Многу луѓе се опседнати со својот физички изглед и се грижат за своето тело дури и повеќе од потребното. Од друга страна, постојат луѓе кои се грижат за развојот на духовниот аспект во својот живот, но истовремено ја запоставуваат неопходната грижа за своето тело. Ретки и среќни се оние кои се грижат и за двете.

Во Библијата наидуваме на делови каде што Бог ни укажува на неопходноста од грижа за телото кое ни го дал. Следуваат неколку библиски стихови поврзани со грижата за телото.

„Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој е во вас, Кого го имате од Бога, па не си припаѓате само на себеси? Зашто скапо сте купени. И така, прославете Го Бога во своето тело и во својот дух, кои се Божји.“ (1-во Коринтјани 6:12-20; Библија)

Од ова можеме да заклучиме пет радикални вистини за нашето тело, кои се сосема различни од она што светот ни го вели денес:

 

  1. Нашето тело Му припаѓа на Бога

Бог го создал нашето тело и Тој очекува да се однесуваме кон него на начин на кој Тој имал намера да се однесуваме. Ние природно се бунтуваме против тоа. Нашата средина нѐ учи: „Моето тело е мое и можам да правам со него што сакам.“ Но Библијата вели дека Бог нѐ создал и ова тело ни го дал за да се грижиме за него. Да се грижиме за она што Тој го создал. Факт е дека сѐ што гледаме на земјава е создадено од Бог и конечно, Нему му припаѓа. Така е и со нашето тело. Библијата вели: „А телото не е за блудство, туку за Господа.“ (1-во Коринтјани 6:13; Библија)

Честопати ги правиме сличните грешки како познатите грчки филозофи Аристотел, Сократ и Платон, кои верувале во дуализам, кој ја вклучува идејата дека нашиот ум е важен, но нашето тело не е важно за духовноста. Тие го обезвреднувале телото. Всушност, некои од грчките филозофи сметале дека телото е зло, па затоа не е ништо страшно ако не се грижиме за него. Библијата ни укажува на спротивното. Нашето тело е свето бидејќи Бог го создал. Ние треба да Го прославиме Бога и со нашите тела, па затоа не треба да мислиме дека можеме да го одвоиме нашето тело од умот и на тој начин да живееме само за духовни нешта. Телото и умот се неодвоиви. Нашето тело е Божја сопственост.

 

  1. Исус плати и за нашето тело кога умре за нас на крстот

Сѐ има своја вредност, а вредноста се одредува според тоа, кој колку е волен да плати. На пример, ние за нашиот автомобил може да мислиме дека вреди многу, но всушност нашиот автомобил вреди колку највисоката понуда која би ја добиле за него, доколку го продаваме. Ако сакаме да дознаеме колку е вреден нашиот живот за Бога, доволно е да погледнеме на крстот. Со своите раширени раце, заковани на крстот, Исус вели: „Еве колку вредиш за Мене. Те сакам толку многу. Попрво би умрел, отколку да живеам без тебе. Ти си бесценет.“ Ако сме толку многу вредни колку и животот на Исус, кој умрел за нас, тогаш сигурно Бог копнее по тоа да сфатиме дека е неопходно подобро да се грижиме за нас самите, подобро да се грижиме и за своите тела.

 

  1. Божјиот Дух живее во нашето тело

Во Библијата е запишано: „Во Него и вие, откако го чувте словото на вистината – Евангелието на вашето спасение – и откако и вие поверувавте, станавте запечатени со Светиот Дух на ветувањето. Кој е залог за нашето наследство, за откупување на оние кои станаа Божја сопственост – за пофалба на Неговата слава.“ (Ефесјаните 1:13-14 ; Библија)

Кога ќе Го примиме Исус со вера, прифаќајќи го сè она што Тој го направил за нас, тогаш Бог нè запечатува со Светиот Дух, како гаранција за нашето спасение.

Понатаму, во Библијата е запишано: „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој е во вас, Кого го имате од Бога, па не си припаѓате само на себеси? Зашто скапо сте купени. И така, прославете Го Бога во своето тело и во својот дух, кои се Божји.“ (1-во Коринтјани 6:19; Библија)

Кога Бог ни го дава Светиот Дух, нашето тело станува Божји храм. Ако е така, тогаш, дали ако видите некој што го уништува Божјиот храм, ја руши градбата, удира по ѕидовите,  ги крши циглите, дали би го сметале тоа за криминал и за сквернавење? – Секако! Таков криминал и сквернавење правиме на нашето тело секогаш кога го вандализираме со тоа што: не внимаваме на исхраната – па свесно внесуваме продукти за кои знаеме дека му наштетуваат, кога сме очајни за сон – а не спиеме, кога ја занемаруваме потребната физичка активност, кога сме под преголем стрес и воопшто не се грижиме за телото како што треба…

 

  1. Бог очекува да се погрижеме за нашето тело

Иако ние не сме сопственици на нашето тело (Бог е сопственикот), сепак ние сме чуварот, ние сме повереникот, оној кој се грижи за него. Нам ни е доверена таа света должност. Грижата за сопственото тело е дел од духовните активности и пракси. Еден ден ќе треба да дадеме отчет за тоа како сме управувале со сѐ што ни е дадено, вклучувајќи го и нашето тело. Животот на оваа земја е подготовка за нашиот вечен живот. Ние самите се регрутираме додека сме овде на земјата, со тоа дали ќе направиме свесни избори со кои би го отфрлиле вечниот живот. Што стои до Бог, Тој направил сè од негова страна. Ни го подарил сето небо, ни ја подарил својата бесконечна благодат, за да би можеле да се однесуваме кон нашето тело како кон Божји храм. Сепак од нас самите зависи дали ќе ја отфрлиме сета помош и сите благослови кои ни стојат на располагање и ќе ја занемариме грижата за самите себеси, грижата за сопственото тело.

 

  1. Бог ќе ги преобрази нашите тела во прославени тела

Бог секогаш употребува максимум од сѐ што создал. Библијата вели: „А Бог, Кој Го воскресна Господа, ќе нè воскресне и нас со Својата сила.“ (1-во Коринтјани 6:14; Библија)

Ние всушност не знаеме какви ќе бидат нашите прославени тела, но можеме да имаме некои сознанија. Знаеме дека откако Исус станал од гробот, Тој одел низ Ерусалим четириесет дена во воскреснато, прославено тело и многумина Го виделе. И затоа веруваме дека луѓето ќе нѐ препознаат и во нашето ново тело. Нашиот идентитет ќе остане во текот на вечноста. Но со сигурност ќе постои една голема разлика: нашето ново тело ќе биде прославено, совршено, витално, без мана, без болести, без лузни, без рани, без недостатоци, со отсуство на било каков вид на болка или стареење.

Pin It on Pinterest