Повеќето од нас влегуваат во брак во фаза на заљубеност. Среќаваме некого чиишто физички карактеристики и личност упатуваат доволно силен електричен шок за да го поттикнат нашиот „љубовен аларм“.  Ѕвончето заѕвонува и се фрламе на запознавање на таа личност. Првиот чекор може да биде одење во ресторан, но ние секако не сме заинтересирани за храната. Ние всушност сме тргнале во потрага за љубов. Се прашуваме дали тоа треперливо жешко чувство во нас е она вистинското.

Понекогаш треперењето се гасне уште на првата средба. Откриваме дека нашиот нов познаник има некои лоши манири, по што треперењето престанува и со него повеќе не сакаме да одиме на други средби.

Mеѓутоа, во други ситуации, треперењето е посилно после ресторанот отколку пред него. Договараме уште неколку средби и за кратко време нивото на чувство се подига до границите кога себеси се фаќаме како признаваме: „Мислам дека се заљубив!“.

На крајот стануваме сигурни дека нашето чувство е „она вистинското“ и тоа го признаваме на другата личност во надеж дека чувството е обострано. – Ако не е обострано, или воодушевувањето се лади, или ги дуплираме своите напори во желбата да ја придобиеме љубовта на саканата личност.

Доколку чувствата се взаемни, почнуваме да разговараме за брак, бидејќи сите мислат дека заљубеноста е неопходен темел за добар брак.

Пред венчавката мечтаеме за брачната среќа. Додека сме заљубени, сигурни сме дека ни е достижна. На својот врв, состојбата на заљубеност е еуфорична. Емоционално сме опседнати еден со друг. Одиме во кревет размислувајќи еден за друг. Кога се будиме, саканата личност ни е прва во мислите. Копнееме да бидеме заедно. Заедничките поминати моменти ни изгледаат како предворје на рајот.

Кога се држиме за раце, чувствуваме како крвта да ни тече низ заеднички вени. Би можеле бескрајно да се бакнуваме и да престанеме да одиме на работа.

Заљубената личност негува илузии дека саканата личност е без никакви недостатоци. Дури и нејзината мајката ѝ наоѓа маани, но не и тој. Неговата мајка го опоменува за недостатоците, но тој не сака да слуша. И неговите пријатели ги забележуваат недостатоците, но се плашат да му кажат затоа што тој мисли дека таа е совршена и не му е гајле што мислат другите.

Пред венчавање мечтаеме за брачната среќа, иако разумот ни вели дека ќе се покажат разликите помеѓу нас. Меѓутоа, ние сме уверени дека за разликите ќе разговараме отворено и искрено и дека секогаш ќе бидеме подготвени на компромис.

Кога личноста е заљубена тешко ѝ е да мисли поинаку. Заљубеноста нѐ наведува на верување дека нашата љубов ќе трае вечно. Секогаш ќе се опиваме со прекрасните чувства кои сега нѐ обземаат. Ништо нема да може да се испречи помеѓу нас. Ништо нема да биде во состојба да ја совлада нашата взаемна љубов. Заљубени сме и фатени сме во мрежата на шармот и убавината на другата личност. Нашата љубов е нешто најубаво што дотогаш сме го искусиле.

Кога забележуваме дека некои брачни парови го изгубиле тоа чувство велиме дека нам тоа никогаш нема да ни се случи. За жал, вечното траење на заљубеноста е измислица, а не факт. Според повеќе истражувања дојдено е до заклучок дека просечениот век на траење на романтичната заљубеност изнесува околу две години, во некои случаи и нешто повеќе.

На крајот, сепак се спуштаме од облакот и повторно застануваме на цврсто тло. Очите ни се отвараат и го гледаме недостатокот на другата личност. Откриваме дека некои нејзини особини ни „одат на нерви“. Нејзиното однесување ни смета. Таа е во состојба да нѐ повреди, да се разбесни, да изговори груби зборови и критички забелешки. Овие ситни карактеристики, кои, додека сме биле заљубени не сме ги виделе, сега ни изгледаат многу големи и важни.

Се потсетуваме на советите од нашата мајка и се прашуваме како сме можеле да не го согледаме тоа.

После будењето од пијанството на заљубеност, добродојдовте во брачната реалност во која секогаш има ѓубре за фрлање, огледалото е извалкано, каде се расправаме за тоа дали капакот на шолјата треба да биде кренат или спуштен, пастата за заби затворена…. Ова е свет во кој погледот може да нѐ повреди, а зборот да нѐ уништи. Заљубените можат да станат смртни непријатели, а бракот бојно поле.

Што се случило со чувството на заљубеност? – За жал тоа била само занесеност, која нѐ навела да ги ставиме своите имиња на документот за вечното заедништво, и во добро, и во зло.

Не е никакво чудо што многумина го проколнуваат бракот и партнерот кој некогаш го сакале. Всушност, бидејќи сме измамени имаме право да се лутиме.

Дали навистина во рацете ја имаме „вистинската работа“?
– Секако, само информациите за неа биле погрешни. Погрешната информација била дека заљубеноста вечно ќе постои. Би требало да бидеме помудри. Набљудувањето би нѐ навело на заклучок дека и целото човештво би било загрозено кога луѓето би останале во состојба на опседнатост.

Затоа што заљубените луѓе губат интерес за сите останати работи, па затоа и оваа состојба ја нарекуваме „опседнатост“.

Кога сме заљубени сѐ останато ни изгледа неважно. Еуфоријата на заљубеност ни дава илузија дека сме воспоставиле тесна врска. Чувствуваме дека си припаѓаме еден на друг. Веруваме дека можеме да ги совладаме сите проблеми. Чувствуваме дека на саканата личност не би можеле да ѝ наштетиме. Таквата опседнатост ни пружа лажно чувство дека сме се ослободиле од својата себичност и дека сме подготвени да жртвуваме сѐ за саканата личност.

Причината зошто сме подготвени на сите тие жртви е нашата сигурност дека саканата личност била подготвена да направи сѐ за нас. Веруваме дека и таа се посветува на задоволување на нашите желби, дека нѐ сака со иста мера и дека никогаш не би можела да направи било што за да нѐ повреди. Но, таквото размислување е далеку од реалноста. Ние не сме неискрени во своите размислувања, туку нереални. Не ја земаме во предвид реалноста на човечката природа. По својата природа, сите ние сме егоцентрични. Никој не е целосно алтруистичен. Само еуфоријата на заљубеност ни дава таков привид. Кога состојбата на заљубеност ќе тргне по својот природен тек, сетете се дека таа трае околу две години, ние се враќаме во свет на реалноста и почнуваме да ги бараме своите права.

Тој ќе почне да ги изразува своите желби и тие ќе се разликуваат од нејзините. Тој сака да гледа фудбал, а таа не. Таа сака да разговараат, а тој не. Малку по малку привидната близина се расплинува, а на површина избиваат желбите, чувствата, размислувањата и однесувањата. Повторно се во прашање две различни личности. Нивните мисли не се стопиле, а нивните чувства само накратко се промешале во океанот на љубовта.

Сега, брановите на реалноста почнуваат да се раздвојуваат. Не се повеќе заљубени и во таа фаза се повлекуваат, одвојуваат, разведуваат, трнуваат во потрага за ново доживување на заљубеност, или пак, што е многу подобро, почнуваат сериозно да работат на тоа да научат да се сакаат еден со друг без еуфорија на опседнатост со љубов.

Состојбата на заљубеност не е насочена кон личен развој или напредок на заљубените. Таа остава впечаток дека веќе сме ја постигнале целта.

Некои психолози сметаат дека состојбата на заљубеност воопшто не би смеела да се нарекува љубов, бидејќи заљубеноста сосема се разликува од вистинската љубов. Најмалку три причини го потврдуваат тоа:

Прво, заљубувањето не е чин на волјата или на свесниот избор. Без оглед на тоа колку сакате да се заљубите, тоа не можете да го постигнете со сила. Од друга страна, ако и не ја сакаме таа состојба, таа нѐ обзема одеднаш. Па така често се заљубуваме во несоодветна личност.

Како второ, заљубувањето не е вистинска љубов, затоа што нè доведува до состојба на не ограничување. Што и да правиме во состојба на заљубеност, го правиме без свесен напор да се ограничиме себеси во било што. Долгите телефонски разговори, скапите поклони, делата кои ги правиме, сето тоа ни се чини како само по себе разбирливо и природно. Како што нагонската природа ја поттикнува птицата да направи гнездо, така нашата нагонска природа во состојба на заљубеност нѐ наведува едни за други да правиме необични и неприродни дела.

Трето, заљубената личност не е вистински заинтересирана да работи на личниот развој на саканото битие. Ако на ум имаме некаква цел, тогаш тоа е настојување да ја прекинеме својата осаменост или врската да ја овековечиме со брак.

Состојбата на заљубеност не се занимава ниту со нашиот личен развој. Наместо тоа ни пружа чувство дека веќе сме стигнале на целта и дека понатамошно напредување воопшто не ни е ниту потребно. Ние веќе се наоѓаме на врвот на животната среќа, и единствена желба ни е овде и да останеме.
Ниту нашата сакана сигурно не мора понатаму да се развива, бидејќи веќе е совршена. Ние едноставно се надеваме дека и ќе остане совршена.

Што е тогаш заљубеноста, ако не е вистинска љубов? – Според еден психолог тоа е генетски предодредена инстиктивна компонента на потребите за продолжување на поколението.

Со други зборови, привремениот колапс на обземеност со себе, која е последица на заљубеност, претставува стереотипна реакција на човечките битија, на конфигурација на внатрешните сексуални нагони и надворешни сексуални стимуланси, за да се зголеми веројатноста на сексуалното парење и стапување со цел да се обезбеди продолжување на поколението.

Без оглед дали вие ќе се сложите со овој заклучок, оние меѓу нас кои се заљубиле и одљубиле најверојатно ќе кажат дека таа состојба нѐ фрла во емоционална орбита која не личи на ништо што до тогаш сме го доживеале. Таа состојба ја исклучува можноста од здраво расудување, и самите себеси се фаќаме да правиме или да го зборуваме она што инаку никогаш не би го правеле, ниту зборувале.

Всушност, кога ќе излеземе од таа состојба на опиеност, многу често се прашуваме, дали воопшто можеме така да се однесуваме. Кога бранот на емоцијата ќе спласне и кога ќе се вратиме во нормална состојба, колку меѓу нас се прашуваат: „Зошто ние двајца воопшто се земавме? Па ние во ништо не се сложуваме.“ Тоа се прашуваме, иако на врвот на опседнатост ни се чинело дека во сѐ се согласуваме, барем во сето важно.

Дали тоа значи дека сега, бидејќи сме влезени во брак, сме соочени само со две можности: да бидеме цел живот несреќни со својот погрешно избран брачен партнер, или да излеземе од брачниот брод и да побараме среќа на некое друго место?

Современите генерации обично го бираат второто решение, додека некогашните останувале на првото.

Истражувањата покажуваат дека постои и трета, многу подобра алтернатива: состојбата на заљубеност да ја препознаеме и одредиме како привремен емоционален излет, а потоа да продолжиме да градиме вистинска љубов со својот брачен партнер.

Тој вид на љубов во суштина е втемелен на емоции, но не е опседнатост. Тоа е љубов која ги обединува разумот и емоциите. Таа ја опфаќа волјата и бара дисциплина, ја препознава потребата за личниот развој и усовршување.

Нашата најосновна емоционална потреба не е да бидеме заљубени, туку да сакаме и да бидеме сакани, да запознаеме и да доживееме љубов која произлегува, не само од емоциите и нагоните, туку и од разумот и способноста на бирање. „Мене ми е потребно некој да ме сака, некој кој ме одбрал како објект на својата љубов, некој кој во мене гледа битие достојно за љубов и доверба.“ Таквиот вид на љубов бара напор и дисциплина, таа ја препознава потребата за личен развој.

Тоа е одлука да се вложи време и енергија во настојување да се помогне на саканата личност, пронижана со сознание дека на тој начин нејзиниот живот ќе биде осмислен и збогатен со сознанието дека и вие самите ќе доживеете чувство на длабоко задоволство, задоволство кое нуди искрена љубов кон другото битие.

За ова задоволство, еуфоријата на заљубеност не е потребна, бидејќи вистинската љубов и не може ниту да започне да се развива сѐ додека не помине состојбата на заљубеност.

Разумна, доброволна љубов е она што ни е потребно. Не можеме себеси да си припишуваме заслуги за благородни и милосрдни дела кои сме ги правеле во состојба на опседнатост. Тогаш нѐ носела нагонска сила која ги надминува нашите вообичаени начини на однесување. Меѓутоа, ако и по враќањето во реалниот свет одлучиме да останеме благородни и милосрдни, тогаш тоа е вистинска љубов.

За да останеме емоционално здрави, мораме да ја задоволиме својата емоционална потреба за љубов. Брачните партнери копнеат за наклонетост и љубов од својот партнер. Ние се чувствуваме сигурни кога знаеме дека партнерот нѐ прифаќа и дека сака внимателно да се грижи за нашето добро. Сите тие емоции сме ги чувствувале во текот на периодот на заљубеност. Сето тоа било убаво додека траело. Грешката била само во тоа што сме мислеле дека ќе трае вечно.

Меѓутоа, во секој прирачник за брак, фазата на заљубеност преставува само воведно поглавје. Она што треба да следи е разумна, доброволна љубов. Тоа е свесна, намерна љубов. Секако, ова е добра вест за оние брачни партнери кои ги изгубиле сите карактеристики на заљубеност. Ако љубовта е свесно бирање, тогаш тие имаат можност да се сакаат кога ќе исчезне заљубеноста и кога ќе се вратат во реалноста. Тој вид на љубов започнува со одредено гледиште и начин на размислување.

Љубовта е гледиште кое вели: „Оженет/омажена сум со тебе и одлучувам дека ќе се грижам за да ти биде добро!“ Во тој случај оној кој ќе одлучи да сака ќе најде веќе соодветен начин да ја изрази својата љубов и да ја оствари својата одлука. „Тоа ми звучи толку празно!“ ќе каже некој. „Каде е тогаш треперењето, возбудувањето, емоциите на сигурност, на сознанието дека се наоѓам на прво место во неговите/нејзините мисли? Како еден на друг да ја задоволиме емоционалната потреба за љубов?“

Ако успееме да го усвоиме гледиштето кое вели „Оженет/омажена сум со тебе и одлучувам дека ќе се грижам за да ти биде добро!“, и ако одлучиме тоа и да го оствариме, тогаш љубовта која ја делиме ќе биде повозбудлива од било што кое сме почувствувале додека сме биле слепо заљубени. Кога емоционалниот резервоар на вашиот партнер е полн и е сигурен во вашата љубов, целиот свет му изгледа полн со радост и тој ќе се труди да ги оствари највисоките животни цели. Но кога резервоарот му е празен, целиот свет му изгледа мрачен и тој најверојатно никогаш нема да го оствари својот животен потенцијал.

Pin It on Pinterest