Основен темел за здрав однос со тинејџерот е безусловната љубов. Само таа може да спречи проблеми како што се повреденост, чувство на вина, страв или несигурност поради чувство на несаканост. Само кога нашиот однос е заснован на безусловна љубов, можеме да бидеме сигурни во своето родителство, дека оди во добра насока. Без тој темел не е возможно вистински да го сфатиме или да го водиме тинејџерот, ниту пак да знаеме што да превземеме во врска со неговото однесување.
Во отсуство на безусловна љубов родителството е товар кој доведува до збунетост и вознемирување. Оваа љубов е ѕвезда водилка, која ви покажува до каде сте дошле со вашиот тинејџер и што следно да направите. Кога ќе започнете со безусловна љубов, полесно можете да го надоградите знаењето, да станете повешти во водење на тинејџерот и секојдневно да ги исполнувате неговите потреби. Исто така ќе знаете каде успешно сте постапиле како родители, а каде сте погрешиле.
Но, што е тоа безусловна љубов?
Безусловна љубов е кога го сакате својот тинејџер без оглед на сѐ.
- Без оглед на неговиот физички изглед.
- Без оглед на неговиот темперамент, манири, недостатоци…
- Без оглед на тоа како се однесува.
Тоа не значи дека секогаш ќе го оправдувате неговото однесување. Безусловната љубов е кога го сакате тинејџерот, дури и кога не ви се допаѓа неговото или нејзиното однесување.
Безусловната љубов е идеал. Не можете да чувствувате љубов кон тинејџерот, или кон било кој друг, во секој момент. Но, колку сте поблиску до тој идеал, толку ќе бидете позадоволни и посигурни, а вашиот тинејџер ќе се чувствува попријатно и позадоволно.
Следниве факти земете ги во обзир додека го градите вашиот однос со тинејџерот.
- Тинејџерите се деца.
- Тинејџерите обично се однесуваат како тинејџери.
- Однесувањето на тинејџерите воглавно е непријатно.
- Ако го сакате тинејџерот само кога ви удоволува (условна љубов) и само тогаш му ја покажувате својата љубов, тој нема да се чувствува искрено сакан. Ќе се чувствува несигурен, ќе има лоша слика за себе, а можеби и ќе го спречите да развие зрело однесување. Поради тоа, родителите без сомнеж се одговорни за развојот на однесувањето на тинејџерот.
- Ако безусловно го сакате тинејџерот ќе има добра слика за себе и ќе биде задоволен со себе. Ќе може да го контролира своето однесување и ќе може да се соочува со своите проблеми како што ќе созрева.
- Ако го сакате тинејџерот само кога ги исполнува вашите барања и очекувања, ќе се чувствува неспособен. Ќе мисли дека нема поента да дава сѐ од себе, бидејќи никогаш не е доволно. Ќе го мачи несигурност, ограниченост и недостаток на самодоверба. Во емоционалниот развој, како и во развојот на неговото однесување постојано ќе има некакви пречки. Повторно, целиот развој на тинејџерот многу зависи од родителите.
Дали знаете за кое прашање најчесто размислуваат тинејџерите? Иако тоа не го сфаќаат, иако не се ни свесни за тоа, тие постојано ве прашуваат: „Дали ме сакаш?“ Тоа е најважното прашање во животот на еден тинејџер. Иако ова можеби ви звучи неверојатно, бидејќи тинејџерот не го поставува тоа прашање со зборови, сепак вистината е дека постојано го поставува со своето однесување.
„Дали ме сакаш?“ Одговорот кој вие го давате со своето целосно однесување е апсолутно пресуден. Ако одговорите негативно, вашиот тинејџер нема да даде сѐ од себе. Мора да одговорите потврдно, но малку родители го прават тоа. Тоа не значи дека родителите не ги сакаат своите тинејџери. Проблемот е во тоа што многу родители не знаат како да одговорат потврдно, не знаат како да ја изразат љубовта кон своите тинејџери.
Ако го сакате безусловно својот тинејџер, тој ќе чувствува дека сте одговориле потврдно. Ако го сакате условно (само кога го прави она што сметате дека е добро), ќе биде несигурен и склон кон ограниченост. Вашиот одговор на тоа клучно прашање суштински одредува каков ќе биде ставот на вашиот тинејџер во животот. Тоа навистина е значајно!
Една од главните причини поради која многу родители не знаат да искажат љубов кон своите тинејџерите е тоа што тинејџерите, како и малите деца, се насочени кон однесувањето. Возрасните пак се повеќе вербално насочени.
Прекрасно е да чувствуваме љубов кон својот тинејџер во срцето, но не и доволно! Прекрасно е кога на тинејџерот му велите: „Те сакам“ – тоа и треба постојано да го правите, но сепак тоа не е доволно. За вашиот тинејџер да знае и да чувствува дека го сакате, морате да го покажете тоа „те сакам“, но и тоа не е доволно. За вашиот тинејџер да знае и да чувствува дека го сакате, морате тоа да му го покажувате преку своето целокупно однесување, бидејќи тој сѐ уште воглавно ја доживува реалноста преку однесувањето. Само сега може да почувствува дека потврдно сте одговориле на клучното прашање, кое му одредува сè во животот: „Дали ме сакаш?“. Иако тинејџерот ја гледа вашата љубов и по пат на она што го кажувате сепак, многу е поважно она што го правите. Вашето однесување неспоредливо повеќе влијае од влијанието на зборовите.