[Патот кон Христа – второ поглавје]

При создавањето на човекот му биле подарени благородни способности и добро урамнотежен ум. Бил совршен како суштество и во совршена хармонија со Бога. Неговите мисли биле чисти, неговите цели свети. Но непослушноста ги изопачила неговите способности и наместо љубовта се појавила себичност. Престапот во толкава мера ја ослабел неговата природа, што со своја сила воопшто не можел повеќе да ѝ се противстави на силата на злото. Станал роб на сатаната и засекогаш би останал тоа кога не би се вмешал сам Бог. Искушувачот имал намера да го осуети планот со кој Бог го создал човекот и земјата да ја исполни со тага и очај. Сите тие зла сакал да ги претстави како последица на Божјето дело на создавањето на човекот.

Во својата безгрешна состојба, човекот одржувал радосна врска со Оној во кого „се скриени сите богатства на мудроста и на знаењето“ (Колошаните 2,3). Но, откако паднал во грев, светоста не му создавала веќе радост, и тој се обидел да се скрие од Божјето присуство. Непрероденото срце и сега се наоѓа во таква состојба. Тоа не е во хармонија со Бога, ниту пак наоѓа радост во заедницата со него. Грешникот не би можел да биде среќен во Божје присуство; нему друштвото на светите суштества би му било непријатно. И кога би му било дозволено да дојде на небото, тој таму не би чувствувал никаква радост. Духот на несебична љубов што владее таму – секое срце е соединето со срцето на бесконечната Љубов – не би нашол одглас во неговата душа. Неговите мисли, неговите интереси, неговите побуди – сè би било во расчекор со она што ги движи безгрешните небесни жители. Тој би бил нехармонична нота во небесната мелодија. За него небото би било место на мачење; тој би копнеел да се скрие од Оној кој е светлина и извор на радост на небото. Бог не решил самоволно да ги исклучи грешните од небото; тие сами се исклучуваат со својата непогодност за небесната заедница. Божјата слава за нив би била оган кој уништува. Тие радо би прифатиле да бидат уништени само да се скријат од лицето на Оној кој умрел за да ги откупи.

Ние не можеме сами да се избавиме од понорот на гревот во кој сме паднале. Нашите срца се грешни и ние не можеме да ги промениме. „Кој ќе извади чисто од нечисто? Никој!“ „Зашто телесното мудрување е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот закон ниту пак може“ (Книгата за Јов 14,4; Римјаните 8,7). Образованието, културата, волјата, човечките напори – сето тоа има свое место, свое подрачје на дејствување, но овде е беспомошно. Можеби со тоа може да се постигне формална коректност во однесувањето, но не може да се промени срцето; не можат да се исчистат изворите на животот. Мора да постои сила која дејствува однатре, нов живот озгора за човекот да може да се промени, да го остави гревот и да стане свет. Таа сила е Христос. Само неговата милост може да ги оживее замрените способности на душата и да ги привлече кон Бога, кон светоста.

Спасителот рекол: „Ако некој не се прероди“, ако не добие ново срце, нови желби, нови намери и побуди што водат во нов живот, „тој не може да го види Божјето царство“ (Јован 3,3). Мислата дека е доволно да се развива само она добро што кај човекот постои по природа е судбоносна заблуда. „А телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и не може да го разбере, зашто тоа треба да се расудува на духовен начин.“ „Не чуди се што ти реков: треба да се родите озгора“ (1 Коринќаните 2,14; Јован 3,7). За Христа е напишано: „Во него суштествуваше живот и животот им беше светлина на луѓето.“ „Ниту има друго име под небото дадено на луѓето преку кое можеме да се спасиме“ (Јован 1,4; Дела 4,12).

Не е доволно да се почувствува Божјата благост, да се види добронамерноста и татковската нежност на неговиот карактер. Не е доволно да се разбере мудроста и праведноста на неговиот Закон, да се сфати дека тој се темели врз вечното начело на љубовта. Апостол Павле сето тоа го видел кога извикнал: „Се согласувам со Законот дека е добар!“ „Затоа Законот е свет и заповедта е света, праведна и добра!“ Но, полн со горчина што произлегувала од неговите душевни маки и проникнат со очај, тој додава: „А јас сум телесен, продаден на гревот“ (Римјаните 7,16.12.14). Тој копнеел за чистота, за праведност што не можел да ја постигне со своја сила, и извикнува: „Јас, несреќен човек! Кој ќе ме избави од ова смртно тело?“ (Римјаните 7,24). Истиот извик се истргнувал од уморните срца во сите земји и во сите времиња. Но, на сите може да им се даде само еден единствен одговор: „Еве го Божјето Јагне кое ги зема на себе гревовите на светот!“ (Јован 1,29).

Божјиот Дух се обидувал оваа вистина симболички да ја прикаже на многу начини и да им ја објасни на душите што копнеат да се ослободат од товарот на вината. Кога бегал од домот на својот татко, откако згрешил, измамувајќи го Исава, Јаков бил оптоварен со чувство на вина. Осамен и во прогонство, одвоен од сè што на неговиот живот му давало полнина, неговата душа повеќе од сè ја мачела мисла, страв неговиот грев да не го одвоил од Бога, да не го отфрлило Небото. Скршен од жалост, легнал на гола земја да се одмори, опкружен со осамени ритчиња и со ѕвездено небо над себе. Додека спиел, го обзела чудна светлина и тој видел како од полјанката на која лежел се издигнуваат нејасни контури на бескрајна скала кон небото сè до небесната врата, скала полна со Божји ангели кои се качувале и слегувале, а од славните височини слушал божествен глас кој му објавувал вест на утеха и надеж. Така Јаков го запознал Оној што ќе ги задоволи потребите и копнежите на неговата душа – Спасителот. Исполнет со радост и благодарност, го гледал покажаниот пат на кој тој, грешник, може да има заедница со Бога. Таинствената скала од неговиот сон го претставувала Исуса, единствениот посредник меѓу Бога и луѓето.

Тоа бил истиот симбол на кој се повикал Христос во разговорот со Натанаила кога рекол: „Ќе ги гледате небесата отворени и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат кај Синот човечки“ (Јован 1,51). Одметнувајќи се, човекот се одвоил од Бога; земјата била отсечена од небото. Преку бездната што ги раздејствувала не можело да има заедница. Но преку Христа земјата е поврзана со небото. Со своите заслуги Христос ја премостил бездната што ја создал гревот, така што ангелите-помошници можат да одржуваат врска со луѓето. Христос го поврзал грешниот, слабиот и беспомошен човек со Изворот на бесконечната сила.

Но напразни се сите човечки соништа за напредок, залудни се сите напори човештвото да се издигне ако се занемарува единствениот Извор на надеж и помош за грешниот човечки род. „Секое добиено добро и секој совршен дар“ (Јаков 1,17) доаѓа од Бога. Без него нема вистинско совршенство на карактерот. А единствен пат кон Бога е Христос. Тој вели: „Јас сум пат, вистина и живот; никој не доаѓа кај Отецот освен преку мене“ (Јован 14,6).

Божјето срце копнее за своите деца на земјата со љубов која е посилна од смртта. Давајќи го својот Син, во тој еден дар, Тој ни го подарил целото небо. Животот на Спасителот, неговата смрт и посредување, службата на ангелите, молитвите на Духот, севкупното залагање на Отецот, постојаната активност на небесните суштества – сето тоа е ставено во служба за откуп на човекот.

О, да размислуваме за чудесната жртва што била принесена за нас! Да се обидеме да ги процениме трудот и енергијата што ги вложува Небото за повторно да ги задобие загубените и да ги врати во домот на Отецот. Никогаш не би можеле да се стават во движење посилни поттици и посилни средства; несфатливата награда на оној што прави добро, небесните радости, друштвото со ангелите, заедницата и љубовта на Бога и на неговиот Син, усовршувањето и развивањето на сите наши способности во текот на вечните времиња – зар тоа не се доволно силни поттици и охрабрувања да нè натераат нашите срца да ги ставиме во доброволна служба на нашиот Творец и Откупител?

А од друга страна, Божјата реч ни ја изнесува осудата што ја изрекол Бог против гревот, неизбежната казна, пропаста на нашиот карактер и конечното уништување како опомена да не му служиме на сатаната.

Зар нема да ја цениме Божјата милост? Што уште би можел Тој да стори? Да воспоставиме правилен однос со Оној кој силно нè сака. Да се послужиме со средствата што ни ги ставил на располагање за да можеме да се преобразиме, да се здобиеме со негов лик, повторно да воспоставиме заедница со ангелите кои ни служат, да ја обновиме хармонијата и врската со Отецот и со Синот.

Pin It on Pinterest