[Патот кон Христа – пето поглавје]

Бог ветил: „Ќе ме барате и ќе ме најдете зашто ќе ме барате со сето свое срце“ (Еремија 29,13).

Цело срце мора да му се предаде на Бога, инаку никогаш не ќе можеме да се промениме и повторно да станеме слични на него. Според нашата природа ние сме далеку од Бога. Светиот Дух нашата состојба ја опишува со овие зборови: „Мртви поради вашите престапи и гревови“, „сета глава е болна и сето срце изнемоштено“, „нема ништо здраво“. Ние сме се заплеткале во мрежата на сатаната кој нè „заробил за да ја извршуваме неговата волја“ (Ефешаните 2,1; Исаија 1,5.6; 2 Тимотеј 2,26). Бог сака да нè исцели, да нè ослободи. Но бидејќи тоа бара целосна промена, обновување на целата наша природа, ние мораме потполно да му се предадеме нему.

Борбата против самиот себе е најголема борба што кога и да е се водела. Откажувањето од самиот себе, комплетното прифаќање на Божјата волја, не оди без борба; но душата мора да му се покори на Бога пред да може да се прероди и да стане света.

Божјето владеење не е втемелено, како што би сакал да го прикаже тоа сатаната, на слепо покорување, на неразумно ограничување. Тоа се повикува на разумот и на совеста. „Ајде да се правдаме!“ (Ис 1,18) – ги повикува Творецот суштествата што ги создал. Бог не влијае со сила врз волјата на своите созданија. Тој не може да прифати почит која не е доброволна и не е дадена свесно. Изнудената покорност ќе спречи секаков вистински развиток на умот или карактерот; таа од човекот би создала обичен автомат. Не е таква намерата на Творецот. Тој сака врвното дело на неговата творечка сила, човекот, да постигне највисок степен на развиток. Тој пред нас поставува висина на благослови до која сака да нè издигне со својата милост. Тој нè повикува да му се предадеме нему за да може да ја изврши својата волја во нас. Нам ни е препуштено да решиме дали ќе бидеме ослободени од ропството на гревот за да ја уживаме возвишената слобода што им прпаѓа на Божјите синови.

Предавајќи му се себеси на Бога, ние мораме безусловно да го отфрлиме сè она што би можело да нè одвои од него. Затоа Спасителот и кажува: „И така, ако некој од вас не се откаже од сè што има, не може да биде мој ученик“ (Лука 14,33). Мораме да се откажеме од сè што би можело нашето срце да го одврати од Бога. Мамонот е идол на мнозина. Љубовта кон парите и желбата за богатство се златен синџир што ги врзува со сатаната. Други обожаваат углед и световна чест. Животот, исполнет со себично безделничење и неоптоварен со одговорности, е идол на трети. Но овие ропски окови мора да се раскинат. Не можеме половично да му припаѓаме на Господа, а половично на светот. Ние не сме Божји деца ако не сме тоа потполно.

Има такви кои тврдат дека му служат на Бога иако сакаат сами, со своја сила, да го држат Божјиот закон, да изградат праведен карактер и да си осигурат спасение. Нивните срца не се поттикнати со длабоко разбирање на Христовата љубов, туку обврските на христијанскиот живот ги исполнуваат како услови што им ги поставил Бог за да можат да го добијат небото. Таквата религија нема никаква вредност. Кога Христос живее во срцето, душата се исполнува со неговата љубов и се радува што ужива негова заедница и единство со него. Тогаш, гледајќи го него, ќе заборави на себе. Љубовта кон Христа ќе биде извор на дејствување. Оние што ја чувствуваат силата на Божјата љубов не прашуваат на кој начин со што помалку труд би можеле да се задоволат Божјите барања; тие не бараат најниски мерила, туку имаат цел да бидат во совршена хармонија со волјата на својот Откупител. Со искрен копнеж тие жртвуваат сè и покажуваат интерес што е во согласност со вредноста на целта кон која се стремат. Признавањето на Христа без таква длабока љубов е празно прикажување, сув формализам, тежок јарем.

Мислите ли дека да му се предаде на Христа сè е премногу голема жртва? Прашајте се самите себеси: „Што дал Христос за мене?“ Божјиот Син дал сè – животот, љубов и трпение – за да нè откупи. Можеме ли ние, иако недостојни за толку големата љубов, да не му го дадеме нему нашето срце? Во текот на целиот наш живот, секој миг, ние сме учествувале во благословите на неговата милост, и токму тоа е причина што не можеме наполно да ја сфатиме длабината на незнаењето и бедата од која нè избавил. Можеме ли да го гледаме него, кој е прободен заради нашите гревови, и пак да постапуваме спротивно на сета негова љубов и жртва? Гледајќи го бесконечното понижување на славниот Господ, дали ќе приговараме што во вечниот живот можеме да влеземе само со борба и понижување?

Многу горделиви срца прашуваат: „Зошто морам да се покаам и да се понизам пред да можам да бидам сигурен дека Бог ме прифатил?“ Ви обрнувам внимание на Христа. Тој бил безгрешен и, не само тоа, бил небесен кнез; но заради човекот, заради човечкиот род, „стана грев“. „Беше вброен меѓу злосторници за да ги понесе на себе гревовите на мнозина и да се заземе за злосторниците“ (Исаија 53,12).

А од што се откажуваме ние кога ќе дадеме сè? Од осквернетото со грев срце што треба да го исчисти Исус, да го испере со својата крв и да го спаси со својата ненадмината љубов! И пак луѓето мислат дека е тешко да се откажеме од сè! Се срамам да слушам кога се зборува за тоа, се срамам да пишувам за тоа.

Бог не бара да се откажеме од ништо што би можеле да го задржиме за свое добро. Сè што прави, Тој го има предвид доброто на своите деца. Сите оние што не го избрале Христа, барем кога би можеле да сфатат дека Тој им нуди нешто неизмерно подобро од она што самите го сакаат! Најголема штета и неправда човекот ѝ нанесува на својата сопствена душа кога мисли или работи противно на Божјата волја. Нема вистинска радост на патот што го забранил Оној кој знае што е најдобро и кој им посакува добро на своите созданија. Патот на престапот е пат на беда и пропаст.

Во заблуда сме ако мислиме дека Бог радо ги гледа страдањата на своите деца. Цело небо се труди и сака човекот да биде среќен. Нашиот небесен Отец ниедно свое создание не го лишува од радоста. Божествените прописи бараат од нас да не им попуштаме на оние желби што би предизвикале страдања и разочарување, што би ни ја затвориле вратата на среќата и на небото. Откупителот на светот ги прифаќа луѓето онакви какви што се, со сите нивни недостатоци, мани и слабости; и Тој не само што ќе ги исчисти од гревот и што ќе ги откупи со својата крв, туку ќе ги задоволи копнежите на срцата на сите што ќе го примат неговиот јарем, што ќе го носат неговото бреме. Негова намера е да им подари мир и одмор на сите што доаѓаат кај него да бараат леб на животот. Тој бара од нас да ги исполнуваме само оние должности што нашите чекори ќе ги одведат до врвовите на блаженството до кои непослушните никогаш нема да допрат. Вистински радосен живот на душата постои кога во неа ќе се всели Христос, надежта на славата.

Мнозина прашуваат: „Како можам себеси да му се предадам на Бога?“ Вие сакате да му се предадете нему, но ви недостигаат морални сили, му робувате на сомневањето и ограничени сте со навиките на вашиот грешен живот. Вашите ветувања и вашите одлуки личат на кули од песок. Не сте во состојба да управувате со своите мисли, со своите побуди, со своите чувства. Свеста дека сте ги прекршиле своите ветувања и сте ги изневериле своите дадени зборови ја слаби вашата доверба во сопствената чесност и ве наведува на помисла дека Бог не може да ве прими; но не треба да очајувате. Вам ви е неопходно да сфатите колкава е вистинската сила на волјата. Таа е сила што владее во човековата природа, способност на одлучување или бирање. Сè зависи од правилната употреба на волјата. Бог му дал на човекот власт да бира и од него зависи дали ќе се послужи со неа. Вие не можете да го промените срцето, вие не можете сами од себе да му ги посветите на Бога чувствата на срцето; но можете да решите, да одберете да му служите! Можете да му ја предадете својата волја; тогаш Тој ќе дејствува во вас и ќе стори да сакате и да го правите она што му е нему угодно. Со тоа целата ваша природа ќе биде ставена под управа на Христовиот Дух; Тој ќе биде центар на сите ваши чувства, вашите мисли ќе стапат во хармонија со него.

Стремежите кон доброта и кон светост се добри сами по себе; но ако се запрете само на нив, тие нема да ви бидат од никаква полза. Мнозина ќе бидат загубени иако сакаат и копнеат да бидат христијани. Тие не стасале дотаму својата волја да му ја потчинат на Бога. Затоа сега и не се решаваат да бидат христијани.

Ако правилно ја користите својата волја, може да настане комплетна промена во вашиот живот. Ако волјата му ја потчините на Христа, вие ќе се здружите со сила која стои над сите поглаварства и власти. Ќе имате на располагање сила озгора која ќе ви помогне да бидете постојани, и со верна и предана служба на Бога, оспособени да живеете нов живот, живот со вера.

Pin It on Pinterest