[Патот кон Христа – дванаесето поглавје]

Мнозина, особено оние што се млади во христијанскиот живот, често ги вознемируваат некои работи кои ги водат кон неверување. Во Библијата има многу текстови што тие не можат да ги објаснат или да ги разберат, и сатаната ги користи да ја поколеба нивната вера во Писмото како Божје откровение. Тие прашуваат: „Како можам да го запознам вистинскиот пат? Ако Библијата навистина е Божја реч, како можам да се ослободам од тие сомневања и забуни?“

Бог никогаш не бара да веруваме ако не ни даде доволно докази врз кои можеме да ја темелиме нашата вера. Неговото постоење, неговиот карактер, вистинитоста на неговата Реч, сето тоа е потврдено со докази што му се обраќаат на нашиот разум, а такви докази има многу. Сепак, Бог никогаш не ја отстранил можноста за сомневање. Нашата вера мора да почива на нашето лично осведочување, а не на некакво набројување на докази. Тие што сакаат да се сомневаат, ќе имаат прилика, додека оние што навистина копнеат да ја запознаат вистината, ќе најдат изобилство доказен материјал врз кој можат да ја темелат својата вера.

Не му е можно на ограничениот ум потполно да го сфати карактерот или делата на Бесконечниот. И за најостриот интелект, за најобразованиот ум, светото Суштество секогаш ќе мора да остане обвиено во превез на таинственост. „Можеш ли ти да проникнеш во тајните Божји, или да го доловиш совршенството на Семожниот? Тоа е повисоко од небото, што ќе сториш? Подлабоко е од гробот, како ќе го познаеш?“ (Книгата за Јов 11,7.8).

Апостол Павле извикнува: „О длабочино на богатства и на мудрост, и на Божјето знаење! Колку се недостапни неговите судови и неиспитливи неговите патишта“ (Римјаните 11,33). Иако „околу него се облаци и темнина, основа на престолот му се судот и правдата“ (Псалм 97,2). Ние сме во состојба да го сфатиме неговото постапување со нас и побудите што го поттикнуваат само толку колку да можеме да ја разбереме безграничноста на неговата љубов и милост кои се соединети со бесконечна сила. Од неговите намери можеме да разбереме онолку колку што е добро за нас да знаеме; а за она што е повеќе од тоа, мораме да се потпреме на семожната рака, на срцето полно со љубов.

Божјата реч, како и карактерот на нејзиниот божествен Автор, изнесуваат тајни што ограничените суштества никогаш не ќе можат наполно да ги сфатат. Појавувањето на гревот на светот, Христовото отелотворување, преродувањето, воскресението и многу други теми со кои се занимава Библијата, претставуваат тајни премногу длабоки за човечкиот ум да може да ги објасни или наполно да ги сфати. Меѓутоа, немаме причина да се сомневаме во Божјата реч само затоа што не можеме да ги разбереме тајните на божественото провидение. И во светот на природата ние сме постојано опкружени со тајни што не можеме да ги сфатиме. И најскромните облици на животот претставуваат проблем кој ни најмудрите филозофи не се во состојба да го објаснат. На сите страни наидуваме на чуда што ја надминуваат нашата моќ на сфаќање. Смееме ли тогаш да бидеме изненадени што и во духовниот свет има тајни кои не можеме да ги доловиме? Тешкотијата лежи единствено во слабоста и ограниченоста на човечкиот ум. Бог во Писмото ни дал доволно докази за божествениот карактер на светите списи, и ние не смееме да се сомневаме во неговата Реч затоа што не можеме да ги разбереме сите тајни на неговото провидение.

Апостол Петар кажува дека во Писмото постојат „некои тешко разбирливи нешта, кои неуките и незацврстените ги изопачуваат… на своја погибел“ (2 Петрово 3,16). Тешките места во Писмото неверниците ги изнесувале како доказ против Библијата, но, далеку од тоа, тие силно потврдуваат дека Библијата е божествено вдахновена. Кога Библијата би давала само извештаи за Бога што лесно би можеле да ги сфатиме, кога неговата големина и величество би можеле да ги разберат ограничените умови, тогаш таа не би носела непогрешен печат на божествен авторитет. Токму големината и таинственоста на темите за кои зборува треба да нè вдахнат со вера во Библијата како Божја реч.

Библијата ја открива вистината со таква едноставност, толку совршено ја прилагодува кон потребите и стремежите на човечкото срце, што тоа ги восхитува и вчудовидува и најобразованите умови и едновремено скромните и необразованите ги оспособува да го запознаат патот на спасението. Сепак, тие едноставно изразени вистини се однесуваат на толку возвишени и далекусежни теми, и толку бескрајно се над моќта на човечкото сфаќање, што можеме да ги прифатиме само затоа што ги објавил Бог. И планот на спасението ни е откриен на таков начин, што секоја душа може да види кои чекори на покајание треба да стори кон Бога, чекори на вера кон Господа Исуса Христа за да се спаси онака како што го одредил тоа Бог; сепак, под тие вистини, кои толку лесно се разбираат, лежат тајни што ја кријат Божјата слава – тајни што ја надминуваат моќта на умот што ги истражува, а сепак искрениот барател на вистината го вдахнуваат со страхопочит и со вера. Колку повеќе ја истражува Библијата, сè повеќе се продлабочува неговото уверување дека тоа е Реч на живиот Бог, и човечкиот разум му се клања на величеството на божественото откровение.

Кога признаваме дека не можеме наполно да ги сфатиме големите вистини на Библијата, тоа само значи дека се согласуваме со фактот оти ограничениот ум е неспособен да го сфати безграничното; дека човекот со своето ограничено, човечко знаење, не може да ги разбере намерите на Сезнајниот.

Затоа што не можат да проникнат во сите нејзини тајни, недоверливите и неверниците ја отфрлаат Божјата реч; а и оние што велат дека веруваат во Библијата не се слободни од опасноста на ова поле. Апостолот кажува: „Гледајте, браќа, да не се најде кај некого од вас зло срце, што не верува, та да отпадне од живиот Бог“ (Евреите 3,12). Право е длабоко да ги истражуваме библиските учења и „Божјите длабини“ (1 Коринќаните 2,10) да ги испитуваме онолку колку што се откриени во Библијата. Иако „она што е тајно му припаѓа на нашиот Господ Бог“, она што е откриено е „наше и на нашите синови“ (5 Мојсеева 29,29). Меѓутоа, сатаната настојува да ги изопачи истражувачките способности на човечкиот ум. При разгледувањето на библиските вистини доаѓа до израз еден вид своевидна гордост, зашто луѓето стануваат нестрпливи и се чувствуваат поразени ако секој текст на Писмото не можат да го објаснат на свое задоволство. Сметаат дека премногу би се понизиле ако признаат оти не се способни да ја сфатат Божјата реч. Не се готови стрпливо да чекаат додека Бог не најде за добро да им ја открие вистината. Мислат дека нивната човечка мудрост е доволна без ничија помош да го сфати Писмото, а бидејќи не успеваат во тоа, тие всушност ѝ го откажуваат на Библијата нејзиниот авторитет. Вистина е дека многу теории и доктрини, за кои општо се смета дека произлегуваат од Библијата, немаат никаков темел во нејзиното учење и тие заправо му се противат на целиот глас на Вдахновението. Сето тоа во многу умови предизвикало сомневање и збунетост. Но, за тоа не треба да се обвинува Божјата реч, туку човековото извртување на Писмото.

Кога на создадените суштества би им било можно совршено да го разберат Бога и неговите дела, тие, постигнувајќи ја таа цел, би загубиле секаква можност понатаму да ја откриваат вистината, да растат во познавањето и натаму да ги развиваат умот и срцето. Бог не би бил веќе највисок, а човекот, постигнувајќи ја границата на знаењето и на способностите, би престанал да напредува. Да му заблагодариме на Бога што не е така! Бог е бесконечен; во него лежат „сите богатства на мудроста и на знаењето“ (Колошаните 2,3). Луѓето би можеле цела вечност постојано да истражуваат, постојано да учат, и пак никогаш да не ги исцрпат ризниците на Божјата мудрост, на неговата добрина и сила.

Бог сака неговиот народ уште во овој живот постојано сè подобро да се запознава со вистините на неговата Реч. Постои само еден начин да се стекне ова знаење. Божјата реч можеме да ја разбереме само кога ќе нè просветли оној ист Дух преку кој била дадена Речта. „Зашто, кој од луѓето знае што е во човекот, освен човечкиот дух што е во него“; „зашто Духот испитува сè, па дури и Божјите длабини“ (1 Коринќаните 2,11.10). На своите следбеници Спасителот им ветил: „А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во сета вистина… зашто ќе зборува за она што го слуша и ќе ви навести за нештата што ќе дојдат“ (Јован 16,13.14).

Божја намера е човекот да ги развива своите способности на расудување, а проучувањето на Библијата го засилува и го облагородува умот подобро од кое и да е друго проучување. Меѓутоа, мораме да се чуваме од обожавање на разумот, зашто тој е подложен на слабостите и недостатоците на човечкиот род. Ако не сакаме Писмото да ни биде неразбирливо, најјасните вистини несфатливи, мораме да бидеме едноставни и да имаме вера на малечко дете, да бидеме готови да учиме и топло да се молиме за помош на Светиот Дух. Свеста за Божјата сила и мудрост, и за нашата неспособност да ја сфатиме неговата големина, треба да нè вдахне со понизност и ние би требало да ја отвораме неговата Реч како да стапуваме во негова близина, со света страхопочит. Кога ќе ја отвориме Библијата, нашиот разум мора да го признае авторитетот кој е поголем од неговиот, и срцето и умот мора да се поклонат пред големото ЈАС СУМ.

Многу текстови ни изгледаат тешки и нејасни, но Бог ќе ги стори појасни и поразбирливи за оние што на овој начин се трудат да ги разберат. Меѓутоа, без водство на Светиот Дух секогаш ќе бидеме склони да ги извртуваме Писмата или погрешно да ги толкуваме. Многу пати читањето на Библијата не донесува никаква корист, а често нанесува и вистинска штета. Кога Божјата реч се отвора без почит и молитва, кога мислите и чувствата не му се посветени на Бога, или не се во согласност со неговата волја, умот е затемнет со сомневање и во текот на проучувањето на Библијата неверувањето се засилува. Непријателот ја презема управата над мислите и предлага толкувања што не се правилни. Секогаш кога луѓето не се трудат со збор и со дело да бидат во хармонија со Бога, тогаш, без оглед на степенот на нивното образование, се склони погрешно да ги разбираат Писмата, и затоа не можеме да имаме доверба во нивните толкувања. Оние што ги претражуваат Писмата за да најдат противречности, немаат духовна проникливост. Таквото искривоколчено гледање ќе ги наведе да најдат причина за сомневање и неверство и во она што е наполно јасно и едноставно.

Иако тие можеби го прикриваат тоа, во поголем број случаи вистинската причина за сомневање и неверување е љубовта кон гревот. Учењата и ограничувањата што ги содржи Божјата реч не се добредојдени за горделивото срце кое го сака гревот, а оние што не сакаат да ги послушаат нејзините барања, готови се да се посомневаат во нејзиниот авторитет. За да ја доловиме вистината, мораме да имаме искрена желба да ја запознаеме и готовност во срцето да ја послушаме. Сите кои со таков дух пристапуваат кон проучување на Библијата, ќе најдат изобилство докази дека таа е Божја реч и ќе ги разберат нејзините вистини кои ќе ги сторат „мудри за спасение“.

Христос рекол: „Ако некој сака да ја исполнува неговата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога“ (Јован 7,17). Наместо да филозофирате и да се сомневате во она што не го разбирате, послушајте го виделото што веќе ве осветлува, па ќе добиете и поголема светлина. Со Христова милост извршете ја секоја должност што до сега ви била јасно покажана, па ќе добиете способност да ги разберете и да ги извршите и оние што уште не ви се јасни.

Постои доказ што им е достапен на сите – и на најобразованите и на најнеучените – доказот на искуството. Бог нè повикува сами за себе да ја провериме вистинитоста на неговата Реч, веродостојноста на неговите ветувања. Тој ни заповеда: „Проверете и уверете се дека Господ е добар“ (Псалм 34,8). Наместо да се потпираме на нечии зборови, треба сами да испитаме. Тој објавува: „Барајте и ќе добиете“ (Јован 16,24). Неговите ветувања ќе се исполнат. Тие никогаш не изневериле и никогаш не можат да изневерат! И додека му се приближуваме на Исуса и се радуваме во изобилството на неговата љубов, сомневањето и мракот ќе исчезнат пред светлината на неговото присуство.

Апостол Павле кажува дека Бог „нè избави од власта на темнината и нè премести во царството на својот сакан Син“ (Колошаните 1,13). А секој што преминал од смртта во живот е способен да „потврди дека Бог е вистинит“ (Јован 3,33). Таквиот може да посведочи: „Ми беше потребна помош и ја најдов во Исуса. Секоја моја потреба беше задоволена, заситен гладот на мојата душа и Библијата сега ми е откровение на Исуса Христа. Прашувате ли зошто верувам во Исуса? – Затоа што Тој ми е божествен Спасител! Зошто ѝ верувам на Библијата? – Затоа што сум утврдил дека тоа е глас со кој Бог ѝ зборува на мојата душа!“ Ние самите себеси можеме да си посведочиме дека Библијата е вистинита, дека Христос е Божји Син. Ние знаеме дека не се поведуваме по лукаво срочени бајки.

Петар ги опоменува своите браќа да „растете во милоста и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос“ (2 Петрово 3,18). Кога Божјиот народ ќе расте во милоста, сè појасно ќе ја разбира Божјата реч. Тој ќе пронаоѓа ново видело и нова убавина во нејзините свети вистини. Тоа се покажало во текот на историјата на Црквата во сите векови и така ќе продолжи сè до крај. „Животниот пат на праведните е како светлина во раните мугри, која сè појасно и поблескаво свети, додека сосема не се раздени“ (Мудри изреки Соломонови 4,18).

Со вера ние можеме да гледаме во вечноста и да се фатиме за Божјето ветување дека човечкиот разум ќе се развие, човечките способности ќе се соединат со божествените, а секоја душевна сила ќе дојде во директен допир со Изворот на светлината. Ние можеме да се радуваме затоа што сè што нè збунувало во Божјето провидение, тогаш ќе биде разјаснето, дека сè што ни било тешко сфатливо, ќе добие свое објаснување; и таму каде што со нашиот ограничен разум сме наидувале само на бркотија и на изјаловени намери, ќе видиме најсовршена и најубава хармонија. „Сега гледаме како во огледало, загадочно, а тогаш лице в лице. Сега сознавам делумно, а тогаш ќе сознаам целосно како што сум и самиот целосно познат“ (1. Коринќаните 13,12).

Pin It on Pinterest