Камран Бхати, Индија
„По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов помеѓу себе!” (Јован 13:35 ; Библија)
Во текот на својата колпортерска работа (работа поврзана со продавање книги) го сретнав господинот Синг – висок, средовечен, деловен човек. Штом влегов во неговата канцеларија, му ја кажав целта на мојата посета и ги претставив нашите прекрасни книги. Можев веднаш да забележам дека всушност не беше навистина заинтересиран и дека имаше нешто друго на ум. „Извини, брате“, рече, „не сакам денес да купувам никакви книги“. Тивко се помолив барајќи од Бога да ми помогне да му кажам нешто што ќе допре до него.
Во тој момент ме запраша: „Зошто ја работиш оваа работа?“ Му одговорив дека сакам со луѓето да ја споделам Исусовата љубов. Исто така му кажав дека сум адвентист. На тие зборови изразот на Неговото лице и Неговиот пристап кон мене веднаш се сменија. Стана заинтересиран и со возбуден глас ми соопшти: „Сакам да купам примерок од секоја книга која ја продавате. Напишете што сè имате со ред и покажете ми ја сметката!“ Изненаден, му се заблагодарив и направив токму онака како што кажа. Му ги покажав сите наслови и крајната сума. Не се двоумеше воопшто ниту се жалеше. Сега имаше желба да купи книги! Бог ја слушнал мојата молитва, иако неговоиот брз одговор и големината на порачката ме изненадија.
Ме интересираше што беше тоа што толку брзо го смени мислењето на господинот Синг. Затоа и го запрашав: „Господине, ако смеам да ве прашам, што влијаеше на вас да го смените својот став? “
Господин Синг се насмеа и рече дека неговиот син, кој студирал во Австралија некако се нашол сред студентски бунт и дека сите морале да побегнат. Отишол кај своите роднини и се молел да му помогнат, но тие одбиле на било кој начин да му пружат помош. Неговиот син морал да бега понатаму во страв за својот живот. Немал каде да се скрие. Тогаш ја здогледал адвентистичката црква и влегол во неа. Пасторот и некои верници го поздравиле и му рекле дека може да се чувствува сосема сигурен. Му рекле: „Исус те сака, а те сакаме и ние.“ Господин Синг продолжи: „Таа Христијанска Адвентистичка црква на мојот син му понуди засолниште и помош кога неговото сопствено семејство тоа го одби.“ Потоа додаде: „Верниците на твојата црква во Австралија се љубезни, исполнети со љубов и многу полезни луѓе!“
Какво прекрасно сведоштво! Бев навистина многу благодарен за нашиот верен народ во Австралија. Се помолив за господинот Синг и неговото семејство и се заблагодарив за сите тие љубезни браќа и сестри на другиот континент.