Важно е да се знае дека вашиот тинејџер има емоционален резервоар. Секако тоа е фигуративно изразено, но концептот е навистина реален. Тинејџерот има одредени емоционални потреби, а нивното задоволување (по пат на љубовта, разбирањето, подршката итн.) одредува како ќе се чувствува: дали ќе биде задоволен, лут, депресивен или радосен. Исто така, тоа силно влијае и на неговото однесување: дали ќе биде послушен или не, дали ќе негодува, дали ќе биде расположен, повлечен… Секако, колку е пополн резервоарот и чувствата ќе бидат попозитивни и однесувањето ќе биде подобро. Од тинејџерот можеме да очекуваме да биде најдобар и да дава сѐ од себе само кога неговиот емоционален резервоар е полн.

Тинејџерите можеме да ги замислиме како огледала. Тие воглавно ја рефлектираат љубовта, не ја пружаат први. Ако им пружите љубов, тие ќе ви ја возвратат. Ако не им пружите ништо, тие немаат што да ви возвратат. Безусловната љубов ја возвраќаат безусловно, а условната – условно.

Тинејџерите се емоционални деца. Размислете колку е сличен тинејџерот на двегодишно дете. И тинејџерот и двегодишното дете бараат независност и имаат емоционален резервоар. Двајцата тежнеат кон независност, користејќи ја енергијата од емоционалниот резервоар. Кога емоционалниот резервоар ќе пресуши, и тинејџерот и две-годишното дете ќе реагираат на ист начин – ќе се обратат на родителите да им го наполнат емоционалниот резервоар за да можат повторно да бараат независност.

Тинејџерот тежнее кон независност на типични младешки начини, правејќи сам некои работи, излегувајќи некаде без семејството, искушувајќи ги семејните правила. Но на крајот неговиот емоционален резервоар ќе пресуши и ќе мора да се врати кај родителите за тие да го наполнат. Тоа е она што го сакаме како родители на тинејџер. Сакаме нашите деца да бидат слободни и способни да дојдат кај нас кога им е потребно полнење на резервоарот.

Постојат неколку причини поради кои ова полнење е многу важно.

– На тинејџерите им е потребно изобилна емоционална храна за да станат најдобри и за да функционираат најдобро што можат.

– Очајно им е потребно полн емоционален резервоар за да се чувствуваат  сигурни и за да имаат доволно самодоверба да се носат со притисокот на врсниците и другите барања од општеството. Без таа самодоверба тинејџерите можат да подлегнат на притисокот на врсниците и да имаат потешкотии во потврдување на здрави, етички вреднсти.

– Емоционалното полнење е значајно бидејќи додека тоа трае возможно е отворено да комуницирате со тинејџерот. Кога емоционалниот резервоар на тинејџерот е празен и тој/таа бараат родителска љубов, комуникацијата е многу полесна.

Повеќето родители не сфаќаат колку е важно за нивните тинејџери да можат слободно да дојдат кај нив за да го наполнат тој резервоар. Периодот кога тинејџерот тежнее кон независност, може до таа мера да ги вознемири родителите, што тие реагираат претерано емоционално и обично со доста гнев. Ова емоционално претерување ако е жолчно или зачестено, на тинејџерот му го отежнува враќањето кај родителите за да го наполни својот емоционален резервоар, до тој степен што дури му изгледа и невозможно. Потоа, ако комуникацијата помеѓу родителите и тинејџерот е слаба, тој може да се сврти кон своите  врсници за да добие емоционална храна. Колку е само тоа опасно, а често и катастрофално! Тинејџерот тогаш ќе биде подложен на притисокот на врсниците и на влијанието на бескруполозните личности кои ги искористуваат младите луѓе.

Кога тинејџерот ве искушува трудејќи се со своето несоодветно однесување да стекне независност, морате да бидете внимателни и не смеете да реагирате претерано емоционално. Тоа не значи дека треба да им го занемарите лошото однесување. Морате искрено, но подготвено да ги изразите своите чувства, т.е. без претеран гнев, викање, вреѓање на детето, вербално напаѓање на него или некој друг начин на губење на самоконтролата. Гледајте на тоа вака: ако некој кого го познавате реагира претерано гневно кон вас, како тоа ќе влијае на вашите чувства кон него? Помалку ќе ја почитувате таа личност, особено ако често ја губи контролата.

Колку почесто родителите ја губат контролата во присуство на тинејџерот, толку тој помалку ќе ги почитува. Морате да се трудите да се контролирате без оглед на тоа како тинејџерот го изразува тежнеењето кон независност. Морате секогаш да ја држите отворена вратата преку која вашите тинејџери ќе влезат за да го наполнат својот емоционален резервоар. Ова е многу важно за тинејџерот да може да влезе во зрел период како комплетна личност.

Pin It on Pinterest