.

О, кога би можела да им предочам на сите колку е важно да се вежбаме во верата секој час и секој миг! Ние треба да живееме живот на вистинска вера, „зошто без вера не е можно да Му се угоди на Бога“. (Евреите 11:6; Библија) Духовната сила зависи од верата.

Pin It on Pinterest