Денес е тешко да се биде родител на тинејџер. Една од главните причини за тоа е што тие поголем дел од своето време го поминуваат под влијание на некој друг: професорите на училиште, врсниците, другарчињата, телевизијата, компјутерите и мобилните телефони. Повеќето родители чувствуваат дека и покрај нивниот труд, малку влијаат на тинејџерите. Но, вистината е целосно спротивна. И покрај сите други влијанија, домот и понатаму има најголемо влијание. Домот повеќе од сѐ одредува колку ќе биде среќен тинејџерот, колку ќе биде сигурен и стабилен; како ќе се однесува кон возрасните, кон своите врсници и кон другарчињата, како ќе реагира на нови или непознати ситуации. Без оглед на многуте попречувања во животот на тинејџерот, домот има најголемо влијание на неговиот живот.

Тинејџерот може да биде повисок, попаметен, посилен или на некој друг начин посупериорен од своите родители, но емоционално сѐ уште е дете. И понатаму му е потребно да чувствува дека родителите го сакаат и дека го прифаќаат. Доколку тинејџерот не го чувствува тоа, нема да се покаже во најдобро светло, ниту нешто ќе направи на најдобар начин. Така тинејџерот не може да го реализира својот потенцијал.

Релативно мал број тинејџери имаат среќа да чувствуваат вистинска љубов и прифатеност каква што навистина заслужуваат. Реалноста е дека повеќето родители негуваат најдлабоки чувства кон своите деца-тинејџери, меѓутоа, тие претпоставуваат дека искажувањето на таа љубов доаѓа природно и спонтано. Ова навистина е најголемата грешка која родителите денес ја прават, бидејќи многумина од нив токму поради тоа, едноставно не се трудат да им искажат  искрена љубов на своите тинејџери. Тие и не знаат како да го направат тоа. Најголемата причина за проблемите кои тинејџерите си ги навлекуваат на себе, најчесто е поради чувството дека не се сакани и дека на родителите не им е грижа за нив. Спротивно на тоа, кога на тинејџерите им се задоволени емоционалните потреби, можат да реагираат на сите ситуации на здрав и пријатен начин.

Вистина е дека тие дефинитивно можат да нѐ доведат до крајни граници на толеранција и трпение. Понекогаш ја губиме смиреноста и се разлутуваме, па мислиме дека едноставно го немаме она што е потребно за задоволување на нивните потреби. Можеме дури и да посакаме да побегнеме или да се откажеме. Но како родители треба да издржиме, бидејќи навистина вреди да истраеме. Непроценливо богатство е да видиме како нашите тинејџери се развиваат во пријатни и вредни возрасни личности. Но мора да бидеме реални, тоа не се случува така едноставно, мораме да ја „платиме цената“ за тоа.

Сите грешеме. Токму како што не постојат совршени деца, така не постојат ниту совршени родители. Не дозволувајте вината поради некои претходни грешки да ги загрозува вашите напори правилно да го воспитате вашиот тинејџер. Нека денес биде ден на нов почеток, растеретен од вината поради некои пропусти кои сте ги направиле претходно.

Pin It on Pinterest