Молитвата е толку важна за нашиот духовен живот како што секојдневната храна е важна за нашиот телесен живот

Секојдневната молитва е од суштинско значење за растење во благодатта, па дури и за самиот духовен живот, како што секојдневната храна е од суштинско значење за физичката благосостојба на телото. Потребно е да стекнеме навика, често да ги издигнуваме своите мисли кон Бога во молитва. Ако мислите почнат да ни скитат, ние мораме да ги вратиме назад, а тоа ќе го постигнеме со истрајни напори, така што на крајот со таа добра навика ќе ни биде многу полесно во сето тоа (да ги одржуваме мислите чисти и свети). Не можеме ниту за момент да се одвоиме од Христа и да бидеме безбедни (сигурни). Можеме да го имаме Неговото присуство на секој чекор, но само ако ги исполниме условите кои Тој ги поставил.

 

Молитвата е духовна потреба

Иако Христос им дал ветување на Своите ученици дека ќе Го примат Светиот Дух, тоа не ја остранило потребата од молитва (тоа не значело дека не треба да се молат). Тие се молеле уште поревносно и продолжиле да се молат еднодушно. Оние кои сега учествуваат во свечената подготовка на народот за доаѓањето на Господа (за Христовото доаѓање), треба исто така да продолжат да бидат во молитва.

Тие (Исусовите ученици) не го послушале повтореното предупредување: „Бдејте и молете се!“ Од почеток биле мошне загрижени кога Го виделе својот Учител, Кој обично бил толку смирен и достоинствен, како се бори со тага што ја надминува моќта на сфаќањето. Се молеле кога го чуле силниот извик на Страдаликот. Немале намера да Го напуштат својот Господ, но изгледале прализирани со заспаноста што можеле да ја растераат кога би продолжиле да се молат на Бога. Не ја сфатиле потребата од стражарење и од сериозна молитва за да му се протистават на искушението.

Искуството на учениците во Гетсиманската градина содржи лекција за Божјиот народ денес. Тие не ја сфатиле потребата од стражарење и искрена молитва за да би го совладале искушението. Многумина, денес, исто така брзо заспиваат како некогаш учениците. Не стражарат и не се молат да не паднат во искушение. Често да ги читаме и внимателно да ги проучуваме оние делови од Божјата реч, кои особено се однесуваат на овие последни денови, кои ги посочуваат опасностите коишто им се закануваат на Божјиот народ.

 

Молитвата е животот на душата

Молитвата е неопходност, бидејќи е животот на душата. Семејната и јавната молитва, имаат свое место, но молитвата насамо, личната заедница со Бога е она што го одржува животот на душата.

 

Молитвата е неопходна за духовното здравје

Неколку пати дневно, драгоцени, златни моменти треба да бидат посветени на молитва и проучување на Светото Писмо – Библијата. Тоа е еден од најдобрите начини да се научи текст и да се запамети, со што ќе се одржува духовниот живот во душата. Постојат различни начини да се овозможи духовна храна за размислување и инспирација за нашите молитви. Заедништвото со Бог е од суштинско значење за духовното здравје, а тоа ни е потребно да примиме мудрост и правилно расудување кои ни се неопходни во извршувањето на секоја должност.

 

Христовиот пример ни ја покажува неопходноста за молитва

Доколку оние, кои ги објавуваат свечените опомени за ова време, би ја сфатиле својата одговорност кон Бога, би ја виделе и неопходноста за ревносна молитва. Тогаш, кога градовите се стишени во ноќниот сон, кога секој отишол во својата куќа, Христос, нашиот Пример, би се искачил на Маслинската Гора и таму, помеѓу дрвјата, би поминал цела ноќ во молитва. Оној, Кој Самиот беше без дамка на грев – богатство на небесен благослов – Чиј глас, длабоко во ноќта, го слушнале престрашените ученици, кога се наоѓале во бурното море, и Чијшто глас можеше да ги повика мртвите од своите гробови, е Тој, Кој со гласен вик и со солзи молел, не за Себе, туку за оние за кои дошол да ги спаси. Станал понизен молител кој барал од раката на Својот Татко свежи напојувања на сила, да го поткрепи како замена за човекот. Тој се идентификувал со страдањето на човештвото и на сите им дал пример за потребата од молитва.

Неговата природа била без дамка на грев. Како Човечки син, Тој се молел на небесниот Татко, покажувајќи дека човечката природа има потреба од сета божествена поддршка што човек може да ја добие за да може да биде подготвен за должноста и подготвен за искушенијата. Како Принц на Животот, Тој имал моќ со Бога и надвладеал за Својот народ. Спасителот, Кој се молел за оние кои не чувствувале потреба од молитва, и плачел за оние кои не чувствувале потреба од солзи, сега е пред престолот, да ги прими и на Својот Татко да ги изнесе молбите на оние за кои се молел на Земјата. Христовиот пример е за нас, за ние да го следиме. Молитвата е неопходност во нашиот труд за спасението на душите. Само Бог може да даде раст на семето кое сме го посеале.

 

Исус укажал на потребата од молитва

Исус укажал на човековата неопходна потреба за молитва, покајание, признавање и напуштање на гревот. Тој ги поучувал на чесност, трпеливост, милост и сочувство, да ги сакаат, не само оние кои ги сакале нив, туку и оние кои ги мразеле, кои ги третирале како отпадници. Во ова Тој им го откривал карактерот на Таткото, Кој е долготрпелив, милостив и дарежлив, бавен на гнев и полн со добрина и вистина.

 

Молитвата му била потребна на Даниел

Даниел се соочил со најтешките искушенија што можат да ги нападнат младите денес, но сепак тој бил верен на религиозната поука добиена во раните години од неговиот живот. Тој бил опкружен со влијанија пресметани за да ги потисне оние кои се колебале меѓу принципот и склоноста, а Божјото Слово Даниел го претставува како постојан карактер. Даниел не се осмелил да ѝ верува на својата морална моќ. Молитвата за него била неопходност. Својата сила ја барал само од Бог и стравот Божји бил постојано пред него во сите аспекти од неговиот живот.

 

Духовното напредување зависи од молитвата

Ако имаше повеќе молење помеѓу нас, повеќе практикување на жива вера, и помалку да зависевме од некој друг за да имаме искуство за нас, ние би биле многу понапред од она што сме денес во духовна интелигенција. Она што ни е потребно е длабоко, лично со срце и душа искуство. Тогаш би можеле да кажеме што Бог прави и како Тој делува. Потребно е да имаме живо искуство во Божјите работи, и ние не сме сигурни сè додека не стекнеме такво искуство. Има некои луѓе кои имаат добро искуство, и тие ви кажуваат за тоа, но кога го проучите увидувате дека тоа искуство не е исправно, бидејќи тоа не е во согласност со: „Така вели Господ.“ Ако некогаш постоело време во нашата историја кога треба да ја смириме (понизиме) својата душа пред Бога, тоа е денес. Треба да дојдеме пред Бога со вера во сето она што е ветено во Бојжата Реч и потоа да одиме во сета светлина и сила што Бог ја дава.

 

Потребна е секојдневна молитва

Религијата мора да започне со празнење и чистење на срцето, и мора да се негува со секојдневна молитва.

Тоа е толку потребно, толку неопходно за нас да се молиме три пати на ден како што тоа било за Даниел. Молитвата е животот на душата, темелот на духовниот раст. Во вашиот дом, пред вашето семејство, и пред вашите работници, вие треба да сведочите за вистината. И кога ја имате предноста да се сретнете со своите браќа во црквата, кажете им за неопходноста да се чува отворен каналот за комуникација помеѓу Бога и душата. Кажете им доколку најдат срце и глас да се молат, Бог ќе најде одговори на нивните молитви. Кажете им да не ги занемаруваат своите верски должности. Ги поттикнувам браќата да се молат. Мораме да бараме за да најдеме, мораме да молиме за да би примале, мораме да тропаме за да се отвори вратата за нас.

Во служба на еврејското свештенство постојано се потсетуваме на жртвата и посредувањето на Христос. Сите кои доаѓаат кај Христа денес треба да се сетат дека Неговата заслуга е темјан што се меша со молитвите на оние кои се каат за своите гревови и примаат помилување, милост и благодат. Нашата потреба од Христовото посредување е постојана. Од ден на ден, наутро и навечер, смиреното срце треба да понуди молитви на кои ќе им се враќаат одговорите на благодатта, мирот и радоста. „Преку Него, пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните што го прославуваат името Негово. А добродетелството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога.“ (Евреите 13:15.16; Библија)

Како и старите патријарси, оние кои тврдат дека Го сакаат Бога треба да подигнат олтар на Господа, каде и да го стават својот шатор. Ако некогаш имало време кога секоја куќа треба да биде молитвен дом, тоа е сега. Татковците и мајките треба често да ги воздигнуваат своите срца кон Бога со понизно молење за себе и за своите деца. Нека таткото, како свештеник на домот, на Божјиот олтар принесува утринска и вечерна жртва, додека жената и децата се обединуваат во молитва и прослава на Бог. Во такво домаќинство Исус ќе сака да остане.

Од секој христијански дом треба да свети света светлина. Љубовта треба да се открие во акција. Треба да тече низ целиот дом, покажувајќи се во внимателна љубезност, во нежна, несебична учтивост. Постојат домови каде што се спроведува овој принцип – домови каде што се обожува Бог и каде што владее вистинската љубов. Од овие домови утринска и вечерна молитва се воздигнува кон Бога како благомиризлив темјан, а Неговите милости и благослови се спуштаат на молителите како утринската роса.

Следејќи Го Христа, гледајќи во Него, Почетникот и Исполнителот на вашата вера, ќе почувствувате дека работите под Неговото око, дека сте под влијание на Неговото присуство и дека ги знае вашите мотиви. На секој чекор понизно ќе се прашувате: Дали ова ќе Му угоди на Исус? Дали тоа ќе Го прослави Бога? Наутро и навечер вашите искрени молитви треба да се издигнуваат кон Бога за Неговиот благослов и водство. Вистинска молитва се држи за Семоќниот, Кој ни дава победа. На своите колена, христијанинот добива сила да се спротивстави на искушението.

Секое утро и секоја вечер свештениците влегувале во Светината за време на темјанот (на кадењето), а секојдневната жртва била подготвена да се принесе на олтарот во дворот на храмот. Тоа било време на сесрдно учествување во богослужението на оние кои биле собрани околу шаторот. Пред влегувањето во Божјата присутност, преку службата на свештеникот, тие учествувале во искрено испитување на срцето и исповедање на своите гревови. Се обединувале во тивка молитва, свртени со нивните лица кон Светината. Така, нивните молитви се издигнувале со облакот од темјанот, додека со вера се  држеле за заслугите на ветениот Спасител претставен преку помирителната жртва. Часовите одредени за утринска и вечерна служба се сметале за свети и тие биле одредени како време на богослужение низ целата еврејска нација. И кога во подоцнежните времиња Евреите биле расеани како заробеници во далечни земји, тие сè уште во назначениот час ги свртувале лицата кон Ерусалим и своите молби ги изнесувале на Израелевиот Бог. Во овој обичај христијаните имаат пример за утринска и вечерна молитва. Иако Бог го осудува формализмот во обичаите и церемониите, на кои им недостасува дух на вистинско богослужение, Тој со голема љубов и задоволство гледа на оние кои Го љубат и кои наутро и навечер, поклонувајќи се пред Него, бараат опростување за гревовите и ги упатуваат своите молитви за потребните благослови.

 

Молитвата нѐ поврзува со Небото

Оние кои ќе го стават на себе сето Божјо оружје и секој ден ќе посветат некое време за размислување, молитва и  проучување на Светото Писмо – Библијата, ќе бидат поврзани со Небото и ќе имаат спасоносно, трансформирачко влијание врз оние околу нив. Ќе поседуваат возвишено размислување, благородни стремежи, јасни перцепции на вистината и должноста кон Бога. Тие ќе копнеат за чистота, за светлина, за љубов, за сите милости кои доаѓаат со нановораѓањето. Нивните искрени молитви ќе влезат во внатрешната страна на завесата. Оваа класа ќе има посветена смелост да дојде во присуство на Бесконечниот. Тие ќе се чувствуваат дека небесната светлина и слава се за нив, и тие ќе станат префинети, возвишени, облагородени преку ова интимно запознавање со Бога. Таква е привилегијата на вистинските христијани.

 

Молитвата да биде прва активност на денот

Посветете се себеси на Бога наутро; направете го ова како ваша најпрва работа од денот. Нека вашата молитва биде: „Земи ме, о Господи, како целосно Твој. Ги поставувам сите мои планови пред Твоите нозе. Употреби ме денес во Твојата слжуба. Остани со мене, и нека целата моја работа биде извршена во Тебе.“ Ова е секојдневна работа. Секое утро посветете се себеси на Бога за тој ден. Предајте ги сите ваши планови Нему, да бидат извршени или оставени, онака како што Неговото провидение ќе укаже. Така од ден на ден може да го давате својот живот во Божјите раце, и на тој начин вашиот живот ќе се обликува сè повеќе и повеќе според Христовиот живот.

Првиот здив на душата, секое утро, треба да биде молитва за присуството на Исус Христос. „Без Мене“, вели Тој, „не можете да направите ништо.“ (Јован 15:5; Библија) Исус е она што ни е потребно. Неговата светлина, Неговиот живот, Неговиот дух, мора да бидат и наши постојано. Тој ни е потребен секој час. Затоа треба да се молиме наутро како што сонцето ја осветлува земјата и го исполнува светот со светлина, така Сонцето на Праведноста да засвети во коморите на умот и срцето, и сите нас да нè направи светлина во Господа. Без Неговото присуство не можеме ниту еден момент. Непријателот знае кога сме без нашиот Господ, и тој е таму, подготвен да ги исполни нашите умови со неговите зли сугестии за да паднеме од нашата постојаност; но копнежот на Господа е од момент во момент да бидеме во Него, и на тој начин да бидеме целосни во Него.

 

Молитвата е должност

Ништо не може толку да го изгради нашето духовно и телесно здравје како што тоа е духот на благодарност и прославување на Бога.  Молитвата е позитивна наша обврска со која ќе се спротивставиме на безволноста, на мислите без содржина и чувствата на незадоволство. Затоа е наша должност да се молиме.

 

Молитвата ни е најпотребна кога чувствуваме дека не ни е потрбна

Тогаш кога чувствуваме дека ни е најмалку потребна комуникацијата со Исуса, тогаш молитвата ни е најпотребна. Само така ќе ги срушиме замките на сатаната, облаците на темнината ќе исчезнат, а ние ќе ја доживееме слатката присустност на Исуса.

 

Темнината ги опфаќа оние што ја занемаруваат молитвата

Ако Спасителот на човекот, Синот Божји, ја почувствувал потребата од молитва, колку повеќе треба изнемоштените, грешни смртници да ја чувствуваат потребата од сесрдна, постојана молитва.

Нашиот небесен Татко чека да ја излее врз нас полнотата на Неговиот благослов. Наша привилегија е да пиеме обилно на изворот на безграничната љубов. Какво чудо е тоа што толку малку се молиме! Бог е подготвен и волен да ја чуе искрената молитва на Своето најскромно дете, а сепак од наша страна  постои многу очигледна неподготвеност да ги изнесеме своите потреби на Бога. Што може небесните ангели да мислат за јадните, беспомошни човечки битија,  кои се подложени на искушение, кога Божјото срце полно со бескрајна љубов копнее по нив, подготвено да им даде повеќе отколку што можат да побараат или замислат, а сепак се молат толку малку и имаат толку мала вера? Ангелите сакаат да се поклонуваат пред Бога; тие сакаат да бидат близу до Него. Тие го сметаат заедништвото со Бога за нивна највисока радост; а сепак, на децата на земјата, на кои им е потребна толку многу помош што само Бог може да им ја даде, изгледаат како да се задоволни што одат без светлината на Неговиот Дух и сигурноста на Неговото присуство.

Темнината на злиот ги опфаќа оние кои занемаруваат да се молат. Искушенијата кои им ги дошепнува непријателот ги примамуваат на грев, а сето тоа е затоа што не ги користат привилегиите кои Бог им ги дал во боженствената позиција на молитвата. Зошто Божјите синови и ќерки не сакаат да се молат, кога молитвата е клучот во раката на верата за да ја отклучи небесната ризница во која има богатство од безгранични средства на Семоќниот?

 

Избегнувајте да ја занемарите молитвата

Стражарете браќа, првото затемнување на вашата светлина е преку занемарувањето на молитвата; тоа е првиот симптом на духовна поспаност.

Потребно е да внимавате, чувајќи се секојдневните животни обврски да не ве наведат да ја занемарите молитвата кога најмногу ви е потребна силата што ја дава молитвата. Постои опасност побожноста да биде потисната од душата поради претераната предаденост на работата. Големо зло е да ја лишите душата од силата и небесната мудрост кои ни стојат на располагање. Потребно ви е просветлувањето кое само Бог може да го даде. Никој не може да биде способен да раководи со своите должности и работи ако не ја поседува оваа мудрост.

 

Сатаната ги прелажува оние кои не се молат

Сите кои неискрено го истражуваат Светото Писмо – Библијта, сите кои не ја мерат секоја своја желба и план во животот со ова непогрешливо мерило, сите кои не Го бараат Бога молејќи се да ја дознаат Неговата волја, сигурно ќе залутаат од правиот пат и ќе паднат во замката на сатаната.

 

Искушенијата ја прават молитвата неопходна

Силата која се стекнува во молитвата кон Бога, обединета со личните напори да се увежба умот да биде промислен и внимателен, го подготвува човекот за обавување на секојдневните должности и му помага да остане со смирен дух во сите околности, без обзир колку и да би биле тешки. Искушенијата на кои секојдневно сме изложени ја прави молитвата неопходна. За Божјата сила да би можела да нè одржи преку верата, копнежите на умот треба постојано да се издигнуваат во тивка молитва за помош, за светлина, за сила, за знаење. Меѓутоа, мислата и молитвата не можат да го заменат сериозното и вредното користење на времето. Работата и молитвата имаат свое место во усовршување на христијанскиот карактер.

 

Мораме да живееме двоен живот

…живот на размислување и акција, тивка молитва и марлива работа. Бог бара од нас да бидеме живи посланија, познати и читани од сите луѓе. Душата која Му се обраќа на Бога во секојдневна искрена молитва, барајќи сила и подршка ќе има благородни стремежи, јасни перцепции за вистината и должноста, возвишени цели на дејствување и континуирана глад и жед за праведност.

 

Молитвата е попотребна сега отколку во раните денови

Мораме многу да се молиме ако сакаме духовно да напредуваме во животот кој ќе биде угоден на Бога. Кога пораката на вистината за прв пат беше објавена, колку многу се молевме. Колку често се слушаше гласот на молитвата во собата, во шталата, во овоштарникот или во шумичката. Честопати, двајца или тројца заедно бевме со часови во искрена молитва, барајќи исполнување на ветувањето; често се слушаше и плач, а потоа и глас на благодарност и песна на славење. Сега Божјиот ден е поблизу отколку кога првпат поверувавме, и треба да бидеме поискрени, поревносни и поогнени отколку во тие први денови. Нашите опасности сега се поголеми отколку тогаш. Душите се позакоравени. Сега ни е потребно да бидеме проткаени со Христовиот дух, и не треба да бидеме мирни додека не го добиеме.

 

Барајте Го Господа со сето срце

Нашите молитви треба да бидат полни со нежност и љубов. Кога копнееме за подлабоко и пошироко остварување на љубовта на Спасителот, ние од Бога ќе бараме повеќе мудрост. Ако некогаш постоела потреба подршка на душата со молитви и проповеди, тогаш тоа е сега кога крајот на сите работи е близу. О, да можеме да видиме колку е неопходно потребно да Го бараме Господа со сето срце, тогаш и би Го нашле. Нека Бог го учи Својот народ како треба да се моли.

 

Молитвата не е изгубено време

Секое утро одвојте време за да ја започнете својата работа со молитва. Не го сметајте тоа за потрошено време; тоа е време што ќе трае преку бескрајните векови. На тој начин ќе придобиете успех и духовна победа. Механизмот ќе одговори на допирот на Божјите раце. Божјите благослови со сигурност се вредни да се бараат, а работата не може правилно да биде завршена освен ако почетокот не е добар. Рацете на секој работник мора да бидат зајакнати, срцето да биде прочистено, пред Господ да го користи ефикасно.

 

Малкумина ја ценат привилегијата на молитвата

Ние треба да гледаме, да работиме и да се молиме како ова да е последниот ден што ни се дава. Колку ревносен и искрен би бил нашиот живот тогаш. Колку внимателно ќе Го следиме Исуса во сите наши зборови и дела.

Малкумина се оние кои правилно ја ценат и ја користат скапоцената привилегија на молитвата. Ние треба да одиме кај Исуса и да Му ги кажеме сите наши потреби. Ние можеме да Му ги изнесеме нашите мали грижи и незгоди, како и нашите поголеми проблеми. Што и да се појави за да нѐ вознемири или да нѐ потрсе, ние треба да Му го изнесеме тоа на Господа во молитва. Ако копнееме за Исусовото присуство на секој свој чекор, сатана ќе има мала можност да нè заведе со своите искушенија. Тој се труди со сите свои сили да нè одвои од нашиот најдобар и најискрен Пријател – Исус. Не треба да имаме поблизок пријател од Исуса; Нему можеме безбедно да Му довериме сè што ни лежи на нашето срце.

 

Како крајот се наближува потребно е повеќе молитва

Сојузот на злото бројчено и во сила ќе се засилува како што се приближуваме кон крајот на времето. Овој сојуз ќе влијае спротивно на вистината, ќе формира нови партии на лажни верници кои ќе делуваат преку своите измамливи теории. Отпадништвото ќе се зголеми. „А Духот јасно вели дека во подоцнежните времиња некои ќе отстапат од верата и ќе слушаат измамливи духови и ѓаволски учења.“ (1-во Тимотеј 4:1; Библија) Мажите и жените се здружени да се спротивстават на Господ Бог на небото, а црквата е само полубудна за ситуацијата. За тоа е потребно многу повеќе молитва, многу повеќе сериозни напори меѓу верниците кои се заветиле.

Ако некогаш постоело време кога треба да се бдее и вистински и искрено да се молиме, тогаш тоа време е сега. Може да се појават работи навидум добри, но и нив треба внимателно да ги испитаме со многу молитви, зашто тие се очигледни помагала на непријателот да водат души на патот кој е толку близу до патот на вистината што едвај ќе се разликува од патот кој води до светост и до небото. Но, окото на верата може да спознае дека се оддалечува од вистинскиот пат, иако речиси незабележливо. На почетокот може да се смета дека е позитивно, но по некое време се гледа дека е многу различно од патот на сигурноста, од патот што води до светоста и до небото.

 

Победа преку секојдневна молитва

Преку секојдневната молитва кон Бога, ќе добиеме мудрост и благодат од Него да издржиме во борбите и тешкотиите на животот и низ нив да излеземе како победници. Верноста и спокојството на умот, можат да се задржат само со будност и молитва.

 

Победата не може да се стекне без молитва

Победата не може да се постигне без ревносна и искрена молитва, без постојана понизност. Нашата волја не смее да се присилува на соработка со божествените орудија, туку таа мора да биде доброволно потчинета.

 

Мораме да најдеме време за молитва

Сега треба да се запознаеме со Бога преку докажување на Неговите ветувања. Ангелите ја запишуваат секоја сериозна и искрена молитва. Подобро е да се одречеме од себичните задоволства отколку да ја занемариме заедницата со Бога. Најголемата сиромаштија и најголемото самооткажување со Него се подобри отколку сите богатства, удобности, почести и пријателства без Него. Мораме да најеме време за молитва.

 

Поминувајте многу време во молитва

Одвојте многу време за молитва и проучување на Божјата Реч. Нека сите ги добијат вистинските факти на верата во сопствените души преку верувањето дека Светиот Дух ќе им биде даден бидејќи имаат вистинска глад и жед за праведност. Нека има повеќе молитва, верување и примање, и повеќе работење заедно со Бога.

 

Молете се како никогаш порано

Во едноставност и вера гледајте на Исуса. Гледајте на Исуса сè додека вашиот дух не биде обземен со обилна светлина. Немојте да бидете со полумолитва и со полуверување. „Барајте и ќе ви се даде.“ (Лука 11:9; Библија) Молете се, верувајте, зајакнувајте се еден со друг. Молете се како што никогаш порано не сте се молеле, Господ да ја положи Својата рака на вас, за да може да ја разберете должината и ширината, длабочината и висината и да ја дознаете Христовата љубов која го надминува секое знаење, за да бидете исполнети со сета Божја полнота.

Молете се, да, молете се како што никогаш порано не сте се молеле, да не ве заблудат сатанските орудија и да не ве зафати безбожен и безгрижен дух на телесност, и да се посветите на верските должности колку за да ја смирите својата совест.

 

Секогаш молете се

„Секогаш молете се“, тоа значи, бидете секогаш во духот на молитвата, а со тоа ќе бидете подготвени за Господовото доаѓање.

 

Потребата од многу молитва

Сега постои потреба од многу молитва. Христовата заповед: „Молете се постојано!“, значи, возвишете ги своите мисли кон Бога, Изворот на секоја сила и делотворност.

 

Активноста не е замена за молитва

Како што се зголемуваат активностите и како што луѓето стануваат успешни во вршењето било каква работа за Бога, постои опасност да се довериме на човечките планови и методи. Тогаш постои опасност да се молиме помалку и да имаме помалку вера. Како и учениците, ние сме во опасност да ја изгубиме од вид нашата зависност од Бога и од својата работа „да направиме спасител“. Треба постојано да гледаме кон Исуса, сфаќајќи дека тоа е Неговата сила што ја обавува работата. Додека сериозно се трудиме за спасение на изгубените, ние мораме да одвоиме време за размислување, за молитва и за проучување на Божјата Реч. Само работата што ќе се изврши со многу молитва, осветена од Христовата заслуга, на крајот ќе се покаже ефикасна за добро.

 

Потребна е молитва за заземање на непопуларните ставови

Потребна е морална храброст, цврстина, одлучност, упорност и многу молитва за да застанете на непопуларната страна. Благодарни сме што можеме да дојдеме кај Христа како сиромашните страдалници кои дошле кај Христа во храмот.

 

Потребна е молитва за да се извршува Божјата работа

Потребно е многу молитва и истрајно оспособување на умот ако сакаме да бидеме подготвени да ја извршуваме работата која Бог ни ја доверил. Многумина никогаш нема да го заземат местото кое може да го имаат, бидејќи чекаат на Бога да го направи за нив она за што Тој им дал сила да го направат за себе. Сите оние кои се споспобни за некоја корисна работа во овој живот, мора да бидат оспособени за најтешката ментална и морална дисциплина, а потоа Бог ќе им помогне со комбинирање на божествената моќ со човечкиот напор.

 

Потребна е молитва за да се разбере вистината

Темите за откупувањето се важни теми, само оние кои духовно размислуваат можат да ја сфатат нивната длабочина и значење. Нашата сигурност, нашиот живот, нашата радост, е да се задржиме на вистините за планот на спасението. Верата и молитвата се неопходни за да можеме да ја согледаме длабочината на Божјите работи. Нашите умови толку се ограничени и кратковидни за да би можеле да го согледаме сето искуство кое е наша предност да го имаме. Колку малку ја разбираме молитвата на апостолот, кога вели: „Да ви даде, според богатството на Својата слава – да зајакнете со сила преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, та преку вера да се всели Христос во вашите срца; да бидете вкоренети и засновани во љубовта: за да можете да сфатите со сите свети, што е ширина и должина, и височина и длабочина, и да ја познаете Христовата љубов, која го надминува знаењето; за да се исполните во целата Божја полнота. А на Оној, Кој со Својата сила, што дејствува во нас, може да направи прекумерно над сè што ние молиме или мислиме – Нему нека е слава во Црквата и во Христа Исуса на сите поколенија од века до века! Амин!“ (Ефесјаните 3:16-20; Библија)

 

Во домот е потребна молитва

Љубовта не може долго да трае, дури ниту во семејниот круг, доколку домашните не се потчинат на Божјата волја. Сите способности и чувства мораат да се ускладат со ставовите на Исуса Христа. Ако таткото и мајката во љубовта и стравот од Бог ги обединат своите интереси да имаат авторитет во домот, ќе ја увидат потребата од многу молитва и многу трезвено размислување. И додека Го бараат Бога, нивните очи ќе се отворат за да ги видат небесните гласници кои дошле за да ги заштитат како одговор на молитвата во вера. Тие ќе ги надминат слабостите на нивниот карактер и ќе продолжат кон совршенство.

 

Молитвата е потребна за одржување на заедницата со Бога

Кога се занемарува молитвата или кога грчевито и безволно сме во молитва, се губи врската со Бога. Тогаш христијанскиот живот станува сувопарен, а духовните способности немаат виталност, на верското искуство му недостасува здравје и енергија.

 

Молитвата е потребна за духовна сила

Причината зошто некои се вознемирени е затоа што не одат на единствениот вистински извор на среќа. Тие се обидуваат да го пронајдат, надвор од Христа, уживањето кое се наоѓа само во Него. Во Него нема разочарување на надежта. О, колку е запоставена  скапоцената привилегија на молитвата! Читањето на Божјата Реч го подготвува умот за молитва. Една од најголемите причини зошто многумина се толку малку расположени да се приближат кон Бога со молитва е тоа што тие се онеспособиле себеси за оваа света работа преку читање на фасцинантни приказни, кои ја возбудувале имагинацијата и предизвикале нечесни страсти. Божјата реч станува невкусна, а молитвениот час досаден. Молитвата е силата на христијанинот. Кога е сам, тој не е сам, тој го чувствува присуството на Оној, Кој кажал: „Еве, јас сум секогаш со тебе.“ (Матеј 28:20; Библија)

 

Молитвата е потребна за влез во небото

Низ небесната врата нема да влезат оние кои се препуштаат на уживањето и лудоста, на забавата и себичноста, туку само оние кои се во постојана будност и во постојана молитва. Духовната претпазливост претставува цена на нашата безбедност. Не свртувајте на сатанската страна ниту за еден милиметар, за да не добие предност над вас.

 

Молитвата нѐ чува да сме верни

Без постојана молитва и марливо стражарење ние сме во опасност да станеме безгрижни и да се оддалечиме од вистинскиот пат. Непријателот постојано се обидува да го попречи патот до престолот на милоста. Затоа ние не можеме без искрена молитва и вера да добиеме благодат и сила да се спротивставиме на искушението.

 

Молете се за Духот

Ако учиме од Христа, мораме да се молиме како што апостолите се молеле кога Светиот Дух бил излеан врз нив. Нам ни е потребно крштевање со Божјиот Дух. Ние не сме безбедни ниту еден момент сè додека сме непослушни на Божјата реч.

 

Преку молитва слабоста се менува во сила

Многумина од Божјиот народ не ја гледаат важноста на самопознавањето и самоконтролата. Тие не бдеат и не се молат да не би биле совладани од искушенија. Кога би бдееле би ги забележале слабите точки во својот карактер каде што најверојатно ќе бидат нападнати од искушението. Со молитва и бдеење слабите точки на карактерот можат да бидат добро чувани и така да станат најсилни точки. Само на тој начин можат да се соочат со искушенијата, а да не бидат совладани. Секој Христов следбеник треба секојдневно да се преиспитува, за да може совршено да се запознае со своето однесување.

 

Молете се во сите околности

Во својата работа, во вашето друштво во часовите за одмор и во својата животна заедница пристапете со сериозна и понизна молитва. На тој начин ќе покажете дека Го почитувате Бога, и Бог ќе ве почитува вас. Молете се кога сте малодушни. Кога сте разочарани, затворете ги своите усни за луѓето, не фрлајте сенка на патот на другите, туку сè кажете Му на Исус. Подигнете ги рацете и побарајте помош. Во својата слабост фатете се за бесконечната сила. Побарајте понизност, мудрост, храброст, зголемување на верата, да ја видите светлината во Божјата светлина и да се радувате во Неговата љубов.

Pin It on Pinterest