[Патот кон Христа – единаесето поглавје]

Бог ни зборува преку природата и преку откровението, преку своето провидение и преку влијанието на својот Дух. Но сето тоа не е доволно; неопходно е и ние да го отвориме пред него нашето срце. За духовно да живееме и да имаме духовна сила, мора да одржуваме вистинска врска со нашиот небесен Отец. Нашите мисли можат да се занимаваат со него; ние можеме да размислуваме за неговите дела, за доказите на неговата милост, за неговите благослови, но сето тоа уште не е во вистинска смисла одржување на врска со него. За да стапиме во врска со Бога, мора да посакаме да му раскажеме нешто од нашиот личен живот.

Молитвата е отворање на срцето пред Бога како пријател. Не затоа што би било неопходно да му откриеме што сме, туку да се оспособиме себеси да го примиме. Молитвата не го спушта Бога кај нас, туку нас нè издигнува кон него.

Кога бил на земјата, Исус своите ученици ги учел како да се молат. Тој ги упатувал сите свои секојдневни потреби да му ги изнесат на Бога, сите свои грижи да ги стават пред него. Ветувањето што им го дал ним, дека молитвите ќе им бидат примени, ни го дал и нам.

И сам Исус, додека престојувал меѓу луѓето, често одел на молитва. Нашиот Спасител се изедначил со нас во нашите потреби и слабости и со тоа станал понизен и сесрден молител кој од својот Отец бара нова сила за да може да продолжи понатаму, оспособен и за должноста и за искушението. Тој е наш пример во сè. Тој е брат во нашите слабости, „искушан во сè, како и ние“; но, како безгрешен, се гнасел од гревот; Тој претрпел душевни борби и страдања во светот полн со грев. Како човек молитвата ја сметал за своја потреба и за свое предимство. Тој во разговорот со својот Отец наоѓал утеха и радост. Значи, ако Спасителот на луѓето, Божјиот Син, чувствувал потреба од молитва, колку повеќе слабите и грешни смртници би морале да бидат свесни за неопходноста од сесрдна, постојана молитва!

Нашиот небесен Отец чека да го излее врз нас изобилството свои благослови. Наше предимство е што можеме обилно да пиеме од изворот на бескрајната љубов. Зар тогаш не е чудо што толку малку се молиме! Бог е готов и страден да чуе искрена молитва од своето најскромно дете, но сепак е очигледно дека ние се притеснуваме да му ги изнесеме нашите потреби. Што можат да мислат небесните ангели за бедните беспомошни човечки суштества кои се соочуваат со искушенија, за суштествата спрема кои Божјето срце чувствува безгранична љубов и е готово да им подари повеќе отколку што би можеле да бараат и да замислат, а кои толку малку се молат и имаат толку малку вера? На ангелите им е мило да се клањаат пред Бога; тие сакаат да бидат близу до него. Разговорот со Бога тие го сметаат за своја најголема радост; а сепак синовите на оваа земја, на кои толку им е потребна помош, што може да им ја даде само Бог, изгледаат задоволни да одат без виделото на неговиот Дух, без придружба на неговото присуство.

Сатанска темнина ги обвива оние што ја занемаруваат молитвата. Непријателот со шепот ги искушава наведувајќи ги на грев само затоа што не се служат со предимството што им го дал Бог со божествената установа на молитвата. Зошто Божјите синови и ќерки би се колебале да се молат кога молитвата е клуч во рацете на верата кој ги отвора небесните ризници во кои се чуваат неизмерни резерви на Семожниот? Ако не се молиме непрестајно и ако не бдееме, ќе се изложиме на опасност да станеме немарни и да скршнеме од вистинскиот пат. Противникот постојано се труди да ни го препречи патот кон престолот на милоста за да не добиеме со сесрдна молитва и со вера милост да му се противставиме на искушението.

Постојат одредени услови што мораме да ги исполниме ако сакаме Бог да ги чуе нашите молитви и да ги прими. Еден од првите услови е да станеме свесни дека ни е потребна негова помош. Тој ветил: „Јас ќе излеам вода врз жедната земја, потоци врз сувата почва“ (Исаија 44,3). Оние што се гладни и жедни за праведност, што копнеат за Бога, можат да бидат сигурни дека ќе се наситат. Срцето мора да се отвори за влијанието на Духот, зашто инаку не може да прими Божји благослов.

Нашата голема потреба сама по себе е доказ кој најречито зборува во наша корист. Меѓутоа, ние мораме да бараме од Господа да ни го исполни тоа. Тој кажува: „Барајте и ќе најдете“ (Матеј 7,7). „Оној кој не го поштеди ни сопствениот Син, туку го предаде за сите нас, како не ќе ни подари и сè друго?“ (Римјаните 8,32).

Ако негуваме беззаконие во нашето срце, ако сме се прилепиле за кој и да е грев што ни е познат, Господ нема да нè чуе; но молитвата на покајничката, скршена душа секогаш ќе биде прифатена. Кога ќе ги исправиме сите зла за кои сме свесни, тогаш можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе одговори на нашите молби. Нашите сопствени заслуги никогаш нема да ни обезбедат Божја наклоност; ние ќе се спасиме со Христовата достојност, ќе се исчистиме со неговата крв; сепак, и самите ние мораме нешто да придонесеме, мораме да ги исполниме условите за да бидеме прифатени.

Друг елемент на успешната молитва е верата. „Зашто оној кој му пристапува на Бога мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние што го бараат“ (Евреите 11,6). Исус им рекол на своите ученици: „Сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека го примивте, и ќе ви биде“ (Марко 11,24). Дали го држиме за збор?

Ветувањето е широко и неограничено, и верен е Оној што го дал. И ако не го примиме токму она што сме го барале, во времето за кое сме се молеле, и понатаму мора да веруваме дека Господ нè чул и дека ќе одговори на нашите молитви. Ние сме во толкава мера подложни на заблуди и толку кратковиди, што понекогаш бараме нешто што не би ни донело благослов, па нашиот небесен Отец во својата љубов ни одговара на молитвите така што ни го дава она што е најдобро за нас – она што и самите ние би го посакале кога нашиот поглед би бил божествено просветлен и кога стварноста би можеле да ја видиме онаква каква што е. Кога се чини дека молитвите не ни се примени, мора да се држиме за ветувањето, зашто тие сигурно ќе бидат примени во вистинско време и ние ќе го примиме оној благослов што ни е најпотребен. Но да се бара молитвата секогаш да ни биде услишена онака како што сме сакале и секогаш да го добиеме токму она што сме го барале е вистинска дрскост. Бог е премногу мудар за да се измамува и премногу добар оние што живеат праведно да ги лиши од кое и да е добро! Затоа без страв потпрете се на него дури и тогаш кога одговорот на вашите молитви не го добивате веднаш. Потпрете се на неговото сигурно ветување: „Побарајте и ќе најдете“ (Матеј 7,7).

Ако се поведуваме по нашите сомневања и стравувања, ако се обидуваме да го разрешиме сè она што ни изгледа нејасно, додека уште немаме вера, нашата несигурност само ќе се продлаби и ќе се зголеми. Но ако дојдеме кај Бога, чувствувајќи се беспомошни и зависни, како што и навистина сме, и со вера, понизно и со доверба, нашите потреби ако му ги изнесеме на Оној кој знае сè, пред чијшто поглед не е скриено ништо на светот, кој управува со сè по своја волја и со својот збор, Тој ќе може и ќе сака да го прими нашиот вик и ќе стори во нашите срца да засвети светлина. Искрената молитва нè доведува во допир со умот на Бесконечниот. Можеби во тој миг нема да имаме никаков сигурен доказ дека лицето на нашиот Откупител се надвива над нас со многу сочувство и љубов, но сепак е така. Можеби нема да го почувствуваме неговиот видлив допир, но неговата рака е над нас со многу љубов и со нежно сожалување.

Кога доаѓаме да бараме од Бога милост и благослов, нашите сопствени срца мора да бидат вдахнати со дух на љубов и проштавање. Како можеме да се молиме: „Прости ни ги нашите долгови, како ние што им ги проштаваме на нашите должници“ (Матеј 6,12), ако едновремено не сме готови да им проштаваме на другите! Ако очекуваме Бог да ги чуе нашите молитви, мораме да им проштаваме на другите на ист начин и со иста мера како што очекуваме да ни биде простено нам.

Истрајноста во молитвата спаѓа во условите молитвата да ни биде примена. Ние мораме непрестајно да се молиме ако сакаме да растеме во верата и во искуството. Ние мораме да бидеме „постојано на молитва“, „истрајни во молитвата; бдејте во неа со благодарност“ (Римјаните 12,12; Колошаните 4,2). Петар ги опоменува верниците да имаат“трезвен дух во молитвите“ (1 Петрово 4,7). Павле упатува: „Во сè, преку молитва и благодарност, искажувајте ги своите барања пред Бога“ (Филипјаните 4,6). Јуда кажува: „Молејќи се во Светиот Дух, одржете се себеси во Божјата љубов“ (Јуда 20.21). Постојаната молитва е непрекината заедница на душата со Бога, така што животот од Бога тече во нашиот живот, а од нашиот живот тече чистота и светост назад кон Бога.

Во молитвата е неопходна ревност; не смеете на ништо да му дозволите да ја попречи вашата молитва. Вложете секаков напор да одржите врска меѓу Исуса и својата душа. Искористете секоја прилика да одите на местата одредени за молитва. Оние кои навистина се трудат да одржуваат врска со Бога, ќе се видат на молитвените собири, верни во извршувањето на својата должност, искрени и жедни да ги пожнеат сите благослови што можат да ги стекнат. Тие ќе искористат секоја прилика да се изложат на зраците на небесната светлина.

Би требало да се молиме во семејниот круг, но над сè, не смееме да ја занемариме молитвата насамо, на осамено место, зашто таа е живот на душата. Душата не може да напредува ако се занемарува молитвата. Семејната или јавната молитва сама по себе не е доволна. Душата во затворена соба нека се отвори пред испитувачкото Божје око. Тајната молитва треба да ја чуе само Бог кој ги слуша молитвите. Ниедно љубопитно уво не треба да ја чуе содржината на таквите молитви. При тајната молитва душата е слободна од влијанието на околината, слободна од вознемирувањата. Смирено, но сепак сесрдно, душата го бара Бога. Пријатно и трајно ќе биде влијанието што струи од Оној кој гледа што е тајно, чиешто уво е отворено да ја чуе молитвата што излегува од срцето. Со смирена, едноставна вера, душата одржува врска со Бога и ги собира зраците на божествената светлина за да се засили и да се одржи во судирот со сатаната. Бог е наш тврд град.

Молете се во затворена соба; и додека се занимавате со својата секојдневна работа, вашето срце често нека му се обраќа на Бога. Така Енох одел со Бога. Овие тајни молитви се издигнуваат како скапоцен мирис кон престолот на милоста. Сатаната не може да го совлада оној кој е така утврден во Бога.

Нема време ниту место што би било непогодно да му се упати молитва на Бога. Не постои ништо што би можело да нè спречи да го подигнеме нашето срце во дух на искрена молитва. Среде мноштвото на улица, окупирани со работните обврски, ние можеме да му упатиме молитва на Бога и да побараме божествено водство, како што го сторил тоа Немија додека го изнесувал своето барање пред царот Артаксеркс. Визба за разговор може да се најде на секое место каде што се наоѓаме. Вратата на нашето срце мора постојано да биде отворена, постојано мора да се издигнува повик до Исуса да дојде и да живее како небесен гостин во нашата душа.

Иако околу нас може да владее заразена, расипана атмосфера, ние не мораме да ги вдишуваме нејзините заразни испарувања, туку можеме да живееме во чиста небесна атмосфера. Ние можеме да затвориме секој приод за нечистите мечти и за несветите мисли ако со искрена молитва ја издигнеме нашата душа во Божја близина. Оние што го отвориле срцето да примат од Бога подршка и благослов, ќе одат во посвета атмосфера отколку што е оваа земна и ќе одржуваат постојана врска со небото.

Нам ни се потребни појасни поими за Исуса и поцелосно сфаќање за вредностите на вечните стварности. Убавината на светоста треба да го исполни срцето на Божјите деца, а за да може да се постигне тоа, мораме да бараме Бог да ни го разјасни она што е небесно.

Нашата душа нека се отвори и нека се издигне за Бог да може да ни помогне да ја вдишуваме небесната атмосфера. Ние мораме да живееме во таква Божја близина, што при секое неочекувано искушение нашите мисли да се свртуваат кон него исто толку природно, како цутот што го следи сонцето.

Изнесете му ги на Бога своите потреби, своите радости, своите таги, своите грижи и своите стравувања. Вие не можете да го преоптоварите; вие не можете да го заморите. Оној што ги изброил влакната на вашата глава не е рамнодушен кон потребите на своите деца. „Зашто Господ е полн со милост и со сочувство“ (Јаков 5,11). Неговото срце, полно со љубов, е трогнато со нашите жалости дури и кога само зборуваме за нив. Изнесете му го сè она што го збунува вашиот ум. На Оној кој во својата рака ги држи световите и управува со сите работи во вселената, ништо не му е премногу тешко да го носи. Сè што е поврзано со нашиот мир, за него ништо не е премногу незначително за да го забележи. Нема ниедно поглавје во нашето искуство што за него би било премногу мрачно да го чита; нема проблем кој за него би бил премногу тежок да го реши. Нема несреќа што би го снашла најмалечкото негово дете, нема грижа што би ја мачела душата, нема радост што би разгалила, нема искрена молитва што би полетала од усните, а нашиот небесен Отец да не ја види, веднаш да не се заинтересира. „Тој ги исцелува ранетите души и ги преврзува нивните рани“ (Псалм 147,3). Односот меѓу Бога и секоја душа е толку личен и целосен, што се чини дека нема ниту една друга душа на земјата да го дели со неа неговото грижливо внимание, ниту една друга душа за која би го дал својот сакан Син.

Исус рекол: „Во тој ден ќе барате во мое име; и не ви велам дека јас ќе го молам Отецот за вас, бидејќи самиот Отец ве љуби.“ „Туку јас ве избрав вас… и што и да побарате во мое име, да ви даде“ (Јован 16,26.27; 15,16). Меѓутоа, да се молиме во Исусово име значи многу повеќе отколку да го споменеме неговото име на почетокот и на крајот од молитвата. Тоа значи да се молиме според Исусовиот ум и дух, верувајќи им на неговите ветувања, потпирајќи се на неговата милост и творејќи ги неговите дела.

Бог не бара од никого од нас да стане пустиник или монах, да се повлече од светот за да прави богоугодни дела. Нашиот живот мора да биде сличен на Христовиот – меѓу планината и мноштвото. Оној што не прави ништо друго освен што се моли, наскоро ќе престане да се моли или неговите молитви ќе се претворат во празна навика. Кога луѓето ќе се повлечат од општествениот живот, кога ќе се повлечат од подрачјето на својата христијанска должност и од носењето на крстот, кога ќе престанат сериозно да работат за својот Учител, кој сериозно работел за нив, тогаш нема за што повеќе да се молат, немаат повеќе поттик за молитва. Нивните молитви стануваат лични и себични. Тие не можат повеќе да се молат за потребите на човештвото или за изградбата на Христовото царство, ниту бараат сила за работа.

Ние губиме кога го занемаруваме предимството на меѓусебното дружење, јакнењето и храбрењето во служењето на Бога. Тогаш вистините на неговата Реч ја губат својата јасност и важност за нас. Нашите срца не се повеќе просветлени ниту поттикнати со нивното посветувачко влијание и ние духовно слабееме. Во нашето дружење како христијани многу губиме поради недостиг од меѓусебно сочувство. Оној што се затвора сам во себе не ја зазема положбата што му ја одредил Бог. Правилното негување на друштвените елементи во нашата природа со цело срце нè приближува кон ближните и ни помага да се развиеме и да се засилиме во служењето на Бога.

Кога христијаните меѓусебно би се дружеле, кога меѓусебно би разговарале за Божјата љубов и за драгоцените вистини на откупувањето, нивните срца би биле освежени и тие меѓусебно би се крепеле. Ние би морале секој ден подобро да го запознаваме нашиот небесен Отец, да стекнуваме нови искуства со неговата милост; тогаш би сакале и да зборуваме за неговата љубов; и кога би го правеле тоа, нашите срца би се загреале и охрабриле. Кога повеќе би мислеле и разговарале за Исуса, а помалку за себе, би биле многу почесто во негово присуство.

Кога би мислеле за Бога само онолку колку што имаме докази дека Тој се грижи за нас, тогаш Тој секогаш ќе биде во нашите мисли и ние ќе уживаме да зборуваме за него и да го славиме. Ние зборуваме за поминливите работи затоа што се интересираме за нив. Ние зборуваме за нашите пријатели затоа што ги сакаме; нашите радости и нашите таги се поврзани со нив. Сепак, ние имаме неизмерно повеќе причини да го љубиме Бога отколку нашите земни пријатели; би требало да биде најприродно него да го ставиме на прво место во нашите мисли, да зборуваме за неговата добрина, да раскажуваме за неговата сила. Богатите дарови со кои нè опсипал не ни се дадени да го окупираат нашето внимание и нашата љубов во толкава мера за да немаме повеќе со што да му возвратиме на Бога; тие би требало постојано да нè потсетуваат на него и да нè поврзуваат со врска на љубов и благодарност со нашиот небесен Добротвор. Ние живееме премногу близу до земните низини. Да ги подигнеме очите кон отворената врата на небесното светилиште во кое светлината на Божјата слава го осветлува лицето на Христа кој „може да ги спасува за вечни векови оние кои преку него доаѓаат кај Бога“ (Евреите 7,25).

Би требало повеќе да го славиме Бога „за неговата верна љубов и за неговите чудеса што ги прави за човечкиот род“ (Псалм 107,8). Нашата побожност не смее да се сведе само на барање и примање. Не треба секогаш да мислиме на нашите потреби, а никогаш на благословите што ги примаме. Ние воопшто не се молиме премногу, туку премногу сме штедливи во благодарењето. Ние постојано примаме Божја милост, а сепак, колку малку благодариме, колку малку го фалиме Бога за сè што сторил за нас!

Во старо време Господ им наредил на Израелците кога ќе се соберат на богослужение: „Јадете таму, вие и вашите семејства, во присуство на својот Господ Бог, и радувајте се со она што го остварите вашите раце, и со благословот со кој ве благословил вашиот Господ Бог“ (5 Мојсеева 12,7). Бога треба да го славиме радосно, со похвални песни и со благодарност, а не жалосно и незаинтересирано.

Нашиот Бог е нежен, милостив Отец. Богослужението не би смеело да се смета за некаква жалосна, здодевна церемонија. За нас би требало да биде уживање да му оддадеме слава на Бога и да учествуваме во неговото дело. Бог, кој на своите деца им осигурил толку големо спасение, не би сакал тие да се однесуваат така како Тој да е некој строг, дребничав надзорник. Тој е нивни најдобар пријател; и кога ќе се соберат на богослужение, Тој сака да биде со нив, да ги благословува и да ги теши, да ги исполнува нивните срца со радост и со љубов. Господ сака неговите деца да најдат утеха на богослужението, работата за него да им донесе повеќе задоволство отколку тешкотии. Тој сака тие што доаѓаат на богослужение да понесат со себе драгоцени мисли за неговата грижа и за неговата љубов, да бидат полни со радост во текот на сите секојдневни животни должности и да имаат сила да постапуваат чесно и верно во сè.

Ние мораме да се собереме околу крстот. Христос, распнатиот, треба да биде предмет на нашето размислување, предмет на нашите разговори и на нашите најрадосни чувства. Треба да памтиме секој благослов што сме го примиле од Бога, и кога ќе ја сфатиме големината на неговата љубов, треба да бидеме готови сè да ѝ довериме на раката што била прикована за нас на крст.

Душата може да се вивне кон небото на крилјата на своите фалбоспеви. Бога го слават со песна и со музика во небесните дворови и, додека ја изразуваме нашата благодарност, ние го усогласуваме нашето богослужение со богослужението на небесните чети. „Тој што со благодарност принесува жртва – навистина ме почитува“ – кажува Бог (Псалм 50,23). Да дојдеме радосно и со почит пред нашиот Творец, со „фалбоспев и со громка песна“ (Исаија 51,3).

Pin It on Pinterest