МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(4 – 10 јануари: Верата во мојот живот)

„Сè е можно за оној што верува.“ (Марко 9:23; Библија)

Верата нè поврзува со небото, и ни дава сила да стапиме во борба со силите на темнината. Во Христа, Бог се погрижил да можеме да ја победиме секоја негативна црта на карактерот, и да му одолееме на секое искушение, колку и да е силно.

Праведниците секогаш добивале помош одозгора. Колку пати Божјите непријатели ги соединувале силите и сета своја мудрост за да го уништат карактерот и влијанието на неколкумина скромни поединци кои се потпирале на Бога. Но бидејќи Бог бил со нив, никој не можел да им се спротивстави и да ги уништи.

Само Христовите следбеници нека раскинат со своите идоли и со светот, и тогаш светот нема да може да ги одвои од Бога. Христос е нашиот личен Спасител преку Кого ни е дадено сè. Во Него е целата полнина на богатство и премудрост.

Сознанието дека Христос е во него, надежта на славата, за христијанинот претставува голема предност. „Ова е победата што го победи светот, нашата вера.“ (1 Јованово 5:4; Библија) Сè е можно за оној кој верува, и сè што ќе побараме во своите молитви, верувајќи дека ќе го примиме, ќе го примиме. Таквата вера ќе ги растера и најгустите облаци на темнина, донесувајќи блескави зраци на светлина и надеж за обесхрабрената и очајнички вознемирената душа.

Недостатокот на таква вера и доверба во Бога донесува збунетост, мачно стравување и лоши претчувствувања. Бог може да направи големи промени за припадниците на Својот народ кога со вера потполно ќе се потпрат на Него.

Со вера припадниците на Божјиот народ во минатото, не еднаш, „победија царства, извршија правда, добија ветувања, затворија уста на лавови, ја угаснаа огнената сила, ја избегнаа острицата на мечот, немоќни станаа силни; стануваа силни на бој, ги натераа во бегство туѓите војски“. (Евреите 11:33.34; Библија) Исто така и ние денес само со вера можеме да ги оствариме и највозвишените цели коишто Бог ги има за нас.

Pin It on Pinterest