Љубовта е најважниот збор на секој јазик, но истовремено и најмногу нѐ збунува. И секуларните и религиозните мислители сметаат дека љубовта има центрлна улога во нашиот живот. Кажано е дека „љубовта е најпрекрасното искуство на светот“ и дека „љубовта го покренува светот“.
Илјадници книги, списанија и филмови се занимаваат со поимот „љубов“. Многубројни филозофски и теолошки системи ја ставаат љубовта на прво место. И основачот на христијанството, Исус Христос, сакал Неговите ученици да живеат во атмосферата на љубовта: „По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов помеѓу себе!“ (Јован 13:35; Библија)
Психолозите веќе одамна заклучиле дека потребата да бидеме сакани е примарна човечка емоционална потреба.
За љубовта, луѓето се подготвени да преминат високи планини, да се изложат на пустински ветрови и да издржат неискажани тешкотии.
Без љубовта планинските врвови остануваат недостижни, морињата непоминливи, пустините неподносливи, а тешкотиите неиздржливи.
Апостол Павле ја возвишил љубовта наговестувајќи дека сите човечки достигнувања доколку не се направени од љубов остануваат празни и бесполезни. Тој рекол дека на крајот, како последен чин во човечката драма, ќе останат само „верата, надежта и љубовта“ и дека „љубовта е најголема меѓу нив.“ (1-во Коринтјаните 13:13; Библија)
Ако веќе можеме да се сложиме дека љубовта е суштината на сѐ, дека таа претставува погонска сила на човечкото општество, и сега, и во минатото, тогаш мораме да се сложиме дека пред ова општество ќе останеме збунети во најголемиот број на случаи.
Велиме: „Сакам сладолед!“, и момент подоцна „Ја сакам својата мајка!“ Зборуваме за активностите кои ги сакаме, за пливање, за скијање, за трчање, за риболов. Ние ги сакаме работите, храната, автомобилите, куќите. Ги сакаме животните. Ја сакаме природата, стеблата, тревата, цвеќињата, времето. Ги сакаме луѓето, родителите, децата, брачниот партнер, пријателите. Ние всушност сме заљубени во љубовта.
Ако сета таа разноликост не успеала да нѐ збуни, да се присетиме дека поимот љубов го злоупотребуваме кога се обидуваме да го објасниме своето однесување: „Јас тоа го направив од љубов кон него/нејзе.“ Со овие зборови се обидуваме да објасниме цела низа на постапки.
Некој сопруг се вплеткува во прељубнички однос кој го нарекува љубов. Од друга страна, неговиот пастор, тој ист однос го нарекува грев.
Сопругата на алкохоличарот ги собира остатоците кои тој ги оставил од своето последно пијанство. Таа тоа го нарекува љубов, а психологот го нарекува зависност.
Родителите ги задоволуваат сите барања на своите деца и тоа го нарекуваат љубов. Семејниот психотерапевт тоа го нарекува неодговорно родителско однесување.
Доаѓаме до прашањето: Кое однесување навистина би можело да се нарече љубов?
Всушност, нашата цел е нашето внимание да го насочиме на онаа љубов која ни е неопходна, за да го сочуваме своето емоционално здравје.
Детските психолози тврдат дека секое дете има свои посебни емоционални потреби кои мора да се задоволат за тоа да може да ја сочува емоционалната стабилност. Меѓу тие емоционални потреби ниту една не е толку пресудна како потребата за љубов и внимание, потреба детето да се почувствува како дел од семејството и како негов посакуван и ценет член. Со соодветна доза на љубов, детето најверојатно ќе се развие во одговорна возрасна личност.
Без љубов тоа ќе заостане во својот емоционален и општествен развој. Секое дете има свој т.н. „емоционален резервоар“ кој чека да се наполни со љубов. Ако детето чувствува дека навистина е сакано, тоа се развива нормално, но ако неговиот резервоар на љубовта е празен, тоа, своето незадоволство ќе го покаже со лошо однесување. Најголем дел од лошото однесување е предизвикано поради празен „резервоар на љубовта“.
Лошото однесување на децата воглавно се сведува на потрага за љубовта која не ја доживеале, но потрагата е на погрешно место и на погрешен начин.
Во центарот на човечкото однесување се наоѓа желбата за љубов и близина. Бракот треба да ги задоволи тие исконски потреби. Емоционалната потреба за љубовта не е само феномен на детството. Таа потреба нѐ следи и како возрасни и во бракот. Заљубеноста привремено ја задоволува таа потреба, но заљубеноста, како секоја дрога, има само привремено и минливо делување.
Бидејќи се симнавме од облакот на заљубеност, на површина испливува нашата незадоволена потреба за љубов, бидејќи таа е вградена во самата суштина на нашето битие. Љубовта ни била потребна и пред да се заљубиме, и ќе ни биде потребна во текот на целиот наш живот. Таа е центар на сите наши емоционални желби. Потребата за љубов од брачниот партнер се наоѓа во самиот центар на емоционалните желби. Материјалните добра никогаш не можат да послужат како замена за љубов. Нешто во нашето битие копнее за љубовта од другите битија. Осаменоста разорно делува на човечката психа. Затоа и осудата во самица се смета за најтешка казна. Во самата срж на човечките битија се крие желбата за блискост и љубов.
Бракот треба да ги задоволи овие потреби. Затоа во библиските текстови може да се најде Божјата замисла дека мажот и жената во бракот стануваат едно тело. Тоа не значи дека поединците ќе го изгубат својот идентитет, туку дека еден со друг ќе влезат во животот и ќе остварат длабоко и тесно заедништво. Во Библијата постојат многу изјави кои ги повикуваат мажот и жената на длабока и взаемна љубов, нагласувајќи ја важноста на љубовта во бракот.
Како децата, така и возрасните, имаат свои резервоари на љубовта. Дали е возможно длабоко во душата на несреќните парови да постои некој невидлив резервоар на љубовта со стрелка која покажува дека е испразнет. Дали е возможно лошото однесување, оттуѓувањето, грубоста и прекорите да се последица на празниот резервоар на љубовта?
Дали нашиот брак може да се препороди кога би пронашле начин да го наполниме резервоарот?
Дали со полн резервоар, брачните парови можат да создадат емоционална клима во која би можеле да дискутираат за разликите и да ги решаваат судирите?
Дали полниот резервоар на љубовта е клуч за успехот во бракот?
Постојаното дополнување на емоционалниот резервоар за љубов е исто така неопходно за бракот како што и дополнувањето на гориво е неопходно за автомобилите. Брачното возење со празен резервоар на љубовта би можело да испадне многу поскапо од возењето со автомобилот без квалитетно масло во моторот. Колку и да е од добар квалитет вашиот брак, тој секогаш може да биде уште подобар. Затоа секој совет е добредојден, бидејќи може да го спаси вашиот брак или може да ја подобри емоционалната клима во која се движите како брачни партнери.
Разбирањето на петте јазици на љубовта и учењето на примарниот јазик на вашиот партнер може значајно да влијае на вашето и на неговото однесување. Луѓето почнуваат поинаку да се однесуваат кога нивните резервоари за љубов се полни.