Желбата за романтична љубов во бракот длабоко е вкоренета во нашата природа, во нашата психологија.
Поради тоа, илјадници брачни парови си ги поставуваат истите прашања:
– Што се случува со љубовта после склучувањето на бракот?
– Зошто љубовта се лади?
Па така, многумина или се раздвојуваат, или пак учат да живеат во атмосфера на емоционална празнина.
Може ли љубовта во бракот да остане жива, и ако може на кој начин?
Одржувањето на љубовта во бракот е многу сериозен проблем, чиј корен по сè изгледа се наоѓа во тоа што сите ја забораваме основната вистина: луѓето зборуваат на различни јазици на љубовта.
Повеќето од нас растеме учејќи го јазикот на своите родители и соседи, и тој јазик за нас станува примарен, мајчин јазик. Подоцна можеме да научиме и други јазици, но обично со поголем напор. Тие други јазици ни стануваат секундарни јазици.
Својот примарен јазик го разбираме најдобро и го зборуваме најдобро. Најпријатно се чувствуваме кога зборуваме на својот мајчин јазик. Меѓутоа, колку повеќе се служиме со друг јазик, толку подобро се чувствуваме употребувајќи го. Доколку зборуваме исклучиво на својот примарен јазик и да сретнеме некој кој го употребува само својот, различен од нашиот, меѓусебната комуникација ќе биде многу ограничена. Ќе мораме да се потпреме на давање на знаци со рацете, на мимики, говор на телото, на цртање… Можеме да комуницираме, но, многу тешко.
Јазичните различности се составен дел од човечката култура. Ако сакаме да комуницираме со припадниците на други народи, мораме да го научиме јазикот на тие народи. Слично е и на подрачјето на љубовта. Вашиот емоционален јазик на љубовта и јазикот на вашиот партнер можат да се разликуваат како кинескиот и македонскиот. Без оглед на тоа колку се трудите да ја изразите љубовта на својот јазик, доколку вашиот партнер разбира само кинески, никогаш нема да му објасните колку го сакате.
Многумина кога ја изразувале својата љубов биле искрени во тоа, но брачниот партнер не го разбирал нивниот јазик на љубовта.
Не е доволно само да бидеме искрени. Мораме да бидеме подготвени да го учиме јазикот на својот/та сопруг/а ако сакаме успешно да комуницираме со него/незје, со јазикот на љубовта.
Генерално постојат пет јазици на изразување на љубовта, пет начини на кои луѓето ја изразуваат, разбираат и примаат љубовта.
На подрачјето на лингвистиката, јазиците можат да имаат многубројни дијалекти и варијанти. Слично на тоа и петте основни јазици на љубовта имаат свои дијалекти.
Начинот на кој ќе ја изразите својата љубов е ограничен само со вашата фантазија, но сепак е неопходно да прозборувате со јазикот на љубовта на својот партнер.
Оддамна е познато дека детето уште во раното детство ја развива својата единствена емоционална структура. Некои деца, на пример, патат од чувство на пониска вредност, додека други развиваат здрава свест за сопствената вредност. Некои деца страдаат од чувството на несигурност, додека другите се сигурни во себе. Некои деца растат со чувство дека се сакани, посакувани и ценети, додека пак други чувствуваат дека не се сакани, не се ценети и не се посакувани.
Децата кои чувствуваат дека родителите и врсниците ги сакаат, ќе го развијат својот примарен емоционален јазик на љубовта втемелен на својот единствен психолошки профил и начин на кој родителите и другите личности кои им се значајни во нивниот живот, им ја изразувале својата љубов. Тие ќе прозборуваат со својот примарен јазик на љубовта и ќе ги разберат оние кои им се обраќаат на тој јазик. Подоцна можат да научат и други јазици на љубовта, но секогаш најпријатно ќе се чувствуваат кога комуницираат на својот примарен јазик.
Децата кои не чувствуваат дека родителите и врсниците ги сакаат, исто така ќе прозборат со својот јазик на љубовта, меѓутоа тој јазик ќе биде сиромашен и неразвиен, на сличен начин како што некои деца никогаш не ги совладуваат основните правила на граматиката и правописот. Тоа првобитно лошо програмирање не значи дека тие никогаш не можат да станат добри комуникатори во љубовта, но значи дека на тоа мораат многу повнимателно да работат, и ќе мораат да вложат многу повеќе труд од оние кои имале некој позитивен модел, кои пораснале во здрава емоционална атмосфера опкружена со љубов.
Многу ретко се случува сопружниците да зборуваат на ист примарен емоционален јазик на љубовта. Сите настојуваме својата љубов да ја изразуваме со својот примарен јазик на љубовта, но обично се збунуваме кога нашиот партнер не разбира што сакаме да му кажеме. Ние ја изразуваме својата љубов, но пораката не стигнува до примателот, затоа што му се обраќаме, на нему, неразбирлив јазик.
Кога еднаш ќе ги откриеме сите пет основни јазици на љубовта и ќе препознаеме на кој од јазиците ние зборуваме, кога ќе го препознаеме примарниот јазик на својот партнер, тогаш на располагање ќе имаме доволно информации правилно да го примениме. На тој начин ќе го откриеме клучот на успешен и траен брак, исполнет со љубов.
Љубовта не мора да испари по венчавката, но за да ја одржиме во живот, мораме да вложиме напор да го научиме нашиот секундарен јазик на љубовта, кој е примарен јазикот на нашиот брачен партнер. Не можеме само да се потпреме на својот јазик доколку партнерот не го разбира. Доколку сакаме тој да го разбере мораме да прозборуваме на неговиот примарен јазик.