Вистинската љубов е безусловна, и би требало да биде видлива во сите аспекти на љубовта. (1-во Коринтјаните 13:4-7; Библија) Безусловната љубов е темелот на цврстиот однос со вашето дете. Само тој вид на однос може да му обезбеди услови за развој на детето до полн потенцијал. Само врз основа на безусловната љубов можат да се спречат проблемите како што се: чувството на незадоволство, несаканост, неприфатеност, вина, страв и несигурност.

Можеме да бидеме сигурни дека детето правилно е воспитано само ако нашиот примарен однос кон него е заснован на безусловна љубов. Без темел на безусловната љубов не е возможно да се разбере детето и неговото однесување, ниту пак тоа самото може да се носи со своето однесување.

Безусловната љубов можеме сликовито да ја наречеме светилка – водилка во воспитувањето на детето. Без неа, ние родителите ќе работиме во темнина без дневни знаци кои би ни покажале каде сме и што би требало да правиме во односот кон своето дете. Со неа имаме показатели кои ни кажуваат каде сме, каде е детето, и што да правиме во сите подрачја, вклучувајќи ја и дисциплината. Само со ваква подлога имаме камен темелник на кој ја градиме својата стручност во воспитување на детето и исполнување на неговите секојдневни потреби. Без темелот на безусловната љубов, родителството е тежок и разочарувачки товар.

Што е тоа безусловна љубов? – Безусловна љубов е да се сака детето без оглед на сѐ. Без оглед на тоа како детето изгледа. Без оглед на тоа какви му се способностите, талентите, недостатоците. Без оглед на тоа што ние од него очекуваме, и што е најтешко, без оглед на тоа како се однесува. Тоа, секако, не значи дека секогаш треба да ни се допаѓа неговото однесување. Безусловната љубов значи дека ние го сакаме своето дете дури и тогаш кога можеби го мразиме неговото однесување.

Како што споменавме кога стануваше збор за безусловната љубов во брачниот однос, тоа е идеал кон кој треба да се стремиме и во случајот на односот кон децата. Колку повеќе му се приближуваме и колку повеќе постигнуваме во таа насока, ќе бидеме сѐ позадоволни и подоверливи родители. А и нашите деца ќе бидат позадоволни, пољубезни и посреќни. Притоа, постојано треба да се потсетуваме на следниве работи:

  1. Тие се деца.
  2. Ќе се однесуваат како деца.
  3. Поголем дел од детското однесување е непријатно.
  4. Ако ја одиграме својата улога на родител и ги сакаме без оглед на нивното однесување, тие ќе можат да пораснат и ќе престанат да се однесуваат детски.
  5. Ако ги сакаме само кога сме задоволни од нив (условна љубов) и само тогаш ја пренесуваме таа љубов на нив, тие нема да се чувствуваат сакани во целост. Тоа ќе доведе да се чувствуваат несигурни, да ја искривуваат сликата за себеси и ќе бидат спречени да развијат самоконтрола и позрело однесување. Затоа, за нивното однесување и развој на тоа однесување, ние сме подеднакво одговорни колку и тие.
  6. Ако ги сакаме безусловно, тие добро ќе се чувствуваат и ќе бидат задоволни од себе. Тие тогаш ќе можат, како што ќе растат, да ги контролираат своите стравови, а исто така и однесувањето.
  7. Ако ги сакаме само кога ги задоволуваат нашите барања или очекувања, ќе се чувствуваат неспособни. Ќе веруваат дека за џабе се трудат, кога тоа и онака никогаш не е доволно. Несигурноста, стравот и ниското ниво на самопочитување ќе ги уништи. Ќе бидат постојана пречка во нивниот емотивен развој и развојот на однесување. Да повториме: за нивниот целосен развој ние сме еднакво одговорни колку и тие.
  8. Поради себе како родител и поради своите деца, да се молиме љубовта кон нашите деца да биде колку е можно повеќе безусловна. Иднината на нашите деца зависи од тој темел.

Pin It on Pinterest