[Патот кон Христа – осмо поглавје]

Промената на срцето со која стануваме Божји деца во Библијата се нарекува раѓање. На друго место е споредена со ‘ртење на добро семе што го посеал домаќин. Според истата слика, оние кои штотуку се обратиле на Христа треба „како новороденчиња“ во сè да „растеме“ „кон Оној кој е главата, Христос“ (1 Петрово 2,2; Ефешаните 4,15). Или, слично на доброто семе што е посеано в поле, треба да израснат и да донесат плод. Исаија кажува дека тие треба „да се наречат дабови на правдата, насад Господов, на слава негова“ (Исаија 61,3). И така од животот на природата се земени слики што ни помагаат да ги разбереме таинствените вистини на духовниот живот.

Сета мудрост и вештина на човекот не можат да му вдахнат живот ниту на најмалечкиот предмет во природата. Само со животот што го вдахнал лично Бог можат да живеат и растенијата и животните. Исто така само со животот од Бога се зачнува духовен живот во срцето на човекот. Ако човекот не е роден „озгора“ (Јован 3,3), не може да добие дел во животот што сакал Христос да ни го даде со своето доаѓање.

Слично со животот е и растењето. Бог е тој кој прави пупката да расцути и цутот да даде плод. Со негова сила семето се развива, „најпрвин стебленце, потоа клас и најпосле клас полн со зрна“ (Марко 4,28). Пророкот Осија кажува за Израел дека ќе „процути како крин, ќе раѓа како жито и ќе цути како винова лоза“ (Осија 14, 5.7). Исус ни заповеда: „Погледнете како растат криновите“ (Лука 12,27). Растенијата и цвеќето не растат сами од себе, со своја грижа и напор, туку примајќи го она што им го приготвил Бог да им служи за животот. Детето не може со никаков свој напор или сила да го зголеми својот раст. Така ни вие не можете со свој напор или грижа да си го осигурите своето духовно растење. Растението, детето, растат примајќи го од околината она од што им зависи животот – воздух, сончева светлина и храна. Она што тие дарови на природата се за животното и за растението, тоа е Христос за оние што се надеваат во него. Тој е нивно „вечно видело“, „сонце и штит“ (Исаија 60,19; Псалм 84,11). Тој ќе му биде „роса на Израел“, „роса што оросува ливада“ (Осија 14,5; Псалм 72,6). Тој е жива вода, „Божји леб … кој слегува од небото и му дава живот на светот“ (Јован 6,33).

Со ненадминатиот дар на својот Син, Бог го опкружил цел свет со атмосфера на милост како воздухот што кружи околу земјината топка. Сите што се решаваат да ја вдишуваат таа животодавна атмосфера, ќе живеат и ќе израснат „кон него кој е главата: Христос“.

Цутот го следи сонцето, при што блескотните зраци му помагаат да ја усоврши убавината и симетријата; така и ние мораме да го следиме Сонцето на праведноста при што ќе нè осветли небесната светлина и тогаш нашиот карактер ќе се развива според Христовиот пример.

Истото тоа го кажал Исус кога рекол: „Останете во мене и јас во вас. Како лозинката што не може да роди плод сама од себе ако не остане на лозата, така ни вие, ако не останете во мене… зашто без мене не можете да сторите ништо“ (Јован 15,4.5). За да можете да живеете свет живот, вие зависите од Христа како и лозинката што зависи од лозата-родител за да расте и да донесе плод. Одвоени од него, вие немате живот. Немате сили да му се противставите на искушението или да растете во милоста и светоста. Живеејќи во него, можете да напредувате. Црпејќи живот од него, нема да се сушите ниту да останете без плод. Ќе бидете слични на дрво што е „засадено крај поток“.

Мнозина сметаат дека еден дел од работата мораат да свршат сами. Тие покажале доверба во Христа за да им се прости гревот, но сега се трудат со свои напори да живеат праведно. Меѓутоа, секој таков напор е напразен. Исус вели: „Без мене не можете да правите ништо!“ Нашето растење во милоста, нашата радост, нашата корисност – сето тоа зависи од нашето единство со Христа. Само тогаш ако секој ден и секој час сме во заедница со него – единствено ако живееме во него – ќе можеме да растеме во милоста. Тој не е само „зачетник“, туку и „извршител“ на нашата вера. Тоа е Христос – прв и последен и секогаш. Тој мора да биде со нас не само на почетокот и на крајот од нашиот пат, туку и на секој чекор низ животот. Давид вели: „Постојано пред себе Господа го гледам: Тој ми е оддесно – нема да потклекнам“ (Псалм 16,8).

Дали прашувате: „Како треба да живеам во Христа?“ – На ист начин како што сте го примиле на почетокот. „Така, како што го примивте Господа Исуса Христа, така и да живеете во него.“ „А праведникот ќе живее од верата“ (Колошаните 2,6; Евреите 10,38). Вие сте му се предале на Бога да бидете наполно негови, да му служите и да го слушате, и сте го прифатиле Христа како свој Спасител. Вие не сте можеле сами да ги окаете гревовите или да го промените срцето; но вие сте му се предале на Бога верувајќи дека Тој, заради Христа, го сторил сето тоа за вас. Со вера сте станале Христови и со вера треба да растете во него – давајќи и земајќи. Вие треба да дадете сè – срцето, волјата, служба – себеси да му се предадете нему и да бидете послушни на сите негови барања; вие морате и да земете сè – Христа, полнината на сите благослови, да живее во вашето срце, да биде ваша сила, ваша праведност, ваш вечен помошник – да ви подари сила да бидете послушни.

Посветете му се на Бога наутро; тоа нека биде ваша прва работа. Ваша молитва нека биде: „Земи ме, о Господе; дај потполно да бидам твој! Сите мои планови ги ставам пред твоите нозе. Употреби ме денеска во твоја служба. Биди со мене и целото мое дело нека се слее со тебе!“ Така треба да биде секој ден. Секое утро посветувајте му се на Бога за тој ден. Изнесете му ги сите свои планови со цел неговото провидение да покаже дали треба да ги остварите или да ги отфрлите. И така, од ден на ден, својот живот ќе го предавате во Божји раце; со тоа вашиот живот ќе се преродува и ќе биде сè посличен на Христовиот живот.

Животот во Христа е живот полн со спокојство. Можеби во него нема да има занес на чувствата, но ќе има постојана, спокојна доверба. Вие не се надевате во себе туку во Христа. Вашата слабост е соединета со неговата сила, вашето незнаење со неговата мудрост, вашата кревкост со неговата издржливост. И така, не треба да гледате на себе, не треба да се занимавате со себе, туку гледајте на Христа. Вашите мисли нека се занимаваат со неговата љубов, со убавината и со совршенството на неговиот карактер. Христос со своето самооткажување, Христос со своето понижување, Христос со својата чистота и светост, Христос со својата неспоредлива љубов – тоа е тема за која треба да размислува вашата душа. Сакајќи го него, следејќи го него, потпирајќи се потполно на него, вие ќе се преобразите и ќе станете слични на него.

Исус вели: „Бидете во мене!“ Тие зборови содржат мисла за одмор, за постојаност, за доверба. И повторно Тој повикува: „Дојдете кај мене… и јас ќе ви дадам починка!“ (Матеј 11,28.29). Зборовите на псалмистот ја изразуваат истата мисла: „Биди спокоен пред Господа и трпеливо чекај го!“ Исаија нè уверува: „Во мирот и во надевањето лежи вашата сила“ (Псалм 37,7; Исаија 30,15). Овој одмор не се состои од некаква неактивност, зашто во повикот на Спасителот ветувањето за одмор е поврзано со повик за работа: „Земете го мојот јарем на себе…и ќе најдете починка за своите души“ (Матеј 11,29). Срцето кое најпотполно почива во Христа, ќе биде најсериозно и најтрудољубиво во работата за него.

Кога сме окупирани со себе, нашиот ум се одвраќа од Христа, од изворот на силата и животот. Затоа сатаната постојано се труди вниманието да го одврати од Спасителот и со тоа да ја спречи заедницата и врската на душата со Христа. Задоволствата на светот, грижите и несигурноста и жалостите на животот, маните на другите или вашите сопствени мани и недостатоци – тоа се предмети кон кои тој, кон еден од нив или кон сите заедно, сака да ги насочи вашите мисли. Немојте да ве заведат неговите лукавства. Мнозина, кои навистина се совесни и кои сакаат да живеат за Бога, тој мошне често ги наведува да се занимаваат со своите мани и слабости и така, одвојувајќи ги од Христа, се надева дека ќе постигне победа. Ние не смееме самите себеси да станеме центар и потоа да се грижиме и да се плашиме дали ќе бидеме спасени. Сето тоа ја оддалечува душата од Изворот на нашата сила. Препуштете му ја на Бога грижата за својата душа и имајте доверба во него. Разговарајте и мислете за Исуса. Вашето „јас“ нека се загуби во него. Отфрлете секое сомневање; истерајте го својот страв. Кажете со апостол Павле: „А јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене, а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син, кој ме милее и се предаде себеси за мене“ (Галатите 2,20). Потпрете се на Бога. Тој може да го сочува она што сте му го довериле. Ако се препуштите во негови раце, Тој ќе ви помогне надмоќно да победувате со помош на Оној кој ве љубел (Римјаните 8,37).

Кога Христос зел човечка природа, се поврзал со човечкиот род со врска, со љубов, што никаква сила, освен самиот човек, никогаш не ќе може да ја раскине. Сатаната постојано ќе ни поттура свои мамки за да нè наведе да ја прекинеме таа врска – намерно да се одвоиме од Христа. Токму тука ни е неопходно да бдееме, да се трудиме, да се молиме ништо да не нè наведе да избереме друг господар; зашто тоа секогаш зависи од нашата слободна волја. Но нашите очи постојано нека го гледаат Христа и Тој ќе нè сочува. Гледајќи го Исуса, ние сме сигурни. Ништо не може да нè истргне од неговите раце. Гледајќи го постојано него, „ние се преобразуваме во истиот лик од слава во слава, така како што го прави тоа Господовиот Дух“ (2 Коринќаните 3,18).

Токму на тој начин првите ученици станале слични на својот мил Спасител. Кога тие ученици ги слушнале Исусовите зборови, почувствувале потреба за него. Тие го барале, го нашле и го следеле. Биле со него дома, крај трпеза, во клед, в поле. Биле со него како ученици со учителот, секој ден примајќи од неговите усни поуки за светата вистина. Гледале во него како слуги во својот господар да ја дознаат својата должност. Тие ученици биле луѓе „беше човек ист како и ние“ (Јаков 5,17). И тие морале да водат иста борба со гревот. Им била неопходна истата милост за да живеат свет живот.

Дури ни омилениот ученик, Јован, кој најпотполно го одразувал ликот на Спасителот, по природа ја немал таа убавина на карактерот. Тој не само што бил наметлив и жеден за чест, туку и жесток, и не ги поднесувал оние кои го навредувале. Но кога се запознал со карактерот на божествениот Син, станал свесен за своите недостатоци и тоа сознание го сторило понизен. Моќта и трпението, силата и нежноста, величеството и кротоста, што секој ден ги гледал во животот на Божјиот Син, ја исполниле неговата душа со восхит и љубов. Од ден на ден Христос сè повеќе го привлекувал неговото срце, сè додека конечно не се загубил себеси од вид, исполнет со љубов кон својот Учител. Неговиот гневлив, честољубив темперамент, дошол под влијание на Христовата сила што преобразува. Преродбенското влијание на Светиот Дух го преродило неговото срце. Силата на Христовата љубов го преобразила неговиот карактер. Тоа е сигурна последица на соединувањето со Исуса. Кога Христос живее во срцето, целата природа се менува. Христовиот дух, неговата љубов, го смекнува срцето, ја скротува душата, и мислите и желбите ги издигнува кон Бога и небото.

Кога Христос се вознел на небото, неговите следбеници чувствувале како Тој и понатаму да е со нив, како да е лично присутен, полн со љубов и со светлина. Спасителот, Исус, кој одел и разговарал со нив, кој се молел со нив, кој изговарал зборови на надеж и утеха за нивните срца, додека уште се слушала од неговите усни вест на мир, бил однесен од нив на небото, и од облакот на ангелите што го опкружиле се слушнал неговиот глас: – „Еве, јас сум со вас во сите дни до крајот на светот!“ (Матеј 28,20). Тој се вознел на небото во човечки лик. Тие знаеле дека Тој се наоѓа пред Божјиот престол и дека останал нивни пријател и Спасител, дека неговата љубов останала непроменета, дека Тој и понатаму се изедначува со напатеното човештво. Тој ги изнесува пред Бога заслугите на својата драгоцена крв, ги покажува своите ранети раце и нозе за да потсети на цената што ја платил за оние што ги избавил. Знаеле дека се вознел на небото да им приготви место и дека пак ќе дојде да ги земе кај себе.

Кога се собрале по вознесението, имале топла желба своите молби да му ги изнесат на Отецот во Исусово име. Обземени со света страхопочит, се наведнале на молитва, повторувајќи го ветувањето: „Што и да побарате од Отецот во мое име, ќе ви даде. Досега ништо не баравте во мое име; барајте и ќе добиете, вашата радост да биде целосна“ (Јован 16,23.24). Раката на верата ја подавале сè повисоко со силно образложение: „Исус Хростос, кој умре и згора на тоа воскресна, кој е од десната страна на Бога, се зазема за нас“ (Римјаните 8,34). Денот Дуовден (Педесетница) им го донел присуството на Утешителот, за кој Христос рекол дека „ќе биде во вас“. Освен тоа, Тој додал: „Подобро е за вас јас да си заминам. Зашто ако не си заминам, Утешителот нема да дојде кај вас, а ако пак заминам, ќе ви го пратам“ (Јован 14,17; 16,7). Од тогаш Христос требало постојано да живее со Духот во срцето на своите деца. Нивната врска со него сега била потесна отколку кога Тој лично бил со нив. Од нив светела светлината, љубовта и силата на Христа кој живеел во нив, така што луѓето, гледајќи ги нив, се восхитувале: „Ги препознаа дека беа со Исуса“ (Дела 4,13).

Сè што Христос бил за своите ученици, Тој сака да биде и за своите деца денеска; имено, Тој во својата последна молитва, опкружен со малечката чета свои ученици, рекол: „Но не барам само за нив, туку и за оние кои преку нивните зборови ќе поверуваат во мене“ (Јован 17,20).

Исус се молел за нас и барал и ние да бидеме соединети со него како што е Тој соединет со својот Отец. Каква е таа врска? Спасителот рекол за себе: „Синот не може ништо да прави сам од себе“; „Отецот кој е во мене, Тој ги прави делата“ (Јован 5,19; 14,10). Според тоа, ако во нашето срце живее Христос, Тој ќе ни помогне: „Кој ве поттикнува да ја исполнувате неговата волја“ (Филипјаните 2,13). Ние ќе постапуваме како што постапувал Тој и ќе покажуваме ист дух. И така, љубејќи го него и живеејќи во него, „ние треба да растеме во сè – кон Оној кој е главата, Христос“ (Ефешаните 4,15).

Pin It on Pinterest