[Патот кон Христа – седмо поглавје]

Tака, ако некој е во Христа, тој е ново создание; старото помина и ете, сè ново настана“ (2 Коринќаните 5,17).
Некој можеби не ќе може да го каже точното време или местото на своето обратување, или да ги наведе сите околности што довеле до него, но тоа уште не докажува дека не е обратен. Христос му рекол на Никодима: „Ветерот дува каде што сака. Го слушаш неговиот шум, а не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Духот“ (Јован 3,8). Како невидливиот ветер, чиешто дејствување јасно се гледа и се чувствува, и Божјиот Дух работи врз човечкото срце. Таа преродбенска сила, што ниедно човечко око не може да ја види, зачнува нов живот во душата, создава ново создание според Божјиот лик. Иако делото на Духот е нечујно и незабележливо, последиците се видливи. Ако е срцето преродено со работата на Божјиот Дух, животот ќе го посведочи тоа. Иако ние сами ништо не можеме да сториме за да го измениме срцето, или да воспоставиме хармонија со Бога, иако воопшто не смееме да се потпреме на себе или на нашите добри дела, нашиот живот ќе покаже дали Божјата милост живее во нас. Ќе се види промена во карактерот, во обичаите, во стремежите. Ќе се види јасна и решителна разлика меѓу она што тие биле и она што се сега. Карактерот не се открива со случајните добри или лоши дела, туку со склоностите што се покажуваат во вообичаените зборови и постапки.
Вистина е дека некој може навидум беспрекорно да се однесува и без Христовата преродбенска сила. Желбата за влијание во друштвото и за почитување од страна на другите може некого да го наведе да живее уреден живот. Самопочитувањето може да нè наведе формално да се пазиме од злото. И себичното срце може да прави великодушни дела. Тогаш, на кој начин можеме да утврдиме на чија страна сме?
Кому му припаѓа нашето срце? Кому му се посветени нашите мисли? За кого сакаме да разговараме? Кому му ги подаруваме нашите најтопли чувства или нашите најдобри сили? Ако сме Христови, тогаш и нашите мисли се со него, најслатко ни е да размислуваме за него. Сè што имаме и што сме, му е посветено нему. Ние копнееме да го носиме неговиот лик, да дишеме со неговиот дух, да ја исполнуваме неговата волја, да му угодиме нему во сè.
Оние што стануваат нови суштества во Исуса Христа, ќе донесуваат и плодови на Духот: „Љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, добрина, верност, кротост, воздржливост“ (Галатите 5,22.23). Тие нема веќе да се поведуваат по некогашните страсти, туку со вера во Божјиот Син ќе ги следат неговите стапки, ќе го одблеснуваат неговиот карактер, ќе се чистат како и Тој што е чист. Она што некогаш го мразеле, сега го сакаат, а она што некогаш го сакале, сега го мразат. Горделивите и натрапливите стануваат кротки и со понизно срце. Суетните и дрските стануваат сериозни и скромни. Пијаниците стануваат трезвени, а разузданите чисти. Безобѕирните обичаи и модата на светот се потиснуваат на страна. Христијаните нема да се стремат кон надворешно украсување, туку кон „скриената личност во срцето, кон нераспадливиот украс на кроткиот и тивок дух, што е од голема вредност пред Бога“ (1 Петрово 3,3.4).
Нема никаков доказ дека покајанието е искрено ако не доведе до потполна промена. Ако грешникот го обнови својот завет, ако го врати она што го грабнал, ако ги признае гревовите и ако почне да ги љуби Бога и ближните, тогаш може да биде сигурен дека преминал од смртта во живот.
Ако како заблудени, грешни суштества, дојдеме кај Христа и ако примиме проштавање и милост, во нашето срце се раѓа љубов. Секој товар ни е лесен, зашто е лесен јаремот што го нуди Христос. Должноста станува уживање, а жртвата задоволство. Патот што порано ни изгледал обвиен со темнина, сега е осветлен со зраци на Сонцето на правдата.
Милноста на Христовиот карактер ќе се види и кај неговите следбеници. Нему му причинувало задоволство да ја исполнува Божјата волја. Љубовта кон Бога, ревнувањето за неговата слава, тоа била сила што управувала со животот на нашиот Спасител. Љубовта ги разубавувала и ги облагородувала сите негови постапки. Љубовта е од Бога. Таа не може да се зачне, не може да настане во непосветено срце. Таа се наоѓа само во срцето во кое владее Исус. „Ние го љубиме него, зашто првин Тој покажа љубов кон нас“ (1 Јованово 4,19). Во срцето што е обновено со божествената милост, љубовта е начело на однесувањето. Таа го менува карактерот, управува со побудите, владее со страстите, го отстранува непријателството, ги облагородува чувствата. Оваа љубов, ако се негува во срцето, го разубавува животот и шири насекаде околу себе благородно влијание.
Постојат две заблуди од кои Божјите деца – особено оние кои штотуку почнале да се потпираат на неговата милост – посебно мораат да се пазат. Првата, за која веќе стана збор, е заблудата дека нашите дела можат да нè доведат во хармонија со Бога. Оној што се обидува да стане свет правејќи добри дела, држејќи го Законот, се обидува да стори нешто што е неможно. Сè што би можел човекот да стори без Христа е извалкано со себичност и со грев. Само Христовата милост, со помош на верата, може да нè стори свети.
Втората, не помалку опасна крајност, е заблудата дека верувањето во Христа го ослободува човекот од држењето на Законот, зашто, според оваа заблуда, со вера ја добиваме Христовата милост и нашите дела немаат никакво влијание врз нашето спасение. Меѓутоа, да обрнеме овде внимание на фактот дека послушноста не е само некое формално покорување, туку служење од љубов. Божјиот закон е израз на неговата вистинска природа; тој е олицетворение на големото начело на љубовта и, според тоа, темел на неговото владеење и на небото и на земјата. Ако нашите срца се преобразени, ако ние го одразуваме Божјиот лик и ако божествената љубов е всадена во нашата душа, нема ли тогаш и Божјиот закон да се исполнува во нашиот живот? Ако начелото на љубовта е всадено во срцето, ако е човекот прероден и е сличен на Оној што го создал, тогаш е исполнето и новозаветното ветување: „Ќе ги врежам моите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум“ (Евреите 10,16). А ако е Законот напишан во срцето, зар тој нема да го обликува животот? Послушноста – служење и преданост од љубов – е вистински знак дека сме негови ученици. Така кажува и Писмото: „Ова е Божјата љубов: да ги извршуваме неговите заповеди“; „Оној кој вели ‘го знам’, а не ги држи неговите заповеди, лажливец е и вистината не е во него“ (1 Јованово 5,3; 2,4). Наместо да нè ослободи од послушноста, токму верата, и само верата, нè прави учесници во Христовата милост, што нè оспособува да бидеме послушни.
Ние не го заслужуваме спасението со нашата послушност, зашто спасението е Божји дар без возврат, дар што се прима со вера. Меѓутоа, послушноста е плод на верата. „И знаете дека Тој се јави за да ги отстрани гревовите, а во него нема грев. Ниту еден кој останува во него, не греши. Ниту еден кој греши, не го видел него ниту го познал“ (1 Јованово 3,5.6). Еве вистински доказ: Ако бидеме во Христа, ако Божјата љубов биде во нас, нашите чувства, нашите мисли, нашите намери, нашите постапки, ќе бидат во хармонија со Божјата волја која е изразена во прописите на неговиот свет Закон. „Дечиња, никој да не ве мами . Кој чини праведност, праведен е така како што е и Тој праведен“ (1 Јованово 3,7). Праведноста е опишана со мерилото на Божјиот свет Закон што е објавен во десетте правила дадени на Синај.
Онаа, таканаречена вера во Христа, која тврди дека го ослободува човекот од обврската да му биде послушен на Бога, не е вера туку дрскост. „Зашто со милоста сте спасени, преку вера.“ Меѓутоа, „верата, ако нема дела, мртва е сама по себе“ (Ефешаните 2,8; Јаков 2,17). Пред да дојде на земјата, Исус рекол за себе: „Волјата твоја сакам да ја извршувам, Боже, и Законот твој јас длабоко во срцето го носам“ (Псалм 40,8). А непосредно, пред да замине на небото, објавил: „Јас ги одржав заповедите на мојот Отец и останувам во неговата љубов“ (Јован 15,10). Писмото вели: „По тоа знаеме дека го познаваме, ако ги вршиме неговите заповеди… Оној кој вели дека останува во него, треба да живее како што живееше Тој“ (1 Јованово 2,3.6). „Бидејќи и Христос страдаше за вас и ви остави пример и вие да одите по неговите стапки“ (1 Петрово 2,21).
Условот за вечен живот и сега е ист каков што бил секогаш – онаков каков што бил во рајот пред паѓањето на нашите прародители – совршена послушност кон Божјиот закон, совршена праведност. Кога вечниот живот би можел да се добие под кој и да е друг услов, освен под овој, би била доведена во опасност среќата на целата вселена. На гревот, со сета негова придружба од несреќи и беди, би му се создала можност да стане бесмртен.
Со послушноста кон Божјиот закон пред да падне, Адам можел да обликува праведен карактер. Но тој не успеал да го стори тоа, и поради неговиот грев, и нашата природа станала грешна, и ние не сме во состојба себеси да се сториме праведни. Затоа што сме грешни, несвети, ние не можеме да бидеме совршено послушни кон светиот Закон. Ние немаме некоја своја праведност со која би можеле да ги задоволиме барањата на Божјиот закон. Меѓутоа, Христос ни овозможил решение на проблемот. Тој живеел на земјата соочен со истите неволји и искушенија со кои и ние се соочуваме. Живеел безгрешен живот. Умрел за нас и сега се нуди да ги земе нашите гревови, а нам да ни ја даде својата праведност. Ако му се предадете нему и ако го прифатите како свој Спасител, тогаш, без оглед на сета грешност на вашиот поранешен живот, заради него ќе бидете прогласени праведни. Вашиот карактер ќе биде заменет со Христовиот карактер и вие ќе бидете прифатени пред Бога како никогаш да не сте грешеле.
И повеќе од тоа, Христос го менува срцето. Тој со вера живее во вашето срце. Со вера и со постојано потчинување на вашата волја на Христа, вие треба да ја одржувате оваа врска со него; и сè додека ќе постапувате така, Тој ќе дејствува во вас и ќе ви помогне да живеете според неговата волја. Тогаш ќе можете да кажете: „А животот што сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син кој ме милее и се предаде себеси за мене“ (Галатите 2,20). Така Исус и им рекол на своите ученици: „Зашто не сте вие тие кои зборуваат, туку Духот на вашиот Отец кој зборува во вас“ (Матеј 10,20). И тогаш, кога Христос работи во вас, вие ќе покажете ист дух и ќе правите исти дела – дела на праведност, на послушност.
Според тоа, ние немаме во себе ништо со што би можеле да се пофалиме. Немаме никаква причина себеси да се воздигаме. Единствен темел на нашата надеж е Христовата праведност што ни е дадена и она што го прави неговиот Дух во нас и преку нас.
Кога зборуваме за верата, мораме да имаме на ум дека треба да правиме разлика. Имено, постои еден вид верување што наполно се разликува од верата. Постоењето на Бога и неговата сила, вистината на неговата Реч, сето тоа се факти што ниту сатаната ниту неговата војска не можат сериозно да ги побијат. Библијата кажува дека и „ѓаволите веруваат и се тресат“, но тоа не е вера. Таму каде што постои не само верување во Божјата реч, туку и прифаќање на неговата волја, каде што срцето му се потчинило нему, каде што чувствата се насочени кон него, таму има вера – вера која работи низ љубовта и ја чисти душата. Со таа вера срцето се преобразува и добива Божји лик. А срцето, кое во својата непреродена состојба не му се покорувало на Божјиот закон, а и не можело, сега ужива во неговите свети прописи извикнувајќи заедно со псалмистот: „Законот твој неизмерно го љубам и по цел ден за него размислувам“ (Псалм 119,97). И праведноста на Законот се исполнува во нас „кои не живееме според телото, туку според Духот“ (Римјаните 8,1).
Има и такви кои ја запознале Христовата љубов која проштава, и кои навистина сакаат да бидат Божји деца, но се свесни за несовршенството на својот карактер, за грешноста на својот живот, и затоа се готови да се посомневаат во тоа дека Светиот Дух навистина го преродил нивното срце. Ним би им кажала: Немојте да се повлекувате обземени со очај! Ние често ќе мораме да паѓаме пред Исусовите нозе и да плачеме поради нашите недостатоци и грешки, но не смееме да се обесхрабриме. Дури и ако непријателот нè обори, Бог не нè отфрла, не нè заборава и не нè одбива! Не! Христос се наоѓа од десната страна на Бога и самиот се зазема за нас. Саканиот ученик Јован вели: „Ова ви го пишувам за да не грешите; а ако некој згреши, имаме застапник кај Отецот, праведникот Исус Христос“ (1 Јованово 2,1). Не заборавајте ги Христовите зборови: „Зашто самиот Отец ве љуби“ (Јован 16,27). Тој копнее да ве врати кај себе, да види како неговата чистота и светост се одразуваат во вас. И само ако сакате да му се покорите нему, Тој, кој го почнал доброто дело во вас, ќе го продолжи сè до денот на Исуса Христа. Молете се посесрдно, верувајте попотполно! Кога ќе се посомневаме во нашата сила, да се потпреме на силата на нашиот Откупител и тогаш ќе го прославуваме Оној кој е здравје на нашата душа.
Колку повеќе му се приближувате на Исуса, сè погрешни ќе изгледате во своите очи; погледот ќе ви биде појасен па ќе видите остра и одредена разлика меѓу своето несовршенство и неговата совршена природа. Тоа ќе биде доказ дека измамите на сатаната ја загубиле својата сила и дека во вас дејствува оживотворувачкото влијание на Божјиот Дух.
Никаква длабоко вкоренета љубов кон Исуса не може да живее во срцето што не ја сфатило својата грешност. Душата што е преобразена со Христовата милост ќе му се восхитува на неговиот божествен карактер; но ако уште не ја гледаме нашата морална изопаченост, тоа е непогрешен доказ дека не сме ја согледале Христовата убавина и неговото совршенство.
Колку помалку ќе се цениме себеси, сè повеќе ќе ја цениме бесконечната чистота и убавина на нашиот Спасител. Погледот во нашата грешност нè гони кон Оној кој може да ни прости; и кога душата, откако ќе ја сфати својата беспомошност, ќе посегне по Христа, Тој ќе се открие во сила. Колку повеќе свеста за нашата сопствена немоќ нè гони кон него и кон Божјата реч, ќе имаме сè повозвишени гледишта за неговиот карактер и поцелосно ќе го одразуваме неговиот лик.

Pin It on Pinterest