МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(4 – 10 јануари: Верата во мојот живот)

„За да бидат сите едно; како што си Ти, Татко во Мене и Јас во Тебе, така и тие да бидат едно во Нас.“ (Јован 17:21; Библија)

„Јас Сум лозата, а вие сте прачките.“ (Јован 15:5; Библија) Дали можеме да си замислиме потесно сродство и поврзаност со Христа отколку што е ова? Составното ткиво на прачките е скоро исто со ткивото на лозата. Животот, силата и плодноста  од лозата до гранките е непречено и постојано. Коренот ја испраќа храната преку лозата. Таков е односот на вистинскиот верник со Христа. Тој пребива во Христа, и својата исхрана ја добива од Него.

Таа духовна поврзаност може да се воспостави и да се одржи само со лична вера. Таквата вера се одржува со совршена доверба во Христа и со потполна посветеност, така што Тој секогаш и во сѐ ни е прв и најважен. Нашата волја мора потполно да ѝ се потчини на Божјата волја; нашите чувства, желби, интереси и чест се поистоветуваат со напредокот на Христовото царство и со интересите на Неговото дело; ние постојано примаме благодат од Него, а Христос ја прима нашата благодарност.

Кога ќе се поврземе така тесно со Христа, нашите гревови се положуваат на Него, а нам ни се припишува Неговата правда. Со Него се постапувало како со грешник поради нас, за ние да се оправдаме пред Бога со Неговите заслуги. Благодарејќи Му Нему, ние добиваме пристап кај Бога и сме прифатени од Саканиот. А тогаш секој оној што со збор или дело ќе навреди еден верник со тоа го ранува и Самиот Христос. Секој оној што само со чаша ладна вода ќе напои еден од учениците, затоа што е Божјо дете, Христос ќе го награди како тоа лично Нему да му е направено.

Пред самата разделба со учениците, Христос ова им го оставил како прекрасен знак на својата нераскинлива поврзаност со Своите верници. Единството со Христа воспоставено со жива вера, е трајно и непоминливо; секое друго поинакво единство мора да пропадне. Вистинскиот верник Го прифаќа Христа како прв и последен, и најдобар во сѐ.

Pin It on Pinterest