(Пети ден)

„Колку ми се драгоцени Твоите науми, Боже, колку е непресметлив нивниот број. Да ги бројам! Повеќе се од песок! Кога се будам, уште сум со Тебе!“ (Псалм 139:17.18; Библија)

Љубовта размислува. Таа не е некое неразумно чувство кое го поттикнуваат само емоциите, а кое е ментално заспано. Таа е окупирана со мислите, бидејќи знае дека добрите мисли им претходат на добрите дела.

Кога штотуку сте се заљубиле ви било природно да бидете замислени. Сте поминувале часови фантазирајќи за тоа, како вашиот/вашата сакан/а изгледа, прашувајќи се што прави, вежбајќи ги највпечатливите зборови, а потоа ужувајќи во слатките спомени на времето кое сте ги поминале заедно. Искрено сте признавале: „Не можам да престанам да мислам на тебе!“ Но, за повеќето парови, тоа почнува да се менува по стапувањето во брак. Жената конечно го има својот маж, а мажот го има својот трофеј. Ловот е завршен и потерата е готова. Искрата на романтичноста полека согорува во сив пепел и мотивацијата за размисување за саканиот/саканата се губи. Тежиштето се префрла на работата, пријателите, проблемите, личните желби и на себе. По некое време, ненамерно почнувате да ги запоставувате потребите на својот брачен другар.

Сепак, фактот дека бракот придодадел уште една личност во вашиот свет не се менува. Затоа, ако вашето размислување не созреало доволно, постојано да ја вклучува таа личност, може да ви се случи, наместо промисленоста да доживеете изненаденост:

„Денес ни е годишнина?“

„Зошто не ме вклучи во донесување на тие одлуки?“

„Дали ти некогаш размислуваш за некој друг, освен за себе?“

Ако не научите да размислувате за својот брачен партнер, на крајот ќе жалите поради пропуштените можности да покажете љубов. Недостатокот на размислувањето за оној, кого го сакаме е тивок непријател на љубовната врска.

Да бидеме искрени, мажите повеќе страдаат од недостаток на размислување за саканата личност отколку жените. Мажот може да го насочи своето внимание кон една работа, како ласер, и да заборави на остатокот на светот. Иако тоа можеби му е од полза на некое подрачје, може да го наведе да го пропушти она другото што го заслужува неговото внимание.

Жената, од друга страна, почесто е свесна за повеќе работи во исто време, воодушевувачки способна да води сметка за повеќе од еден фактор. Таа може да разговара по телефон, да готви, да знае каде ѝ се децата во куќата и да се прашува зошто мажот не ѝ помага. Сето тоа во исто време. Уште нешто, жената размислува и релационо. Кога со нешто се занимава, таа е свесна за сите луѓе кои на некој начин се поврзани со тоа.

Двете тенденции се докази дека Бог замислил, жените да ги надополнуваат своите мажи, бидејќи Бог при создавањето рекол: „Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему.“ (1-ва Мојсеева 2:18; Библија) Но овие разлики исто така создаваат повод за недоразбирања.

На пример, мажите имаат тенденција да размислуваат сконцентрирано „во главни црти“ и да го кажат токму она што го мислат. Не е потребно многу за да се сфати пораката. Неговите зборови се буквални и не треба премногу да ги анализираме. Но жените размислуваат и зборуваат „помеѓу редови“. Нивната намера е да наговестат. Мажот често мора да го слушне она што се подразбира, ако сака да го сфати целосното значење.

Ако брачниот пар не го научи ова, еден за друг, како последица ќе се јави бескрајно несогласување. Тој е вознемирен прашувајќи се зошто таа зборува во шифри, наместо едноставно да дојде и да каже што има. Таа е вознемирена прашувајќи се зошто тој е толку бесчувствителен и зошто едноставно не собере два и два и не заклучи за што станува збор. Жената длабоко копнее нејзиниот маж да размислува за неа. Тоа е клучно за таа да се чувствува сакана. Кога таа зборува, мажот треба да слуша како детектив за да ги открие неискажаните потреби и желби кои нејзините зборови ги наговестуваат. Меѓутоа, ако таа мора секогаш, сѐ јасно да му стави на знаење, тоа нему му ја одзема можноста да ѝ покаже дека ја сака (гледано од нејзина перспектива).

Ова исто така објаснува зошто жените се лутат на своите мажи, а да не им кажат зошто. Таа во себе размислува: „Сигурно не треба сѐ да му нацртам. Би требало да е во состојба да ја согледа ситуацијата и да сфати што се случува.“ Во исто време, тој страда бидејќи не може да ги чита нејзините мисли, и се прашува, зошто е казнет за злосторство за кое не знае дека го направил.

Љубовта бара размислување од двете страни, размислување кое гради мостови со помош на конструктивна комбинација на трпение, љубезност и несебичност. Љубовта ве учи како да се сретнете некаде на средина и како да го почитувате и цените уникатниот начин на размислување на другиот.

Мажот треба да ја слуша својата жена и да научи да обрнува внимание на нејзините неискажани пораки. Жената треба да научи јасно да комуницира, а не едно да кажува, а друго да мисли.

Сепак наместо тоа, пречесто станувате лути и вознемирени, применувајќи го оној деструктивен модел на однесување: „Подготви се, пукај, погоди.“ Зборувате грубо, а подоцна проценувате, дали тоа требало да го кажете или не. Меѓутоа, промислената природа на љубовта ве учи да го вклучите својот ум пред да го вклучите својот јазик. Љубовта мисли пред да прозборува. Таа ги просејува зборовите низ ситото на вистината и љубезноста.

Кога последен пат сте поминале неколку минути размислувајќи за тоа како би можело подобро да разберете и да ја покажете љубовта на својот/својата сопружник/сопружничка? Која негова/нејзина моментална потреба можете да ја задоволите? За кој следен настан (годишнина, роденден, празник) би можеле да се подготвите?
Добрите бракови се производ на добро размислување.

 

ДЕНЕШЕН ПРЕДИЗВИК
ВО НЕКОЈ МОМЕНТ ВО ТЕКОТ НА ДНЕВНИТЕ ОБВРСКИ, КОНТАКТИРАЈТЕ ГО СВОЈОТ БРАЧЕН ПАРТНЕР. НЕКА ПОВОДОТ НЕ БИДЕ НИШТО ДРУГО ОСВЕН ДА ГО/ЈА ПРАШАТЕ КАКО Е, КАКО МУ/Ѝ ОДИ, И ДАЛИ ПОСТОИ НЕШТО ШТО ВИЕ БИ МОЖЕЛЕ ДА НАПРАВИТЕ ЗА НЕГО/НЕА.

Забележете го во дневникот денешниот предизвик кога ќе го исполните.
Што научивте за себе и за својот/својата сопружник/сопружничка исполнувајќи го денешниот предизвик? Како ова да стане природен, вообичаен и вистински полезен дел од вашиот начин на живот?

„Му благодарам на својот Бог секогаш кога си спомнувам за вас.“
(Филипјаните 1:3; Библија)

Pin It on Pinterest