(Прв ден)

За сите оние кои сакаат да се борат за својот брак следува серија од предизвици, кои доколку успеете да ги исполните, ќе ви донесат неверојатна промена во вашиот брак. Овие предизвици се тежок процес, но истовремено е процес кој нуди неверојатно задоволство. За прифаќање на овој „Предизвик на љубовта“ потребна е одлучност и непоколебливост.

Тоа не треба да се сфати како проба или краток текст, и оние кои брзо се откажуваат ќе останат без неговите главни предности. Ако му се посветите на овој процес секој ден, неговиот исход ќе го промени вашиот живот и вашиот брак. Сметајте го ова за предизвик кој ви го упатуваат оние кои тоа го направиле пред вас и кои ги уживаат резултатите од него.

Светото Писмо (Библијата) вели дека Бог го осмислил и го создал бракот како нешто добро. Тој е прекрасен и непроценлив дар. Бог го употребува бракот да ни помогне да ја избегнеме осаменоста, да ги зголемиме своите способности, да основаме семејство, да воспитуваме деца, да уживаме во животот и да нѐ благослови со близината во односите. Но освен тоа, бракот ни укажува и на нашата потреба да напредуваме и да се соочиме со личните проблеми и личната себичност, со помош на нашиот животен партнер. Ако сме подготвени да учиме, ќе го научиме она што е најважно во бракот – да сакаме. Оваа цврста заедница ни пружа можност да научиме безусловно да ја сакаме другата несовршена личност. Тоа е прекрасно. Тоа е тешко. И тоа го менува животот.

Овде станува збор за љубовта. Станува збор за учењето и смелоста да се живее живот исполнет со односи пронижени со љубов. И ова патување започнува со личноста која ви е најблиска – со вашиот/вашата сопружник/сопружничка. Нека Бог ве благослови додека ја започнувате оваа авантура, но, бидете сигурни во ова: таа ќе бара храброст.

Ако го прифатите овој предизвик, морате да ја прифатите и замислата дека наместо да го следите своето срце, вие одлучувате да го насочувате. Светот ви зборува дека треба да го следите своето срце, но ако вие не го насочувате, тогаш нешто или некој друг го насочува. Библијата ни вели дека срцето „е поизмамливо од сѐ“ (Еремија 17:9), и тоа секогаш ќе се поведе по она, што во тој момент му се чини исправно.

Ве повикуваме да се осмелите да размислувате поинаку – одлучувајќи да го насочувате своето срце кон она што долгорочно гледано е најдобро. Тоа е клучно за воспоставување на трајни и задоволувачки односи.

Патувањето низ „Предизвик на љубовта“ не е процес со кој се обидуваме да го промениме вашиот/вашата сопружник/сопружничка, за да стане личност каква што сакате да стане. До сега без сомнеж сте откриле дека напорите да го промените својот животен партнер завршувале само со неуспех и разочарување.

Патувањето низ „Предизвикот на љубовта“ е повеќе патување на истражување, на покажување на вистинска љубов, дури и тогаш кога немаме таква желба и мотив. Всушност, љубовта е одлука, а не само чувство. Таа е несебична, пожртвувана и преобразувачка. И кога љубовта искрено се покажува, што е и нејзина цел, вашиот однос најверојатно ќе се промени на подобро.

Секој ден од ова патување ќе содржи три многу важни елементи:

Прво: Ќе биде разгледуван некој единствен облик на љубовта. Прочитајте го внимателно секој од нив и бидете отворени за ново сфаќање на значењето на вистинската љубов.

Второ: Ќе ви биде упатен одреден предизвик во врска со она што треба да го направите за својот брачен другар. Некои предизвици ќе бидат лесни, а од некои ќе се очекува многу. Но сфатете го сериозно секој еден од нив, и бидете доволно креативни и храбри да се обидете. Немојте да се обесхрабрите ако надворешните влијанија ве спречат да исполните одреден предизвик. Само приберете се колку што можете побрзо и продолжете го патувањето.

Последно: Добро е да водите дневник за тоа што сте научиле и што сте направиле, и како вашиот/вашата сопружник/сопружничка реагира на тоа. Важно е да ја искористите предноста од водење дневник за да забележете и да напишете што се случува во текот на патот, и со вас, и со вашиот/вашата сопружник/сопружничка. Овие белешки ќе покажат како напредувате и подоцна би требало да ви станат исклучително важни.

Запомнете, вие имате одговорност да го заштитите и да го насочувате своето срце. Немојте да се откажете и не обесхрабрувајте се. Бидете одлучни да го насочувате своето срце и да успеете во тоа до крај. Да научите вистински да сакате е една од најважните работи кои некогаш ќе ја направите.

„А сега остануваат овие три: верата, надежта и љубовта, но љубовта е најголема од нив.“ (1-во Коринтјани 13:13; Библија)

„Ако ги зборувам човечките и ангелските јазици, а љубов немам – тогаш сум бронза што ѕвони, или кимвал што ѕвечи. И ако имам дар за пророкување, и да ги знам сите тајни и сите знаења; и ако ја имам сета вера, така што да преместува и планини, а љубов немам – ништо не сум. И ако го раздадам целиот свој имот, за да ги нахранам бедните; и ако го предадам своето тело, да биде изгорено, а љубов немам, ништо не ми ползува.“ (1-во Коринтјаните 13:1-3; Библија)

 

Pin It on Pinterest