[Патот кон Христа – прво поглавје]

Природата и откровението ни сведочат за Божјата љубов. Нашиот небесен Отец е извор на животот, на мудроста и радоста. Погледнете ги чудесата и убавините на природата! Помислете на нивната прекрасна приспособеност кон потребите и среќата, не само на човекот, туку и на сите живи суштества! Сончевата светлина и дождот, кои ја оживуваат и ја освежуваат земјата, ридовите, морињата и рамнините, ни зборуваат за љубовта на Творецот. Бог ги задоволува секојдневните потреби на сите свои суштества. Според прекрасните зборови на псалмистот,

„Очите на сите се насочени кон Тебе,и Ти им даваш храна на време. Својата дланка ја отвораш и сите живи суштества по желба ги наситуваш!“ (Псалм 145,15.16.)

Бог го создал човекот совршено свет и среќен; а прекрасната земја, кога излегла од рацете на Творецот, не покажувала ниту трага од распаѓање или пак сенка на проклетство. Дури престапот на Божјиот закон – законот на љубовта – донел несреќа и смрт. Па сепак, и среде страдањата, предизвикани со гревот, се открива Божјата љубов. Напишано е дека Бог ја проколнал земјата поради човекот (1 Мојсеева 3,17). Трњето и плевелот – тешкотиите и искушенијата што го исполнуваат неговиот живот со напори и грижи – според Божјиот план се неопходни за негово издигнување од пропаста и изопаченоста што ги донел гревот. Иако е потонат во грев, светот не е исполнет само со жалост и беда. Природата ни упатува пораки на надеж и утеха. На боцките цути цвеќе, а трњето се обвиени со рози.

„Бог е љубов“ – е запишано на секоја пупка што цути, на секоја нежна тревка. Прекрасните птици, кои го исполнуваат просторот со волшебни мелодии на своите весели песни, совршените цутови со нежни бои, кои го даруваат воздухот со чудесни мириси, богато разлистените и зелени величествени шумски дрвја – сето тоа сведочи за нежната татковска грижа на нашиот Бог и за неговата желба своите деца да ги стори среќни.

Божјата реч (Библијата) го открива неговиот карактер. Лично Тој ја објавил својата неограничена љубов и милосрдие. Кога Мојсеј се молел: „Покажи ми ја својата слава!“, Господ одговорил: „Ќе дозволам пред тебе да помине сиот мој сјај“ (2 Мојсеева 33,18.19). Бог поминал покрај Мојсеја објавувајќи: „Господ, Господ, Бог милослив, жалослив, долготрпелив, богат со љубов и верност, покажува милост кон илјадници, проштава беззаконија, неправди и гревови“ (2 Мојсеева 34,6.7). Тој е „долготрпелив и богат со милосрдие“, „зашто му е мила милоста“ (Јона 4,2; Михеј 7,18).

Бог ги поврзал нашите срца со себе со безброј знаци и на небото и на земјата. Тој се труди да ни се открие себеси преку чудесата на природата, преку најдлабоките и најнежни земни врски што може да ги запознае човечкото срце. Но сето тоа непотполно ни ја открива неговата љубов. Иако ни се дадени сите тие докази, непријателот на доброто во толкава мера го заслепил умот на луѓето, што Бога го гледале со страв, замислувајќи го како свиреп и неумолив господар. Сатаната ги навел луѓето Бога да го замислуваат како суштество чијашто основна особина е крута праведност – како свиреп судија, безмилосен и строг доверител. Тој Творецот го претставувал како суштество кое со недоверливо око ги посматра луѓето за да ги пронајде нивните заблуди и грешки и да ги казни. За да ја отстрани оваа темна сенка, и да му ја открие на светот бесконечната Божја љубов, Исус дошол да живее меѓу луѓето.

Божјиот Син дошол од небото да го објави Отецот. „Бога никој никогаш не го видел; единородниот Син, кој е во прегратките на Отецот, Тој го јави“ (Јован 1,18). „И никој не го познава Синот, освен Отецот; ниту некој го познава Отецот, освен Синот, и оној кому Синот сака да му го открие“ (Матеј 11,27). Кога еден од учениците побарал: „Господе, покажи ни го Отецот“, Исус одговорил: „Толку време сум со вас и не ме позна ли, Филипе. Кој ме видел мене, го видел и Отецот; тогаш како велиш ти: Покажи ни го Отецот?“ (Јован 14,8.9).

Опишувајќи ја својата мисија на земјата, Исус рекол: „Господ ме помаза и ме прати да им носам радосна вест на сиромасите; да им навестам ослободување на заробените, прогледување на слепите, пуштање на слобода на напатените“ (Лука 4,18). Тоа било негово дело. Тој „проживеа правејќи добрини и исцелувајќи ги сите кои ѓаволот ги измачуваше“ (Делата на апостолите 10,38). Имало цели села во кои не се слушнал извик на болка од ниедна куќа, бидејќи Тој поминал низ нив и ги исцелил сите болни. Неговото дело било доказ за неговото божествено помазание. Во секое дело на неговиот живот се откривале љубов, милосрдие и сомилост; неговото срце било полно со нежно сочувство кон човечките синови. Тој зел човечка природа за да може да ги сфати потребите на човекот. Најсиромашните и најпонижените не се плашеле да му пристапат. Дури и малечките деца ја чувствувале неговата привлечност. Тие се качувале на неговите колена и седеле во неговиот скут да го гледаат неговото замислено лице, добродушно и полно со љубов.

Исус не се притеснувал да ја каже вистината, но тоа секогаш го правел со љубов. Во своето однесување со луѓето бил мошне тактичен и им укажувал промислено и љубезно внимание. Никогаш не бил груб, никогаш не изговорил непотребно некој остар збор, никогаш не ѝ нанел непотребна болка на чувствителната душа. Не ги осудувал човечките слабости. Ја зборувал вистината, но секогаш со љубов. Ги жигосал лицемерството, неверноста и беззаконието; но, додека изговарал остри прекори, во неговиот глас се чувствувала болка. Плачел над саканиот град Ерусалим, кој одбил да го прими него – Патот, Вистината и Животот. Го отфрлиле него, Спасителот, а Тој им пристапувал со нежност и сожалување. Животот му бил исполнет со самооткажување и со внимателна грижа за другите. Секоја душа била драгоцена во неговите очи. Иако секогаш внимавал на своето божествено достоинство, со најнежно внимание се наведнувал над секој припадник на Божјето семејство. Во секој човек гледал потклекната душа заради чиешто спасение дошол.

Таков карактер открил Христос во својот живот. Тоа бил Божји карактер. Од срцето на Отецот всушност потекле реки на божествено сожалување што се покажале во Христа и се излеале врз човечките синови. Нежниот, милослив Спасител, Исус, бил Бог кој се „јави во тело“
(1 Тимотеј 3,16).

За да нè спаси, Исус и живеел, и трпел и умрел. Станал „Човек на болката“ за ние да можеме да имаме дел во вечната радост. Бог му дозволил на својот сакан Син, полн со милост и со вистина, од свет на неопишана слава да дојде во свет извалкан и расипан со грев, затемнет со сенка на смрт и проклетство. Му дозволил да ги остави прегратките на неговата љубов, да се откаже од обожавањето на ангелите и да трпи срам, подбивања, понижувања, омраза и смрт. „Казната што ни дава мир падна врз него и со неговата рана ние се исцеливме“ (Исаија 53,5). Гледајте го во пустината, во Гетсиманија, на крстот! Неизвалканиот Божји Син го зел на себе товарот на гревот. Тој, кој бил едно со Бога, ја почувствувал во својата душа страшната разделба меѓу Бога и човекот предизвикана со гревот. Тоа предизвикало од неговите усни да се оттргне очајниот извик: „Боже мој, Боже мој, зошто ме напушти?“ (Матеј 27,46). Товарот на гревот, свеста за неговата ужасна тежина, свеста за одвојувањето на душата од Бога – ете тоа го скршило срцето на Божјиот Син.

Но таа голема жртва не била принесена со цел во срцето на Отецот да се разбуди љубов кон човекот или желба да го спаси. Не, не! „Зашто Бог толку го милее светот, што го даде и својот единороден Син“ (Јован 3,16). Отецот нас нè сака не поради таа голема жртва на помирување, туку Тој се погрижил за жртвата на помирување затоа што нè сака. Христос бил посредник преку кого Тој ја излеал својата неизмерна љубов врз грешниот свет. „Бог беше оној кој го помири светот со себе во Христа“ (2 Коринќ. 5,19). Бог страдал заедно со својот Син. Претсмртната борба во Гетсиманија, смртта на Голгота – тоа била цената што срцето на бесконечната Љубов ја платило за нашиот откуп.

Исус рекол: „Отецот ме љуби затоа што јас го давам својот живот за повторно да го земам“ (Јован 10,17). Тоа значи: „Мојот Отец толку ве љуби вас, што дури и мене повеќе ме засака затоа што го дадов својот живот за да ве избавам. Отецот ме сака затоа што јас станав ваш заменик и ваша гаранција, положувајќи го мојот живот и преземајќи ги вашите долгови, вашите престапи; Тој ме сака затоа што со мојата жртва Бог може да биде праведен, а сепак да го оправда оној што верува во Исуса!“

Никој, освен Божјиот Син, не можел нас да нè откупи. Отецот можел да го објави само Оној кој бил во неговите прегратки. Божјата љубов можел да ја објави само Оној кој ги запознал нејзините длабини и височини. Само бесконечната жртва што ја принел Христос за грешниот човек можела да ја изрази љубовта на Отецот кон загубеното човештво.

„Зашто Бог толку го милее светот, што го даде и својот единороден Син“. Тој својот Син не го дал само да живее меѓу луѓето, само да ги носи нивните гревови и да умре како жртва за нив. Тој него му го подарил на грешниот род. Христос морал да се поистовети со интересите и со потребите на човештвото. Тој, кој бил едно со Бога, се врзал со човечките синови со врски што никогаш не смеат да се прекинат. Иус „не се срами да ги нарече браќа“ (Евреите 2,11); Тој е наша жртва, наш застапник, наш брат, кој и пред престолот на Отецот го носи нашиот лик и кој во текот на вечноста ќе остане соединет со човечкиот род што го откупил – Син човечки. А сето тоа е сторено за човекот да може да се подигне од пропаста и од понижувањата предизвикани со гревот, за да може да ја одразува Божјата љубов и да учествува во радоста што ја донесува светоста.

Цената платена за нашиот откуп, бесконечната жртва што ја принел нашиот небесен Отец, давајќи го својот Син да умре за нас – тоа би требало да нè вдахне со возвишени мисли за она што би можеле да станеме во Христа. Гледајќи ја висината, длабината и ширината на љубовта на Отецот кон родот што умира, вдахновениот апостол Јован бил проникнат со обожавање и со страхопочит; и, не наоѓајќи згодни зборови да ја изрази големината и нежноста на таа љубов, тој го повикува светот да ја посматра: „Гледајте каква љубов ни дарувал Отецот: да се нарекуваме Божји деца“ (1 Јованово 3,1). Каква вредност му дава тоа на човекот! Престапот човечките синови ги сторил следбеници на сатаната. Со вера во Христовата жртва помирница Адамовите синови можат да станат Божји синови. Земајќи човечка природа, Христос го издигнал човештвото. Грешните луѓе, поврзани со Христа, добиле можност навистина да станат достојни за името „синови Божји“.

Таа љубов е неспоредлива. Деца на небесниот Цар! Колку драгоцено ветување! Тема за најдлабоко размислување! О ненадмината Божја љубов кон светот што не го љубел! Оваа мисла има моќ да ја скроти душата и умот да ѝ го потчини на Божјата волја. Колку повеќе го проучуваме божествениот карактер во светлината на крстот, сè појасно ја откриваме милоста, нежноста и проштавањето, поврзани со непристрасност и праведност; сè појасни ни стануваат неброените докази на бесконечната љубов и на нежното милосрдие што ја надминуваат копнежливата љубов на мајката кон заскитаното чедо.

Pin It on Pinterest