Никој не планира однапред да се заљуби. Кој од нас може конкретно да ја опише мистериознста на привлечноста кон некоја личност?

Вљубувањето всушност е Божја идеја. Бог е Оној кој нè создал да може да имаме романтични чувства. Тој е Оној кој ни овозможил да ја почитуваме убавината и да почувствуваме привлечност. Тој е Оној кој го осмислил бракот за оганот на романтичната љубов  да стане нешто уште попрекрасно – завет на љубовта. Зошто го направил тоа? Од истите причини од кои го направил прекрасниот залез на сонцето, со неверојатни бои. Затоа што Бог е добар. Затоа што Тој сака да ни даде милион различни можности да видиме колку Тој е прекрасен.

Помислете само на првите маж и жена кои Бог ги создадел. Библискиот извештај за Адам и Ева е приказна за момчето кое ја сретнува девојката. Нивната љубовна приказна јасно покажува дека Бог е Автор на романсата. Обично ние не размислуваме за Библискиот извештај за Адам и Ева како на љубовна приказна, но тој извештај е полн со романса. Тие биле луѓе како што сме јас и ти. Тие виделе, почувствувале, посакале. Дали можете да го замислите моментот кога тие се сретнале за прв пат? Замислете. Како изгледало да сретнете некој од спротивниот пол, а не сте ни знаеле дека постои спротивен пол? Сигурно имало и искри.

Имало чувства помеѓу нив двајца како помеѓу никого досега. И еве го најневеројатниот дел: Бог го гледал и се радувал за сето тоа. Тој бил оној кој организирал тие да бидат заедно. Бог кој ги повикал галаксиите во постоење, нашол радост во убавината на романсата помеѓу мажот и жената. Бог бил навистина задоволен кога видел како нивните срца чукаат забрзано како никогаш дотогаш.

Романсата е навистина прекрасно нешто. Но само затоа што е прекрасно не значи дека ние можеме да уживаме кога сакаме и како сакаме. Како и другите прекрасни работи кои ги создал Бог, така и романсата може да биде злоупотребена. Кога романсата ја одржуваме со Божја мудрост, ние имаме романса која е водена од она што е вистина за Бога и за светот кој Тој го создал. Врската помеѓу мудроста и романсата е како онаа помеѓу врвката и леталото. Романтичната љубов е како летало (змеј) кое го дува ветрот и упорно го влече нагоре кон небото; мудроста е врвката која го враќа надолу, за да го одржи да не одлета во бескрајниот простор. Понекогаш леталото „се чувствува“ ограничено од врвката, додека е врзано и „посакува“ да биде пуштено за да одлета навистина многу високо. Но без управување со врвката, леталото под дејство на силен ветар би било дувнато и набрзина би паднало долу и би се скршило. На ист начин, романсата без мудрост брзо би се изгубила во облаците и подоцна драматично и фатално би паднала на земјата. Без мудрост, романсата би станала себична, предадена на чувствата, па дури и идолопоклоничка. Дали сте биле во ваква врска? Дали сте биле сведок на ваква врска во животот на некој пријател? Што е тоа што недостасува? Одговорот е – мудроста.

Не е доволно само да се има романтични чувства. Секој го може тоа! Долготрајната романса има потреба од практична, разумна, мудрост која знае кога да дозволи да нè понесе ветерот, а кога да нè повлече назад – кога да ги изразиме нашите емоции, а кога да молчиме, кога да го отвориме нашето срце, а кога да го зауздаме.

Pin It on Pinterest