Во периодот на врска ние мораме да се бориме со тенденцијата да го исполниме она што недостасува во нашето знаење за другата личност. Мораме нашите емоции засновани на фантазија, да ги замениме со емоции кои се засновани на реалноста. Ако не знаеме нешто за него или за неа, треба да зборуваме, да поставуваме прашања, и да откриеме кои се тие навистина – нивните вредности, нивните мотивации, нивните цели. Ние мораме да отидеме позади типичното површинско состанување и однесувањето и активностите на другата личност да ги набљудуваме низ призмата на реалниот живот – во семејството, во духовниот живот, со пријателите, со верниците од црква, како се справува со притисокот на работа, итн. Врската треба да биде време кога треба да согледаат доброто, лошото, и грдото во оние кои ги сакаме. Само тогаш нашите емоции и одлуки за врската можат да бидат засновани на факти. Разумната романса не ги презира ниту ги исфрла емоциите и страста. Туку нè повикува да бидеме сигурни дека овие чувства се резултат од реалноста, не од замислено верување или фантазирање. Треба да го сакаме вистинскиот карактер на некој кој го освоил нашето срце. Сакаме нашите емоции да одговорат на она што тој/таа навистина сè, и на вистинската состојба на врската.
Дали сме подготвени за врска?
Проблемот кој ние го гледаме во врските денес – нетрпеливоста, недостаток на цел, и погрешно протолкувани емоции – сите се израз на безумноста. Потребна ни е мудрост. Мудроста ја надополнува романсата. Како што врвката е закачена на леталото, мудроста не и дозволува на романсата да подиви. Таа ја заштитува, ја дисциплинира, и ја донесува до највисоките цели. Повторно тензијата е добра.
Кога емоционалниот ветар ќе стане опасно силен, мудроста го спушта леталото долу на безбедно за да не биде уништено.
На прашањето кога да се започне со врска можеме да одговориме дека сме подготвени за врска тогаш кога можеме да ја споиме романсата со мудроста.
Дури и ако сте веќе во врска можете да ја насочите во врска водена од Бог, доколку и двајцата партнери се потчините на боженствената мудрост. Ако само едната личност ја има оваа цел, обидот врската да се рефокусира во врска водена од Бог, всушност и нема да биде успешен. Подобро е да се стисне копчето за пауза во врската за да можете со молитва и со чесно преиспитување да заклучите дали сте подготвени за да продолжите во романса, која е водена со мудрост.
Всушност подобро е претходно наведените точки да ги преформулираме во облик на прашања за да ви помогнат да ја преиспитате својата подготвеност за врска:
Дали сте способни да бидете трпеливи? Не е погрешно да се посакува брак. Но кои се вашите мотиви за започнување на врска? Дали е тоа довербата дека сте подготвени за брак и дека Бог донел некој/а посветен/а во вашиот живот? Или пак е во прашање нетрпеливост? Дали вашиот живот е карактеризиран со мир или со постојан немир? Не започнувајте врска сè додека не сте подготвени да бидете трпеливи.
Можете ли да поставите јасна цел за врската? Не можете да имате врска со цел, ако целта е далеку од бракот. Ако немате желба врската да успее и да напредува во веридба и брак во разумен период на време, тогаш не би требало воопшто да влегувате во врска.
Дали вашите емоции се засновани на реалноста? Не заборавајте дека емоции се резултат на вредностите и перцепцијата. Прво, дали ги имате вистинските вредности за врска? Можеби вие штотуку станавте христијанин или штотуку сте почнале да го почитувате Бога во овој дел од својот живот. Во таков случај не влегувајте во врска пребрзо. Бидете сигурни дека знаете што Бог вели за она што е важно кај партнерот и што е она што го прави бракот здрав. Како второ, каква е вашата перцепција? Дали вие јасно ја гледате каква е состојбата со вас и со личноста за која сте заинтересирани? Дали примате совет од други? Дали сте одвоиле време да научите повеќе за карактерот на другата личност? Не ги следете своите чувства сè додека не ги преиспитате.
Вистинското време и возраст за да се започне подготовка за брак за секој од нас е различно. Но она што сите го имаме заедничко е чекањето додека романсата не биде водена од мудроста. Тогаш можеме да искусиме врска во вистинско време, со јасна цел и со бистра глава. Ова е најдоброто за романсата. Сите можат да имаат страствени чувства, но само оние кои ја барат Божјата цел и време можат да ја знаат вистинската радост за исполнетата романтична љубов.