МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(2 – 8 август: Спасените треба да служат)

„И ти ќе градиш врз старите урнатини, ќе ги подигнеш основите на идните поколенија. Ќе те викаат поправач на урнатини и обновител на патиштата до населбите.“ (Исаија 58:12; Библија)

Задачата опишана со овие зборови е токму она што Бог го бара од Својот народ денес. Тоа е задачата која Сам Бог ни ја одредил. Бранејќи ги погазените Божји заповеди и заѕидувајќи ги урнатините направени така дрско во Неговиот Закон, ние, всушност, покажуваме сожалување и сомилост кон унесреќениот човечки род. Укажувајќи најголема љубов кон Бога и воздигајќи го денот што Тој го воспоставил како спомен на делото на создавањето, а кој толку долго е газен со несвети нозе, ние покажуваме милост, добрина и најнежно сочувство кон паднатиот човечки род. „Љуби го својот ближен како самиот себе.“ (Марко 12:31; Библија) Ова е задачата која како народ мораме да ја прифатиме. Љубовта искажана кон напатениот човечки род ѝ дава важност и сила на вистината што ја застапуваме.

Евангелизирањето на светот претставува задача која Бог им ја доверил на оние што ревносно одат напред во Негово име. Тие се повикани да соработуваат со Христа, откривајќи ја Неговата нежна љубов и сочувство кон оние што се на работ на пропаста. Бог повикува илјадници да работат за Него, и тоа не проповедајќи им на оние што ја познаваат вистината и одејќи постојано во исти места, туку носејќи ја опомената на оние што никогаш не слушнале за последната порака на Неговата милост. Нека на работа ве поттикнува најискрената желба за спасение на душите. Залагајте се за здравствено – мисионската работа. На тој начин ќе најдете пристап до срцата на луѓето и ќе го отворите патот за поуспешно објавување на вистината. Ублажувајќи ги нивните физички болки, ќе ви се укаже можност да им послужите и на нивните духовни потреби.

На таквото ваше залагање Господ ќе ви подари успех, затоа што кога евангелието ќе се внесе во практичниот живот претсатвува Божја сила за спасение на сите оние што го прифаќаат. Складното залагање, и за телото, и за душата, како што тоа го правел и самиот Исус, претставува вистинска интерпретација на Евангелието.

Pin It on Pinterest