Планско читање на Библијата

Практично секој христијанин во одреден момент решил да ја прочита цела Библија. Ако верувате дека Библијата е Божји збор упатен до луѓето, природно е да не сакате да пропуштите ништо од она што е напишано внатре. Ако во вашето поштенско сандаче добиете писмо од Бог, сугурно ќе го прочитате. Но, Библијата е прилично големо писмо, што за некои изгледа дури застрашувачки. Од таа причина, голем дел од христијаните ја немаат прочитано целата Библија, од почеток до крај. Но, тоа не мора да биде случај и со вас. Ви претставуваме разработени планови за читање на Библијата кои им помогнале на милиони луѓе да ја прочитаат Библијата, и не само еднаш, туку многу пати, преку секојдневно, планско читање. Одберете го планот кој вам најмногу ви одговара и уште денес започнете со планско читање на Библијатa. Доколку остнете дисциплинирани и се придржувате до планот кој ќе го изберете, веруваме дека наскоро ќе им се придружите на милиони други христијани ширум светот, во воскликнување со зборовите на псалмистот: „Колку се слатки на моето непце Твоите зборови, послатки се од мед во мојата уста.“ (Псалм 119:103).

Една година - Стариот и Новиот Завет комбинирано

Овој план за читање на Библијата предвидува во рок од една година Стариот Завет да се прочита еднаш, а Новиот Завет двапати. Притоа, распределбата на Библиските книги и поглавја е комбинирано. Според нас овој план е одличен за оние кои за прв ќе решат плански да ја читаат Библијата, и тоа од две причини:
1) Истовремено ќе читаат и од Стариот и од Новиот Завет, што значи во ниту еден момент Библијата нема да им постане монотона (заради набројување на одредени родословија, долги историски извештаи или пак делови од Стариот Завет кои се потешки за разбирање);
2) За секој ден се предвидени само околу три до четири поглавја, така што сите оние кои сеуште не стекнале навика за редовно, планско читање на Библијата, лесно ќе можат да го следат овој план и во рок од една година да го имаат прочитано Стариот Завет еднаш, а Новиот Завет двапати.

Една година - Стариот и Новиот завет по ред

Следејќи го овој план, ќе ја прочитате целата Библијата во рок од една година, притоа читајќи по само три до четири поглавја секојдневно. Карактеристично за овој план е тоа што започнува со Стариот Завет, па дури кога ќе се заврши со Стариот се преминува на читањето на Новиот Завет.
Искутвото покажало дека овој план не е најдобра опција за оние кои до сега ја немаат читано Библијата, од причина што на моменти можат да ја доживеат Библијата монотона, заради одредени Старозаветни извештаи кои содржат долги родословија или историски нарации поврзани со Израелскиот народ. Ќе треба да поминат многу месеци за читањето на Новиот завет да дојде на ред, кој во суштина им е до некаде повеќе познат на сите кои досега не ја читале Библијата. Од друга страна, овој план е одличен за оние кои добро се запознати со Библијата, па читањето на Библиските книги и поглавја по ред ќе ги држи фокусирани само на еден дел од Библијата, што ќе придонесе да увидат одредени детали кои до тогаш не ги приметиле, а исто така и да се потсетат на одредени работи кои со текот на времето ги подзаборавиле. Тоа што овој план предвидува околу три поглавја дневно, го прави лесен и практичен за следење, дури и за оние кои се презафатени со секојдневни обврски.

Шест месеци - Стариот и Новиот Завет по ред

Овој план предвидува секојднвено читање на Библијата по околу шест поглавја во просек, во период од шест месеци. Прво се Започнува со книгите од Стариот Завет по ред, по што се продолжува со книгите од Новиот Завет. Според нас ова е најоптималниот план, особено за оние кои ја имаат читано Библијата, бидејќи истиот овозможува Библијата да се прочита двапати во рок од една година, а притоа да не се почувствува преголем напор, затоа што сепак станува збор за само околу шест поглавја дневно. Земајќи во обзир дека тие шест поглавја може да се поделат на утринско и вечерно читање, го прави овој план идеален за сите оние кои навистина сакаат да бидат под постојано влијание на Божјиот збор.

Три месеци - Стариот и Новиот завет по ред

Ова е навистина ентузијастички план за читање на Библијата. Предвидува целата Библија да се прочита во рок од три месеци, при што секојдневно се читаат по околу дванаесет и пол поглавја во просек. Го препорачуваме овој план на сите оние кои ќе бидат поттикнати од Бог да секој ден се посветат на интензивно истражување на Вистината, во текот на одреден период; Можеби додека да ги добијат одговорите на најсуштински важните прашања поврзани со смислата на животот и за да дознаат која е Божјата волја за нивниот живот. Ние од тимот на Благодат и Вистина сме поминале низ такво искуство на интензивно истражување во одреден период од животот и затоа на секого најискрено Му го препорачуваме истото. Сигурни сме дека после такво искуство ќе можете да го поделите својот живот на „пред“ и „потоа“. Притоа, при таквото интензивно истражување, никогаш не смее да се заборави дека приоритет треба да биде ставен на Библискиот текст, пред било кој друг помошен материјал за проучување на Библијата.
Важно е да се обрне внимание на два аспекти кои може да им се случат на оние кои би се одлучиле за овој план:
1) Имало случаеви луѓето да се зафатат со оваков интензивен план на читање на Библијата и на почетокот се ентузијастички настроени во тоа, меѓутоа како што одминуваат деновите сфаќаат дека таквиот план подразбира одвојување на доста време во текот на секој ден, па свесни дека неможат да го издржат тоа темпо се откажуваат од целосно читање на Библијата (што е навистина голема штета)
2) Може да се западне во замка да се читаат поглавјата кои се предвидени за секој ден, сè со цел да се остане доследен на планот, а притоа да не се обрне доволно внимание на она што се чита. Таквото површинско читање на Библијата, без да се одвои доволно време за размислување додека се чита, нема да биде на голем благослов. Подобро е да се чита помалку, а истото добро да се восприема, отколку само да се „претрча“ низ Библискиот текст. Затоа, добро размислете и испланирајте дали сте во можност и дали навистина сакате да одвојувате доволно време секој ден, пред да се одлучите за овој план.

Табеларен приказ на сите книги и поглавја од Библијата

Сите горенаведени планови имаат свои предности. Истите тие им се на голем благослов на мноштво луѓе, со тоа што им помагаат да се придржуваат кон своите одлуки за планско читање на Библијата. Сепак, можеби вие сметате дека во овој период ви е потребен уникатен план, посебно изработен за вас самите, план според кој би ги читале Библиските книги и поглавја по редослед за кој мислите дека најмногу би ви одговарал. Или пак, можеби воопшто не сакате строго да се придржувате до однапред дефиниран план, туку секој ден да одлучувате што ќе читате за тој ден. Како и да е, во секој случај, можете да го искористите овој табеларен приказ на сите книги и поглавја од Библијата. Како што ќе ги завршувате поглавјата од различните книги можете да ги обележувате соодветните квадрати, па на тој начин да имате визуелна претстава за тоа што имате прочитано, а што ви останува да прочитате. Можете да користите и боички за обојување на квадратите, со тоа што самите вие ќе си одлучите која боја што ви означува. На тој начин секогаш во иднина ќе можете да се навраќате на одредени Библиски книги или конкретни поглавја кои специфично ви се обоени – знаејќи дека во нив ќе прочитате нешто кое што ви е важно за тој момент.

s

Би сакале да напоменеме дека доколку започнете со планско читање на Библијата, но се случи неколку дена да прескокнете и да не читате Библија воопшто, немојте да очајувате, обидете се наредниот период да надокнадете, меѓутоа ако не можете да го надокнадете тоа што било предвидено, едноставно продолжете од таму каде што сте застанале. Ако планот кој сте го одбрале предвидува читање на Библијата за една година, а вие го завршите истиот план за година и два месеци – сепак тоа е многу подобро отколку да сте се откажале некаде на почетокот или на средината (само затоа што не сте успеале да читате секој ден). Најважно од сè е да не се откажувате. Не е толку страшно ако и закаснете со планот во одреден период, важно е да продолжите напред, од таму каде што сте застанале. Молете се и барајте сила од Бог да ви помогне да истраете во планското читање на Библијата, но исто така молете се за да можете да го разберете тоа што го читате и да го примените во својот живот – со Божја помош. Во Библијата е запишано: „22 Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси. 23 Зашто, кој го слуша Словото, а не го извршува, сличен е на човек, кој го набљудува своето природно лице во огледало; 24 ќе се погледне и ќе замине, и веднаш заборава каков бил. 25 А кој ќе се загледа во совршениот закон на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како вистински извршител, тој ќе биде блажен во својата дејност.“ (Јаков 1:22-25 ; Библија)

Pin It on Pinterest