Похотата кај секој човек може да е различна.Таa може да биде во вид на некои романтични фантазии, интернет порнографија или искушение да имате односи со момчето или со девојката. Бидејќи има безброј варијанти за похота, едноставната дефиниција за похотата е: Похотата е сексуална желба кон нешто што е од Бога забрането.

Похотата значи да копнееш по нешто што немаш и што не ти е наменето да го имаш. Похотата оди повеќе од привлечноста, од разбирањето за убавината, дури и од здравата потреба за интимност. Похотата сака да оди надвор од Божјите граници за да најде задоволство.

Похотата е еден од најголемите проблеми на денешната генерација. Многумина започнуваат со мали компромиси кои водат до сериозен грев и вина. Нивните приказни на тајни и агонизирачки борби со предбрачна интимност и со порнографија ги разорува нивните тела и нивниот дух. Многумина кои некогаш се заколнувале на чистота сега не можат да поверуваат во која длабочина на нечистотијата се спуштиле.

Дали има нешто пообесхрабрувачко отколку да се изгуби во борбата со похотата? Таа го исцрпува нашиот копнеж за духовност. Прави нашата вера да изгледа шуплива. Нè спречува да се молиме. Го обојува целиот наш живот и целото наше искусвто во поглед на одењето со Бога. На моменти сме обземени со срам што ни се чини дека Бог е милијони километри оддалечен од нас…

Што правиме погрешно?

Дали треба да биде вака? Зарем Исус не умре за да го победи и ова за нас? Секако дека не треба така да остане и секако дека Исус умре за да можеме да извојуваме победа над секој грев па и над овој. Бог не сака да живееме бесконечен циклус на порази. Бог не планирал ние да живееме живот управуван од похота, вина и срам.

Тогаш каде грешиме?

Ние ја губиме битката со похотата затоа што најчесто грешиме во три клучни делови:

  1. Имаме погрешни стандарди за светост;
  2. Се потпираме на погрешен извор на сила за промена;
  3. Имаме погрешен мотив за борба против гревот.

Нашиот неуспех е затоа што ние самите ги поставуваме стандардите за послушност кон Бога. Создаваме правила кои мислиме дека можеме да ги следиме. Друг проблем е затоа што нашата надеж ја ставаме на погрешно место, на нашата волја и нашата сила. Наместо да се потпреме на Бог со вера, ние се насочуваме кон нашата способност да се спротивставиме на искушението. И на крај ниту мотивацијата не ни е од помош, бидејќи несвесно ние се обидуваме да Му покажеме на Бога колку добри можеме да бидеме и колку вредиме.  Но секако секогаш кога тргнуваме со погрешен мотив сè се распаѓа. И кога ќе доживееме неуспех мислиме дека не сме доволно чисти ниту пак вредни за Божјата љубов, потоа чувството на вина нè оддалечува од молитвата. Потоа се обидуваме уште повеќе да ја засилиме волјата да не грешиме, а тоа не води до поголемо обесхрабрување и фрустрација.

Но добрата вест е дека не мораме да живееме на овој начин. Божјата Реч – Библијата ни покажува како да дојдеме на патот до слободата. Ни покажува дека клучот за излез од кругот на порази е да се прегрне Божјиот стандард за светост, Неговиот извор на сила да менува, и вистинскиот мотив во нашата борба против гревот.

Тогаш кои се Божјите стандарди кога станува збор за похотата? Колку од похотата Бог ни дозволува да ја имаме во нашите животи. Дали сте подготвени за ова? Одговорот е ништо, нула, ни трошка похота не ни е дозволено.

И оваа забрана не е затоа што не нè сака и е строг, туку напротив затоа што нè сака и затоа што ние сме Негови и Тој знае што е најдобро за нас.

Во Библијата, во Ефесјаните 5:3 е запишано: „А блудството и секаква нечистота или лакомост, да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светите!“

Бог вели да бидеме одвоени од секаква нечистота, не вели само да немаме интимни односи надвор од брак. Тој сака да отстраниме секаков вид на нечистота во нашите мисли. Тој сака да се нурнеме длабоко во нашите срца и да ја исфрлиме секоја сексуална алчност која постојано бара нови сензуални задоволства. Но сепак, наместо да ја исфрлат секоја сексуална алчност од своите срца, многумина развиваат мислење дека се на временска диета од похотата. Ние навистина сакаме да ја отсечеме похотата бидејќи знаеме дека не е здрава и прави да се чувствуваме лошо. Нo како некој сочен чоколаден десерт, похотата е премногу вкусна за да ја отфрлиме целосно. Си мислиме дека Бог ќе има разбирање за нас ако ја прекинеме повремено диетата, со некои не толку многу похотни нешта. Како на пример, само гледаме а не земаме учество. Но Исус јасно кажал дека оној што помислил похотни мисли е исто како и да ги направил.

Ова е истото размислување како прастарото прашање „Колку далеку е предалеку?“ „Дали само малку  похота е ок?“ Гледаме како менталитетот на диета нè води да поставиме пониски стандарди од Божјите. Може да кажеме „Од малку не ни е ништо“ И ни звучи како разумен стандард.

Но има еден проблем. Библијата не нè учи така.  Малку похота не е во ред. Затоа Бог вели да не се ни спомене. Тоа значи дека не смее во нашите животи да престојува похота. Ние мора да се бориме против неа во секој дел. Звучи исцрпувачки, но не грижете се, токму така  треба да се чувствувате.

Не е лесно да се ослободиме од похотата. Похотата нè примамува, нè уловува дури и кога илјада пати сме одлучиле да се ослободиме од неа.

Јасно е дека сексуалната чистота е нешто што само Бог може да го донесе во нашиот живот. Божјите стандарди на „не ни спомнувај“ нè носат до крајот на нашата способност и труд. Тоа нè потсетува дека Божјите стандарди се многу повисоки од стандардите кои ние си ги поставуваме за нас, и само Христовата победа над секое искушение, над гревот и смртта можат да ја обезбедат встинската сила и вистинскиот мотив кој е неопходен за да нè промени.

Силата на волјата не функционира. Само силата на крстот може да ја скрши силата на гревот кој нè држи заробени. И покрај гордоста дека самите можеме да го промениме тоа – тоа не функционира така. Само мотивот на благодатта – довербата во незаслужената љубов од Бога, љубов која е безусловна и не зависи од нашата послушност или бунт – може да нè инспирира да Му дозволиме на Христа да се всели во нас, за да ја исполнуваме Божјата светост.

Бог сака да ни покаже дека преку она што го жртвуваме ќе доживееме вистинска радост. И кога ќе го споредиме благословот откако сме се откажале од похотата, жртвувањето воопшто не личи на жртвување.

Ако очекуваме да најдеме победа над похотата, мораме да веруваме со цело срце дека Бог е против похотата не поради тоа што Тој е противник на задоволството, туку затоа што Тој сака да доживееме чисто задоволство без никакво загадување.

Ние мораме против огнот да се бориме со оган. Огнот на похотните задоволства мора да биде соборен со огнот на задоволствата кои Бог сака да ги имаме – чисти задоволства, ослободени од грев. Ако пак со огнот на похотата се обидуваме сами да се бориме, постојано прогонувајќи се самите, заканувајќи си се, ние со сигурност ќе паднеме.

Ние мораме да се бориме со огромното ветување на неверојатно задоволство. Мораме да го уништиме малото треперење на похотното задоволство со цел да можеме да уживаме во огнот на чистото, свето задоволство.

Бог ни дава надеж да се ослободиме од постојаното чувство на срам и незадоволство. Тој не ни вели да ги намалиме стандардите до ниво каде што можеме да постигнеме сами со своја сила. Тој не повикува да ги прифатиме стандардите кои Тој ги поставил во Библијата – да не ни помислиме на неморална интимност. Бог сака да бидеме очајни во нашата сила за да немаме друга опција освен да се фрлиме себе си во Неговата благодат.

Тоа е мистеријата во Неговиот план. Ќе ја пронајдеме Неговата сила во нашата слабост. Како што очајуваме во себе си така ќе најдеме надеж во Него. И кога ќе го свртиме грбот на похотата, ќе откриеме дека вистинското, трајно задоволство е нешто што само Бог може да го даде.

Pin It on Pinterest