Кај некои луѓе тоа е желбата за да се разбие грижата и за забава, за други таа е облик на комуникација, третите  во астрологијата гледаат можност подобро да ги искористат животните прилики, четврти да напредуваат како личности, некои мислат дека тоа е добра причина за да се занимаваат со себе си, а некои само сакаат да ѕирнат во иднината, поединци мислат дека таа е вдохоносен бизнис, а за мнозина астрологијата пред сè е обид да се контролира сопствениот живот и да се избегнат непријатностите од соочување со непознатото. Ќе проучиме подетално некои од овие патишта кои водат кон астрологијата.

Еден од најчестите патишта е љубопитноста и потребата за релаксација во вид на лесномислени занимации. Астрологијата потекнува од религијата, но за разлика од религијата, за која е резервиран исклучиво сериозен дискурс, астрологијата е колоритна, езотерична мешавина, која покрај окултниот и психолошки дискурс, има можност да допре во дискурсот на забава, што претставува клуч на нејзината популарност. Веќе неколку векови астрологијата е присутна во разни алманаси, а од 1930-тите години е незаобиколен дел од рубриката за забави во многу весници и списанија. Индустријата на забавата никогаш не била во поголем замав во човечката историја отколку денес, луѓето повеќе од било кога трагаат по нови и уште поинтересни  извори на забавата, така што не нè чуди тоа што денес астрологијата е на врвот на популарноста.

Набљудувано од аспект на некои општествени потреби – астрологијата привлекува бидејќи тоа е лесна заедничка тема во некое друштво која наизглед ја олеснува комуникацијата (иако всушност ја отежнува, бидејќи често е извор на предрасуди), бидејќи имаме потреба да припаѓаме на некого (мој знак си), да најдеме причина да ја анализираме својата поврзаност со некоја личност (како се согласува мојот знак со твојот?) или пак како оправдувањето и потврдата на сопствените ставови за некого (ма пушти го, тој е еден тврдоглав Јарец).

Меѓутоа, иако астрологијата на некого можеби му е забавна и колоритна, таа секако не е безопасна. Таа го стопира развојот на човечкиот карактер, ја поткопува моралноста на човекот, ја угушува свеста за одговорноста за сопствените постапки, дава лажни ветувања, создава предрасуди кон луѓето, нечувствително го воведува човекот во светот на магиското и окултното и на крајот го изведува човекот надвор од границите на христијанството доведувајќи го во самото срце на политеизмот, и наведувајќи го практично да заборави дека се потпира на Бога и да практикува нешто што Библијата најсериозно го осудува.

Хедонистички насочениот карактер на модерниот човек го погодува процутот на астрологијата. Многу писатели, историчари и теоретичари на културата забележуваат дека современиот човек е навикат на живот во комфор, сè помалку стоички насочен, се помалку способен да се соочи со непријатноста, да се соочи со болката, а се повеќе хедонистички ориентиран, решен да ја избегне болката и непријатноста по секоја цена. Во таа смисла астрологијата  го наоѓа своето место како нешто што ветува утеха (макар и лажна) и ги наведува луѓето да вруваат дека нејзините предвидувања можат да ни помогнат да избегнеме одредени непријатности и неволји. Нејзината функција во оваа смисла е слична на улогата на најширокото сфатено суеверие.

Многу трагачи по знаење ги води впечатокот дека во астрологијата може да се пронајде концентрирано знаење за човечката психологија генерално и за светот кој нè опкружува. Значи, поради својата сличност со психологијата, астрологијата ги привлекува оние кои имаат потреба подобро да се разберат себе си и другите, бидејќи во себе имаат инкорпорирано одредено знаење за човечката психологија, за некои психолошки типови на луѓе и нивните односи, кои се добиени со набљудување и проучување на човечката психологија во подолг временски период.

Покрај трагачите за смисла и подлабоко разбирање на човекот и светот, благодарение на својот езотеричен и мистичен аспект, астрологијата  привлекува и една сродна група на луѓе, оние кои трагаат по тајни, елитистички знаења и љубители на окултното.

Сепак, од сè наведено, сметаме дека она што луѓето го бараат во астрологијата суштински е исто што често ги наведува да се свртат кон религијата (да не заборавиме дека астрологијата примарно  и настанала во рамките на религијата), а тоа е потребата за сигурност.

Според хиреархијата на човечките потреби кои ги востановил американскиот психолог Абрахам Маслов, сигурноста е базична потреба на човекот, која по важност е веднаш по основните физиолошки потреби на човечко суштество. Поради тоа не е чудно што астрологијата посебен процвет доживува во несигурни времиња, кога народите на псеудохристијанските земји (земји во кои  христијанството  е званична религија на повеќето, но само декларативно, без искрено движење кон Бога во молитва и посветување), во такви моменти на историјата се свртиле кон астрологијата и другите окултни дисциплини во потрага по некоја психолошка утеха, бидејќи површното практикување на религијата таква утеха не можел да им пружи. Еден таков препород на астрологијата и заинтересираноста за таканаречените пророци и бели магии можел да се види и во текот на војната која се водела во 1990-тите години на територијата на бивша Југославија.

Мудриот цар Соломон во неколку стихови сликовито ја сумирал сета беспомошност на позицијата на човекот во овој свет:

„Зашто постои време и суд за сите, а злото тешко го измачува човекот. Зашто тој не знае што ќе биде; а кој може да му каже кога што ќе биде? Никој не може да го совлада духот, за да го задржи духот, ниту има власт над смртниот ден, во тоа војување нема одлагање; ниту нечесноста го избавува оној што ја прави.“ (Проповедник 8:6-8 ; Библија)

Човекот не е во состојба да се помири со фактот дека не може да се контролира сопствениот живот. Ова сознание во човекот создава чувство на целосна беспомошност. Која е целта на сето ова што го правиме, ако утре може да се случи нешто што сето тоа ќе го поништи, а ние тоа не можеме да го знаеме однапред, не можеме тоа да го претпоставиме?

Колку и да избегнуваме да признаеме, самата природа на човекот и начинот на неговото постоење во светот, го поставува во една многу понизна позиција. Тој нема друг избор освен да прифати дека нема можност да ги контролира сите настани во својот живот. Крајниот исход од многуте настани во нашиот живот зависи од толку многу детерминантни кои ние не сме во состојба ни да ги согледаме, а камо ли на сите нив да влијаеме, така што нашите очекувања често не се исполнуваат.

Таа празнина (која христијанинот ја наоѓа во верата и надежта во Бога) астрологијата безуспешно се обидува да ја пополни. На пример, укажувајќи ни на транзитите на планетите кои поминуваат низ нашиот астролошки знак или нашата натална карта, таа однапред нè предупредува на наводните можности кои треба да се искористат, на опасностите кои треба да се избегнат. На тој начин астрологијата му ласка на човекот дека тој може да ја предвиди иднината и го наведува да жиее во заблуда дека може да живее без Божја помош и Негово водство. Тврдејќи дека на човекот му дава некое знаење за него самиот, за другите луѓе, за светот околу нас и наводно отварајќи пред нас сцена во минатото и иднината, астрологијата се обидува да биде замена за библискиот Бог кој недостасува во нашиот живот. Подлабока анализа ги открива токму религиозните функции на астрологијата, и воопшто не нè чуди сознанието дека историски оваа пракса настанала токму во рамките на религијата.

Значи, астрологијата на човекот му пружа лажно чувство на контрола. Меѓутоа она што човекот навистина може и треба да го контролира, тоа астрологијата му го одзема. Како? Одговорот ќе можете да го прочитате во една од статиите кои следат.

Pin It on Pinterest